post

Капитал како мобилизирачки сегмент на менаџирање на глобални пазари

Компании во меѓународни услови Освен институциите кои имаат влијание на глобалните пазари тука е и капиталот.

На светскиот пазар не може лесно да се конкурира, бидејќи дејствуваат моќни компании и нивни подржувачки мрежи. Доколку компанијата сака да се развива и да го освојува пазарот, мора да има капитал.

Парите се многу посакуван производ, кој може да се пласира во било која држава или компанија. Главни изори на финансирањето се: банки, држави (владини агенции), приватни инвестициски групи, богати поединци, пензииски фондови, заеднички фондови, осигурителни компании.

Банките се големи фактори во светската индустрија. За да ги контролираат случувањата во индустријата, банкарите купуваат акции и влегуваат во управните одбори на индустриските капацитети. Но, бидејќи и индустријалците зависат од активностите на банките и тие купуваат акции од банките и влегуваат во управниот одбор на банките. Со овие активности се создава индустриско банкарска олигархија, која ги контролира економиите во голем број на држави.

Приватниот капитал, главно се движи воден од економскиот профит. Државата на тој капитал може да влијае и да го насочува преку одредени стимулации. Најголеми финансиски центри во светот се берзите во: Њујорк, Лондон, Токио, Франкфурт, Париз. За да може компанијата да котира на овие берзи, каде во оптек е најголемиот дел на светскиот капитал, односно за да може да се врши продавање или купување на акции и обврзници, компанијата мора да води сметководство, применувајќи ги светските стандарди.

Меѓународните сметководствени стандарди во голема мерка се слични со Американскиот сметководствен стандард. На ова инсистираат финансиерите, за да можат јасно да разберат какви деловни резултати постигнала компанијата. Ова претставува дополнителна обврска за компаниите кои се надвор од САД, но бидејќи на овие берзи котираат силни компании, вработувањето на сметководителите кои ќе го направат сметководство да биде стандардизирано не претставува претешка задача, бидејќи се смета на прилив на свеж капитал.

Со голема количина на капитал располагаат и ММФ, Меѓународна банка за обнова и развој, Лондонскиот и Парискиот клуб. За да се добијат пари од овие институции, потребно е да се исполнат нивните, некогаш и неповолни барања. Најважната светска валута е долар, неговото влијание се намалува но сепак е огромно. Тоа овозможува, Америка да добие многу големо значење во светската трговија, бидејќи штом има побарувања за одредена валута и надвор од матичната држава, тоа овозможува државата да печати поголеми количини на валута и на тој начин бескаматно да се финансира.

Развиените земји се најголеми извори на финансирање. Ширењето на капиталот може да се ограничува со забрана на неговото изнесување од матичната држава или со забрана на поседување на удели во одделни компании во странство, повеќе отколку што нивните закони тоа го дозволуваат (пример државата може да ја ограничи висината на странските вложувања да биде максимално 49 % од вредноста на компанијата). По Втората светска војна имаше недостиг на капитал во развиените земји и тие го ограничуваа износот на финансиски средства, што беше дозволен да се изнесе од државата. Со подобрување на економската состојба, развиените држави стекнуваат голема количина на финансиски средства и настојуваат тој вишок да го пласираат во други земји, каде би оствариле поголем профит.

Во поново време, со настанокот на светската економска криза, кога дојде до криза на банкарскиот сектор во Америка, а потоа се прошири и во останатиот свет, се намалија паричните средства, достапни за пласирање во помалку развиените земји. При што, голем број на земји ги почувствуваа негативните последици од оваа криза.

Кога компанијата вложува финансиски средства во својата странска филијала тоа претставува директно странско вложување и компанијата очекува за определен временски период да ги поврати своите вложени средства. Извозот на капитал зависи од состојбата во светските стопанства, а мотиви за извоз на капитал се:

  1. Остварување на поголем профит од вложениот капитал (камати, дивиденди).
  2. Зголемување на ефикасноста (специјализацијата).
  3. Искористување на поевтина работна сила.
  4. Пониска цена на суровини и енергенси.
  5. Комплетирање на производните капацитети.
  6. Отварање и проширување на нови пазари.
  7. Пласирање на капитални добра (машини, бродови).
  8. Избегнување на плаќање на царини.
  9. Обезбедување на политичко или воено влијание во определената држава, односно да се остварат стратешки интереси.

Извозот на капитал може да се стимулира и преку: намалување на данокот на доход за работа во странство, осигурување на пласманот од комерцијалните и политичките ризици, одобрување на кредити од државните фондови. Некои компании се двапати оданочени и во матичната земја и во земјата домаќин, па некогаш матичната држава е принудена да го намалува данокот за висина на средствата која компанијата ги има платено во земјата домаќин, за да им овозможи полесно работење во странство. Доколку една земја има квалификуван и способан кадар, таа ќе се определи за увоз на капитал во вид на финансиски кредити и лиценци. Доколку е сиромашна со финансиски, технички и организациски знаења, ќe се определи за заеднички вложувања со странските компании. Земјите увознички на капитал, со увоз на капитал стануваат посилни. Но, извозниците на капитал често ги насочуваат дадените финансиски средства за развој на индустрии, кои ќе бидат зависни од нивните компоненти. Некогаш и земјите увознички на капиталот нерационално го користат капиталот, со што само повеќе ја вовлекуваат неразвиената земја во проблеми.

