post

Google Adwords – Клучни зборови

Google Adwords - Клучни зборови

Google Adwords - Клучни зборови

Ќе продолжиме со серијалот за Google Adwords како маркетинг средство. Во претходниот пост насловен како Воведни излагања ги опфативме основите за што претставува Google Adwords и дадовме некои размислувања за тоа како било порано и како треба денес да се процесираат ваквите кампањи. Овој пост како дел од овој серијал е еден од основните бидејќи се однесува на клучните зборови од каде што се започнува.

Што претставуваат клучни зборови?

Како што наведовме во воведот рекламите може да се појават на:

  • Страни со резултати од пребарување – при што Google врз основа на внесениот клучен забор на оној кој бара нешто преку нивниот пребарувач проверува кои реклами се најадекватни и ги прикажува.
  • Страни каде што има интегрирано Adsense – каде врз основа на клучните зборови на таа страна Google определува кои реклами се најадекватни за таа страна.

И во двата случаи посетителот, оној кој бара некаква информација е во центарот на вниманието при прикажување на некоја реклама.

Слободно можеме да кажеме дека клучните зборови се основата која обезбедува оваа маркетинг средство да биде дел од контекстуален маркетинг. Тие се главниот елемент (иако не и единствен) врз основа на кој се определува:

  • Дали една реклама ќе се појави при одредено пребарување или на одреден веб сајт?
  • Кога таа реклама ќе се појави при одредено пребарување или на одреден веб сајт?
  • Каде таа реклама ќе се појави при одредено пребарување или на одреден веб сајт?

Видови на клучни зборови за Google Adwords

Бидејќи со SEO еден веб сајт се бори за органскиот дел од пребарувачите при што има повеќе веб страни со различни информации оптимизирани за различни клучни зборови особено поради фактот што имаме поголема слобода во одлучување за видот на посетителите кои сакаме да ги привлечеме. Додека при Google Adwords треба да бидеме свесни дека секој посетител ќе не чини и одредена сума на пари, а тоа ќе не ограничи да се обидеме секој посетител да го претвориме во купувач.

Затоа кога станува збор за Google Adwords кампањи треба да се внимава да имаме:

  • Купувачки зборови. Секој бизнис продава нешто и секоја маркетинг кампања служи за да поттикне продажба на тоа нешто без разлика дали станува збор за производ и/или услуга. Затоа и основата на ваквите кампањи претставуваат купувачки клучни зборови. Во SEO основни столбови – Столб – 1 Клучни зборови прикажав еден пример каде 6 зборови ги класифицирав во две групи – купувачка група и група за зајакнување на бренд. Идејата е дека некој кој има цел да купи нешто пребарува различен термин од некој кој има цел да најде само информација. На пример, некој кој бара по фраза фитнес трикови бара информација за некои трикови кои ќе му помогнат, додека некој кој бара најдобар фитнес клуб бара листа од фитнес клубови за да избере некој. Најдобрите купувачки зборови се акциони фрази – фрази кои претставуваат акција.
  • Примарни зборови. Овие зборови се носители на една кампања. Тоа се главните зборови околу кои ќе се одвива кампања со една или повеќе реклами. На пример, најдобар фитнес клуб може да биде еден примарен збор или пак носител на секундарните зборови. Целта е како што кажавме во воведните излагања дека за секој примарен (главен) збор да имаме посебна веб страна на која ќе го насочиме оној кој ќе кликне на рекламата. На пример, за најдобар фитнес клуб може да имаме веб страна со награди и признанија за постигнатото, слики од клубот… Од друга страна за друг примарен збор – членарини за фитнес може да имаме подесено веб страна со различни членарини, попусти, промоции…
  • Секундарни зборови. Секој примарен збор би требало да повлече повеќе секундарни зборови кои претставуваат различните варијации на примарните зборови. Ова не значи дека варијациите треба да бидат само од зборовите во фразата туку и различните поинакви изразувања кои имаат исто или пак слично значење. На пример, за примарниот збор членарини за фитнес може да имаме оптимални членарини за фитнес, промотивни членарини за фитнес…

Поклопување на клучни зборови (Keyword Matching)

При подесување на кампањите во Вашата сметка на Google Adwords имате опција да подесите поклопување на зборовите (Keyword Matching). Keyword Matching претставува можност да изберете кога да се појави вашата реклама при што можете да ја зголемите ефикасноста и ефективноста на истата со оптимално трошење на Вашите пари.

Постојат неколку опции при подесување на Вашите кампањи во согласност на клучните зборови:

  • Broad – Широк – Клучен збор. Оваа опција значи дека вашата реклама ќе се појави секогаш кога некој кога пребарува ќе го има тој збор како дел од пошироки фрази за пребарување. На пример: Вие имате поставено клучен збор – фитнес клуб. Со оваа опција Вашата реклама ќе се појави и кога некој ќе пребарува со следнава фраза: Како да ја запрама мојата жена да оди во фитнес клуб. Вашето влијание врз кампањата е најмало со оваа опција.
  • Phrase – Фраза – “Клучен збор”. Со оваа опција важно е вашата фраза да остане иста без варијација. Така да доколку Вашиот збор е “Фитнес клуб” Вашата реклама ќе се појави и кога некој ќе бара најдобар фитнес клуб, но и при фитнес клуб кој треба да се зибегне. Во ваков случај има одредена контрола врз кампањата но сепак тоа е далеку од она што треба да биде. Сигурно не сакате Вашата реклама да се појави при пребарување на фитнес клуб да се избегне.
  • Exact – Точно – [Клучен збор]. Со оваа опција рекламата ќе се покаже само кога точниот збор ќе се пребарува. На пример доколку Вашиот клучен збор е [фитнес клуб] рекламата ќе се појави само ако некој пребарува фитнес клуб додека нема да се појави при најдобар фитнес клуб. Со оваа опција имате најголемо влијание врз Вашата кампања во однос на тоа кога да се појави Вашата реклама.

Како што можете да забележите, како ќе ги внесете зборовите ќе има огромно влијание врз тоа кога Вашата реклама ќе се појави.

Препораки за клучни зборови

За крај уште неколку препораки кога станува збор за клучните зборови:

  • Започни со еден клучен збор кој најдобро го идентификува вашиот целен пазар. Влезете во мозокот на еден потенцијален купувач. Што тој би барал?
  • Избери еден главен клучен збор и прошири го на 15-тина варијации. Размисли на сите можни варијации и оние кои се најблиску до Вашиот бизнис и веб страната на која ќе се праќаат кликовите.
  • Започни кампања со exact-match за секоја од тие 15 варијации и следи што ќе се случува. Доколку има потреба слободно менувај.
  • Користи таргетирани страни за секој главен збор.
About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Trackbacks

  1. [...] надополнување на претходните 3 за кои стана збор во Google Adwords – Клучни зборови: broad, phrase и exact. Негативни зборови претставуваат [...]

Speak Your Mind

*