Овој краток напис е инспирација од еден цитат на Guy Kawasaki кој Dharmesh Shah еден од авторите на една од најпродаваните книги за маркетинг на Amazon (Inbound Marketing) го твитна денес.
Овој цитат вели:
Тежок дел е имплементацијата на одлуката, а не донесувањето.
Доколку по фази го разгледуваме донесувањето на одлуки, односно доколку тргнеме од самиот проблем кој претставува основа на потреба од некоја одлука овој цитат ќе изгледа нелогичен.
Зошто е тоа така?
Еве го процесот на донесување на одлуки низ фази во вид на пред донесување на одлука и по донесување на одлука:
- Откривање на постоење на проблем.
- Анализа на проблемот.
- Дефинирање на можни решенија на проблемот.
- Анализа и оценка на можните решенија.
- Избор на најдобро решение (одлука).
- Примена на решението.
- Контрола на имплементација на решението.
Од овие 7 фази првите 5 се однесуваат на процесот на донесување на одлука додека последните две (6 и 7) на имплементација на веќе донесената одлука. Па, како тогаш согласно цитатот имплементацијата (има 2 фази) е потешка од самото донесување на одлука (има 5 фази)?
Првите 5 фази зависат од нас самите. Го откриваме проблемот, го анализираме, предлагаме решенија и го избираме најдоброто решение. Но, имплементацијата не зависи од самите нас. На пример, менаџерите или пак претприемачите донесуваат одлуки но истите се имплементираат од страна на други луѓе – вработени. Доколку тие не го имплементираат Вашето решение онака како што Вие сте го замислиле целиот процес на донесување на одлука е залуден.
Секаде каде што имплементацијата е во рацете на оние кои не одлучуваат за тоа решение ќе биде потешка.
Од друга страна имплементацијата е веќе практична работа или превземање на вистинска акција која е и прва претприемничка особина. Лесно е нешто да се испланира на хартија, но тешко е да се спроведе во пракса. Многу добри одлуки кои остануваат на хартија едноставно се никакви или некорисни одлуки. Затоа, колку и да е тешка имплементацијата доколку сте донеле одлука имплементирајте ја.
Значи вака гледано имплементацијата е составена од 2 фази, но во составот на тие фази има повеќе подфази, на пример:
- План на имплементација
- Конкретни активности на имплементација
- Одговорности
- Мерни индикатори
- Спроведување на активности
- Следење на спроведените активности
- Споредба на реалноста со мерните индикатори.
[…] Донесување на одлуки претставуваат секојдневна активност на еден претприемач. Дали се тоа добри или лоши одлуки, дали е тоа одлука за да не се донесе одлука (нулта одлука) или пак нешто друго постои една карактеристика – временска рамка помеѓу донесување на одлука и имплементација на истата. […]