post

Цели за 2010 – Како да ги остварите?

Кога завршува претходната година и започнува новата еден претприемач би требало да се занимава со анализа на претходната година, да спореди колку од онаа планираното се остварило и доколку не се остварило да одговори на прашањето зошто не се остварило. Од друга страна, на почетокот на новата година се воспоставуваат целите за истата.

Една од чести грешки е да се постават цели и да се остави времето да покаже дали ќе се исполнат или пак нема да се исполнат. Доколку не се исполнат никому ништо. Си продолжуваме по старото.

Уште кога ги воспоставувате целите би требало да размисилите за следниве дополнителни елементи:

  • Фактори за успех
  • Можни причини за неуспех и
  • Активности за успех.

На сликата е даден еден преглед на овој процес. Во понатамошниот дел накратко ќе ги објаснам елементите.

Како еден претприемач да ги оствари целите?

Можете да забележите дека во овој процес тргнувам од целите за 2010 година, при што ги дефинирам клучните фактори за успех, па потоа за секој клучен фактор за успех дефинирам можни причини за тој фактор за успех да не се постигне и на крај за секоја можна причина ги дефинирам потребните активности за да се избегнат можните неуспеси.

На ваков начин сите овие дефинирани активности ќе влезат во нашиот годишен акционен план. Темплејтот на еден ваков план е еден од 10-те бизнис темплејти на претприемач.

1. Цели

Прво што ќе треба Вие како еден претприемач да го направите е да ги дефинирате Вашите цели, односно која е Вашата главна цел за 2010 година. Целите претставуваат резултат кој сакате да го постигнете на крајот од годината. Тие треба да бидат специфични, претставени во вид на бројки или пак проценти.

Како за пример во овој случај ќе изберам дека моја цел е за 2010 година да остварам приход од 20.000.000,00 денари.

2. Фактори за успех

Фактори за успех претставуваат фактори кои ќе обезбедат остварување на дефинираната цел. Овие фактори треба да бидат специфични и по можност изразени во бројки. На пример за нашата цел ќе имаме нешто вакво:

  • Зголемување на продажба за 20%
  • Зголемување на број на купувачи за 15%
  • Проширување на асортиманот на производите.

3. Причини за неуспех

Секогаш ќе постојат различни препреки за остварување на целите. За секој од факторот за успех обидете се да дефинирате по неколку пречки кои сметате дека ќе претставуваат причини за неуспех. На пример за нашата цел и факторот зголемување на продажба за 20% ќе ги имаме следниве пречки:

  • Економска криза во земјава
  • Недоволно човечки ресурси
  • Слабости на продажниот тим
  • Слаби маркетинг активности

4. Активности на еден претприемач

Последниот елемент од овој процес е да се дефинираат сите активности на еден претприемач со кои би се надминале препреките за остварување на целите. На пример, во однос на препреката слаби маркетинг активности акциониот план би бил:

  • Зголемување на маркетинг активностите
  • Изработка на маркетинг календар
  • Следење на успешноста на секоја маркетинг кампања
  • Зголемување на буџетот за маркетинг за 5%
  • Соодветна анализа на пазарот итн.

Сакам да напоменам дека одредени активности ќе се однесуваат на повеќе препреки или пак одредена препрека ќе биде заедничка за еден фактор за успех. Значи релациите се еден на повеќе и обратно. На пример, соодветната анализа на пазарот како активност ќе биде издвоена и во синџирот кој доаѓа од факторот за успех проширување на асортиманот на производите како би знаеле што точно сака пазарот.

Искористете го овој месец да спроведете еден ваков процес и да ги внесете активностите во Вашиот годишен акционен план. Можете како надополнување на да на секоја активност доделите приоритет врз основа на важноста за исполнување на целта. И повторно, обврзете се на планот со тоа што ќе дефинирате кој и кога ќе треба да ја спроведе активноста.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Trackbacks

  1. […] by Драган Шутевски on 19/03/2010 Здраво! Доколку за првпат сте тука можеби ќе сакате да се регистрирате на RSS feed за ажурирањата на претприемач.Честопати за започнување на бизнисот претставува пречка нашето основно мислење дека немаме доволно вроден талент за претприемач. Ова се случува и за се она друго што планираме да се занимаваме. Можеби оваа претставува и една од најголемите пречки или препреки за започнување на бизнис и секако остварување на лични или професионални цели. За влијанието на препреките како една причина за неуспех пишував и во Цели за 2010 – Како да ги остварите?. […]

Speak Your Mind

*