Оваа слика не ја планирав за пост на претприемач, но сметам дека можеме да извлечеме некои заклучоци за она што им е потребно на бизнисите врз основа на тоа како јас станав “горд” корисник за помалку од две години на една компанија.
Станува збор за Apple од која до пред две години немав ништо, ниту пак размислував да имам некој нивен производ бидејќи сметав дека она што дотогаш го имав е доволно и нормално за мојот свет. Еве ја хронологијата на случките.
- Незадоволство од тековната опрема. Од самите почетоци на мое користење на мобилен телефон (некаде 2000 година) бев голем фан на Nokia. Од оние познатите големи цигли до најновите кои излегуваа за кои плаќав огромни пари. Но, времињата се сменија. Дигиталниот свет се повеќе навлегуваше во мојот нормален живот. За мојата последна Nokia да ја прилагодам (која веќе беше стара две години) инсталирав Fring за да имам Skype, социјални медиуми, повици… Но, телефонот почна да се празни бргу, да биде многу поспор, па затоа ја избришав апликацијата која ми пречеше. Избор на апликации немаше (барем тогаш).
- Новата потреба и незадоволство ме поттикна да одлучам да купам нов телефон. И, одлуката падна на iPhone, мојот прв производ на Apple. Дали погрешив? Не, никогаш нема ни да помислам дека направив грешка не само заради задоволувањето на моите потреби, туку и заради отворање на многу пошироки видици. Разни апликации го проширија начинот на кој го користев мобилен телефон дотогаш. Почнав да читам книги, да купувам книги, апликации, да пишувам постови…
- Бидејќи веќе бев запознаен со компанијата, следев и што излегува ново од неа. Веќе им верував. Така, еден ден ја следев најавата на ново светско чудо наречено како iPad. Во индустријата со таблетите се обиделе многу компании уште многу одамна, но не успеале. Се мислеше дека и Apple ќе го снајде истата судбина. Напротив, се случи обратното. За брзо време се појавија многу видео материјали на YouTube за користење на уредот, нови апликации кои го олеснуваат животот, односно мобилниот живот на еден просечен човек, што пак е една нова потреба во денешно време. Забележете, дека воопшто не ни знаевме дека имаме или пак ќе имаме една таква потреба. И одлуката падна, го купив и тоа чудо. Повторно презадоволен од она што го добив за парите кои ги дадов. Но, не бев само јас задоволен, туку и син ми кој лесно сфати како да ракува со него барем за цртање и некоја игра.
- Задоволен од досегашното искуство со Apple и се понезадоволен од стандардното користење на Windows и повторно нови потреби за купување на нов компјутер. Кој да биде изборот? Не се мислев многу, знаев што сакам, iMac. Како да ми имаат влезено во мозокот за донесување на одлука кога тие нешто го произведуваат. И, така заврши една моја ера на користење на Nokia и PC. Сега целосно сум “јаболкоизиран”, но и син ми веќе знае што сака, истото што и јас.
Забележете ги само следниве зборови:
- Потреба.
- Незадоволство со тековна ситуација.
- Квалитет.
- Задоволство.
- Досегашно искуство.
- Променети потреби.
И како еден заклучок за крај: потребно е да постојат повеќе производи кои ќе го водат купувачот низ една продажна инка на еден бизнис. Можеби понекогаш за првите, оние најефтините ќе нема профит, но важно е да се започне влезот во инката. Сигурен сум дека Apple знаел што прави кога навлегол во индустријата на мобилни телефони, а крајната цел не била само продажба на мобилни телефони, туку и доближување на повеќе луѓе до нивниот бренд, а со тоа и до поголема продажба на останатите производи.
А, сликата ја нареков мојата Apple маниа.
Speak Your Mind