Честопати се наоѓам себеси во ситуација кога треба да кажам не на многу од работите кои ми доаѓаат на ум. Снимам сè околу мене за што мислам дека ќе ми биде корисно во иднина, но сепак, таковиот начин за отпочнување на имплементација на различни работи е опасен, затоа што лесно можам да се најдам во позиција со премногу работи кои сакам да ги започнам, што во реалноста е невозможно.
Морам да кажам не на многу од работите, затоа што знам дека имам само 24 часа во мојот ден, и морам да го користам тоа време оптимално.
Да се каже не не е лесна задача, и не може да се сработи денес и да трае постојано во иднина. Утре, пак ќе има многу можни задачи, можни идеи и можни работи кои сакате, или посакувате да да ги сработите. За да се каже не потребно е вежбање.
Моите вежби започнуваат со спроведување различни системи кои ќе ми помогнат да управувам со моето време, и моите дневни задачи што сакам и треба да ги сработам и во исто време да имам време и за другите лични активности.
Еве една листа на некои промени што ги имам направено во последните неколку години за спроведување на систематскиот приод да се каже не за многу нешта.
- Прво, ми треба систем што ќе го забележува сето она што мислам дека ќе биде важно за мене. Тоа се оние работи кои доаѓаат до мојот ум во форма на идеи, задачи, списоци за читање, желби … Бидејќи мојот ум не е во позиција за рационална одлука за она што е важно, итно, или дали имам време да направам нешто во тој моментот со тоа, сакам сето тоа да биде на некое место каде што можам да се навратам подоцна и да ги процесирам работите. Тоа место сега е Evernote, каде што нафрлувам сè, од секаде.
- Второ, ми треба време кое ќе го користам за процесирање на работите и да одлучам кои ќе бидат следните чекори. Бидејќи мојата листа на работи кои го ставам како белешки може да биде многу долг, и знам дека не можам да почнам да работам сè, потребно е да се каже не на многу од работите. Таа одлука ќе биде донесена на дневна основа, кога започнувам со процесирање на Inbox фолдерот во Evernote со сето она што го ставам таму во тој ден. Овој дел од процесот повторно е некој вид на вежба, бидејќи ми треба рутинска работа секојдневно за да се процесира сè што се наоѓа таму.
- Третата работа е да кажам не на многу работи. Кога велам не, не мислам сите работи да бидат трајно отстранети, бидејќи многу од нив ќе останат како опција за во иднина, или ќе бидат имплементирани од другите луѓе (делегирање).
- Ќе кажам не за работите кои не се важни ниту итни за мене. Ги бришам од Inbox фолдерот, бидејќи не сакам да се мачам со нив ни денес ни во иднина. Тие едноставно претставуваат губење на моето време.
- Ќе кажам не за работите за кои мислам дека некој друг може да ги направи за мене. Тие работи ги делегирам.
- Ќе кажам не за работите кои се важни, но не итни за мене. Ова не значи дека ќе ги отфрлам бидејќи тие ќе останат некаде во мојот систем за управување на задачи (сега го користам OmniFocus), затоа што планирам да ги спроведам во иднина, или едноставно да ме потсетат дека имам такво нешто.
На ваков начин, едноставно можам да елиминирам во повеќето случаи повеќе од половина од задачите, обезбедувајќи дека ќе работам на она што е најважно и најитно за мене, а сè друго што е важно, ќе биде процесирано на соодветен начин за да биде завршено во иднина.
Сакам да напоменам, дека овој процес не е успешен поради процесот, тој може да биде успешен само поради вашиот начин на размислување. Ако одлучите, да станете попродуктивни и многу пофокусирани на она што е важно за вас, ќе треба да експериментирате и вежбате со различни пристапи.




Speak Your Mind