post

Интернет бизниси – Информациски производи 1

Сите редовни читатели на претприемач веројатно веќе имаат прочитано дека повеќепати информациите ги ставам како еден посебен ресурс за бизнисите. Како надополнување на човечките, материјалните и финансиските ресурси информациите стануваат значаен ресурс не само за бизнисот туку и за сите претприемачи, па и за оние кои не се претприемачи, кои се вклучени во некаков процес на бизнисите.

Со право се вели дека најпрофитабилен бизнис во светот е продажбата на информации.

Што се подразбира под информациски производ?

Наједноставно кажано информациски производ е одреден медиум на кој се наоѓа некаква информација.

Да видиме малку поопширна дефиниција на информациски производ:

Информациски производ претставува медиум во било кој облик кој содржи некаква информација која е вредна за оној кој ја прима и кој навистина има потреба од користење на таа информација.

Оваа е едноставно моја дефиниција која сметам дека е најприкладна за онаа што го зборуваме во моментов – интернет бизнис со информациски производ.

Но, постои потреба да се разграничи и медиумот за да се добие вистинскиот смисол на интернет бизнис со информациски производ. Медиумот на информациски производ може да биде:

  • Онлајн – е-книга, аудио курсеви и видео материјали кои се прикачени на интернетот и корисникот може да ги симне за да ги чита, слуша или пак слуша и гледа.
  • Офлајн – CD, DVD, печатена книга, печатен весник итн. кои корисникот мора да ги купи во продавница или преку нарачка на интернет за да ги добие по пошта.

Овој напис за интернет бизниси не се однесува на информациски производ кој ќе го купите во продавница туку само на информациски производи кои можете:

  • Да ги симнете преку интернетот и
  • Да ги нарачате и да ги добиете дома преку пошта.

Информациски производи кои може да се симнат од интернет наспроти оние кои се праќаат по пошта

Поголема предност им давам на информациските производи кои се симнуваат на интернетот бидејќи истите имаат повеќе предности во однос на оние производи кои се продаваат. Еве некои од тие предности:

  • Немате потреба да држите на залиха било каква информација. Оваа е една од најголемата предност бидејќи навистина единствениот магацин што ќе го имате е виртуелен магацин на Вашиот веб сервер каде што е сместена и целата Ваша веб страна.
  • Не мора да правите ништо по продажбата на производот. За разлика од продажба на физички информациски производ каде физичкиот носител на информацијата треба да се однесе до пошта и испрати кај инфо производите кои се симнуваат од интернетот нема никаква потреба од дополнителна работа.
  • Секоја продажба претставува целосен профит. Бидејќи немате никакви трошоци за испраќање или пак за изработка на медиумот едноставно цената по која ќе го продавате тој информациски производ претставува целосен профит.

Иако и инфо производите на физички медиум претставуваат информациски производ тука повеќе ќе се насочиме на оние производи кои можат едноставно да се симнат од интернетот по плаќањето – дигиталните производи.

Што претставува дигитален информациски производ?

Сите сме сретнале е-книга во pdf формат која ја читаме на нашиот компјутер или пак ја печатиме и потоа ја читаме. Сите имаме некоја музика во mp3 формат која ја слушаме или на компјутерот или пак на CD Player или пак на iPod. Сите сме дошле до некое видео на YouTube или пак имаме некои видео материјали на нашите компјутери кои слободно можеме да ги гледаме. Сето тоа се дигитални производи кои едноставно можеме да ги најдеме на интернетот и да ги симнеме да бидат достапни на нашиот компјутер.

Што претставува вредност на информацијата?

Сакам да разграничиме нешто околу вредноста на информацијата. Вредноста на информацијата е различна за различни луѓе. Информација за тоа како да се спречи опаѓање на косата нема вредност за некој кој нема косопадица, но има проблем со вишок килограми. За тој човек многу повредна ќе биде информацијата за како да намали 10 килограми за 15 дена.

За мене никаква вредност нема некој јунак од цртани филмови како Бен Тен, но за мојот син и тоа како е вредно што го гледа.

Значи вредноста на информацијата се мери во големината на проблемот што луѓето го решаваат со таа информација. За да имаме добар информациски производ треба да имаме од друга страна луѓе кои имаат проблем кој можат да го решат со тој наш информациски производ.

Во овој прв дел од интернет бизниси – информациски производи на претприемач дадов едно кратко објаснување за тоа што претставуваат информациски производи.

Можете да ги прочитате следните написи на претприемач: Интернет бизниси – информациски производи 2 каде ќе биде опфатен процесот на креација на информациски производ и Интернет бизниси – информациски производи 3 каде ќе биде опфатена потребната технологија.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Trackbacks

  1. […] да прочитате за основите на информациски производи во Интернет бизниси – информациски производи 1 и процесот на креација на информациски производ во […]

Speak Your Mind

*