post

Гравитација како основа за бизнис успешност

Често пати сакам да ги применувам законите на физиката во претприемништвото како една посебна дисциплина или пак слободно можам да кажам наука.

Што е гравитација?

Не би одел со некои навистина сложени дефиниции и фактори и бројки во опишување на гравитација туку едноставно би ја изразил како:

Сила на привлекување помеѓу два објекти.

На пример кога ќе пуштите камен од рака тој паѓа на земја заради гравитација (земјата го привлекува каменот). Дали тука нема некоја аналогија која можеме да ја примениме и кај бизнисите.

Што му е потребно на секој бизнис? На секој бизнис и на секој претприемач му е потребна еден вид на гравитациона сила која ќе ги привлекува купувачите и потенцијалните потрошувачи.

Гравитација и бизнис

Концептот на гравитација, бизнис и претприемач е прикажан на сликата. Го имаме бизнисот кој претставува систем кој црпи живот преку продажба на сопствените производи и услуги. Во центарот на тој бизнис сте Вие како претприемач. Надвор од Вашиот бизнис се оние кои одлучуваат дали ќе ви дадат живот или не, а тоа се:

  • Потрошувачи, оние кои ги користат Вашите производи или услуги. Потрошувач и купувач не мора да биде иста личност или пак ист бизнис кога станува збор за B2B. Доколку тие сакаат да ги користат Вашите производи, односно Вашите производи ги привлекле да ги користат гравитационата сила ќе постои.
  • Купувачи, оние кои го плаќаат производот или услугата кои ги продавате. Тие биле привлечени со некоја гравитациона сила да го купат тој производ или пак услуга откај вас.
  • Потенцијални потрошувачи, оние кои може да бидат корисници на Вашите производи или услуги. Тука гравитационата сила е сеуште слаба, но треба да се воспостави и да се зајакне како би се трансформирала оваа група во потрошувачи.
  • Потенцијални купувачи, оние кои може да почнат да ги купуваат Вашите производи или услуги. И тука гравитационата сила е сеуште слаба или пак воопшто не постои.

Меѓу нив и Вашиот бизнис мора да постои гравитациона сила која ќе ги привлече кон Вашиот бизнис, односно ќе ги привлече потенцијалните потрошувачи и купувачи да влезат во Вашата продажна инка, додека тековните потрошувачи и купувачи да се вратат повторно во Вашиот бизнис и да купат од Вашите производи или услуги.

Гравитационата сила ќе биде поголема доколку желбата кај таа група на луѓе или пак бизниси за влез во Вашиот бизнис биде поголема.

Задача на еден претприемач

Која ќе биде Вашата задача како претприемач во однос на гравитационата сила? Првин ќе биде потребно да ја изградите, воспоставите и постојано да ја зајакнувате таа гравитациона сила. Потоа постојано да ја проширувате кон нови групи на луѓе кои се надвор од Вашиот бизнис а од кои зависите и Вие како претприемач и Вашиот бизнис.

Што влијае на бизнис гравитационата сила?

  • Вашиот производ или услуга. Тука спаѓаат карактеристиките и полезностите од истите. Колку ќе бидат покорисни производите и услугите за претходно наведените ентитети толку ќе биде и поголема гравитационата сила.
  • Цена. Некои ги привлекува ниска цена, додека другите ги привлекува висока цена. Во зависност од целниот пазар, и цената ќе влијае различно на Вашата бизнис гравитациона сила.
  • Промоција. Многу ентитети ќе бидат привлечени од Вашиот промотивен материјал како реклами, брошури, флаери, веб страна итн.
  • Дистрибуција. Во одредени случаи пресудно за донесување на одлуката е дистрибуцијата на производите или услугите.
  • Вие како претприемач. Вашиот углед, однесување, начин на работа постојано е следен од погоре наведените ентитети, па понекогаш и Вие можете да бидете пресуден за таа бизнис гравитациона сила.
  • Вработени. Вашите вработени се огледало на Вашиот бизнис. Не е доволно Вие да бидете ОК, доколку Вие не се занимавате со продажба, туку Вашиот продажен тим. Затоа и Вашиот продажен тим треба да биде ОК и да привлекува.
  • Комбинација на сите горенаведени елементи. Понекогаш не е доволен само еден од овие елементи за силна бизнис гравитациона сила. Затоа сите елементи мора да бидат доволно силни за да биде силна и гравитационата сила.

Можете да забележите дека ова погоре наведено претставува маркетинг микс на еден бизнис. Значи маркетингот,Вие како претприемач и Вашите вработени се елементите кои ја зголемуваат бизнис гравитациона сила.

Затоа, подобрете ги сите овие елементи и зголемете ја бизнис гравитационата сила, за да нема зима за Вашиот бизнис.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Comments

  1. Predrag Stojkovski says:

    Koga go procitav tekstot, me podseti na studenskite denovi i predmetot Razvoj ekonomske misli.

    Vilijam Peti isto taka ja povrza ekonomijata so Njutnova fizika:

    Stoka=Tela

    Proizvodstvo=Dvizenje na telata

    Rabotenje=Sila

    Podelba na rabotenjeto=Prostor vo koi se dvizat telata

    • Д-р Драган Шутевски says:

      Здраво Предраг,

      Добра корелација: Телата (стоката) се движат (производство) во просторот (онака како е систематизирана и поделена работата во организацијата) врз основа на некоја сила (работење).
      Секој бизнис е систем. Секој систем има два вида на енергија. Потенцијална – складирана во самиот систем, која кога ќе се претвори во кинетичка енергија се врши некоја работа. Таа работа (износ на енергија трансфериран од сила која дејствува на системот) треба да го турка системот кон раст и развој. Постои и обратен случај кој не би сакал да се случи.

Speak Your Mind

*