Позитивни ефекти од увозот на капитал за земјата увозничка се:

  1. Увозот на капитал претставува увоз на дополнителни акумулации, па благодарејќи на нив доаѓа до поголеми стапки на стопанскиот раст.
  2. Зголемените инвестиции овозможуваат да се зголеми вработувањето. Се врши дополнителна обука и оспособување на кадар, кој стекнува додатни искуства и знаења.
  3. Поради развојот на домашното производство, може да дојде до супституција на увозот со домашните производи, а може да се смета и на евентуален извоз.
  4. Трансфер на технологии.
  5. Растат приходите во буџетот.
  6. Влијанието од позитивниот пример во работењето може да се одрази и врз други компании.

Негативни ефекти на увозот на капитал врз земјата увозничка се:

  1. Стопанството се развива спрема интересите на инвеститорите, па може да дојде до големи диспропорции во развојот на поедини гранки на стопанството.
  2. Странските инвеститори најчесто прекумерно ги исцрпуваат природните богаства.
  3. Профитот се одлева во странство.
  4. Доаѓа до зависност, бидејќи производството не може да се одвива без странски делови, со што се загрозува националниот суверенитет.

Девизниот пазар влијае врз заработката. На девизниот пазар се претвараат валути од една земја во валути во друга земја. Заработката може да се врши и со купување на одредена валута и нивна замена за друга. За да обезбедат сигурност на својот капитал, голем број од земјите извознички на капитал потпишуваат билатерални договори околу заштита на капиталот, со земјата увозничка на капиталот. Компанијата може да договори работа, но со промена на курсот на валутите тој бизнис може да се обезвредни или да стане премногу скап и другата страна да мора да го раскине договорот. Заради тоа, доколку владее валутна нестабилност, компаниите кои соработуваат обично го врзуваат договорот за вредноста на стабилна валута (најчесто долар или евро). Пловечките девизни курсеви ја прават економијата многу ранлива, бидејќи со менување на курсевите се нарушуваат условите од договорите.

Можно е земјата домаќин да ја девалвира или ревалвира своја валута. Инфлацијата може негативно да влијае врз постигнатите економски резултати на компанијата, преку обезвреднување на заработката.

Домашната валута може да биде преценета или подценета. Преценетоста на националната валута е состојба што се јавува кога внатрешната вредност (куповната сила) на валутата е помала од надворешната вредност (официјален валутен курс). Поради ова, цените и услугите за странските купувачи се високи, па затоа опаѓа нивната конкурентска способност, во однос на странските стоки и услуги. Потценетост на валутата е состојба кога внатрешната вредност (куповна сила) е поголема од надворешната (официјален валутен курс). Во овој случај цените на домашните стоки и услуги се атрактивни, односно конкурентни, во однос со странските стоки и услуги. Со тоа се создават услови за зголемување на извозот, а за намалување на увозот што на долг рок овозможува прилив на девизи.

Краткорочниот капитал, кој влегува во една земја и нема намера подолго да се задржи се нарекува шпекулативен капитал. Транснационалните компании мора да ја заштитат својата заработка, искажана во локалната валута. Затоа работењето со пари претставува голема обврска. Проблем претставува немањето на пари, но проблем претставува и вишокот на пари, односно треба да се сочува нивната ведност. Некои компании користат даночни засолништа како Бахамските острови, Бермудските острови, за да ја минимизират даночната обврска, а со тоа да остварат поголем профит.

Владата употребува монетарна, фискална и девизна политика за да влијае на економската состојба во државата. Монетарната политика дејствува преку промените на понудата на пари, фискалната политика дејствува преку промени во државната потошувачка или даноците, додека девизната политика претставува однос на државата кон девизните средства. Ако државата е голема и економски појака, промените во овие сфери влијаат на промените во светски рамки. Пример: хипотекарната криза во Америка цел свет го доведе до поголема или помала рецесија. Преголемиот дефицит, најчесто се јавува поради преголемите трошоците на владата или поради некои грешки во економското работење (пример инвестирање во погрешен сектор). Некогаш дефицитот може да биде корисен, доколку владата се задолжува во странство за да ги развива своите економски потенцијали, со што државата станува способна да ги врати средства и да заработи. Пример: повоениот развој на Германија и Јапонија.

Дефицитот може да се јави и кај преоптимистичкиот инвестиционен план, кој не дал очекувани резултати, а се потрошени рационално или нерационално големи финансиски средства. Заради овие грешки, кредиторите немаат желба да позајмат нови финансиски средства и државата влегува во криза. Прекумерниот суфицит исто предизвикува криза. Суфицит на тековна сметка значи дека земјата акумулира средстава во странство. Преголемиот суфицит предизвикува помалку инвестирање во матичната држава, а поголемо инвестирање во странство. Преголемото инвестирање во странство може да биде опасно за државата, доколку не биде во состојба да ги наплати побаруваните средства. Државата може потешко да влијае врз инвестициите пласирани во странство. Со зголемување на инвестирањето во странство се намалува домашното вработување, со што се намалува националниот доход и се нарушува социјалниот мир. Земјата со преголем суфицит, може да стане мета за напад од друга земја увозник на инвестиции, која може да воведе различни ограничувања, како што беше случај со Јапонија, кога создаде голем суфицит во трговијата со САД и со земјите на ЕУ.

About Илија Чубровиќ

Speak Your Mind

*