post

Иднината на македонскиот пазар

Како ќе изгледа иднината? Најтешко прашање кога станува збор за претприемништвото. Овој наслов беше во драфт верзија скоро една година, префрлајќи го во каленадрот од ден во ден при подготовка на распоредот на насловите кои ќе се објават за тековната недела. Но, му дојде редот и на оваа прашање кое е доста значајно во моментов. Сите се подготвуваме за иднината. Она што денес го правиме нема да даде резултати денес, туку утре, задутре, за една недела, месец, или пак година. Кои се некои од трендовите кои ќе се применуваат и во македонски услови?

  • Купопродажен процес ќе бара поедноставување. Светските трендови веќе подолг период се јасни во однос на поедноставувањето. Купување преку еден клик, без дополнителни административни оптеретувања ќе биде тренд и на македонскиот пазар. Кога станува збор за купопродажен процес се мисли и на самото купување и на откажување на купувањето. Како што ќе биде лесно да се купи нешто мора да биде исто така лесно и да се откаже нешто. На пример, нема да постои лесно купување, а тешко откажување на услугата (пример, во MaxTV лесно можеш да купиш некој од дополнителните канали – преку веб или ТВ, но за да го откажеш или мора да се јавиш телефонски или да одиш во салонот).
  • Купопродажниот процес ќе мора да се одвива на повеќе од еден начин. Модерниот начин на живот и достапноста како на информации, така и на можности за брза одлука за купување ќе бара поголема флексибилност на техниките на продажба кои ќе се користат. Нема компромис за оние кои нема да се прилагодат.
  • Комуникацијата во целост ќе се промени. Иако веќе се менува, сепак ова е само почетокот. Секојдневно излегуваат нови технологии кои влијаат на начинот на кој комуницираме. А бизнисите во голема мерка се базираат на комуникација со купувачи, снабдувачи, партнери…
  • Досегашните маркетинг техники ќе имаат сосема мало влијание. Веќе е јасно дека голем број на маркетинг техники изумреа или се во процес на изумирање. Се случија многу промени, кои повторно претставуваат само еден почеток за креирање на иднината на еден просечен човек. Што ќе чита, гледа или пак слуша, како ќе чита гледа или слуша, какви можности ќе има во тие процеси веќе овозможуваат огромна контрола, но не на компаниите и медиумските куќи туку на оној крајниот корисник.
  • Мобилните телефони ќе си ја завршат својата работа. Мобилните телефони се побрзо се претвораат во нешто многу повеќе од мобилен телефон. Тие стануваат составен дел на една сосема нова култура и начин на однесување на луѓето. Купување, маркетинг, комуникација, плаќање, едукација… Ова се само дел од можностите за еден просечен купувач.
  • Нема да биде замисливо еден бизнис без ИТ структура. Големиот број на информации, можности за комуникација и потреби од постојано проширување на знаењето врз база на реални податоци ќе бара буквално секој бизнис без разлика на големина или вид да има сопствена ИТ структура. И една маалска бакалница ќе има потреба од донесување на одлуки базирани на информации.
  • Малите добро ќе им конкурираат на големите и ќе извршат притисок за промени кај истите. Развојот на технологијата ќе бара се помалку пари и ресурси, а се поголема креативност и блискост до купувачите. Со тие клучни предности малите бизниси (што веќе и се случува) ќе вршат константен притисок на големите за да се променат колку што може побрзо доколку не сакаат да изгубат поголем дел од учеството на пзараот. Ова во глобала ќе придонесе за подобрување на севкупниот живот на населението.
  • Се повеќе пaзарот ќе се базира на соработки и на екосистеми. Индивидуализмот е минато. Денес започнува да се бара, но во иднина и се повеќе ќе биде актуелно обезбедување на понуди од страна на екосистеми. Тоа значи, досегашните бизниси кои немале воопшто врска еден со друг ќе започнат да нудат на заедничка платформа производи или услуги со цел поквалитетно задоволување на потенцијалниот купувач.
About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*