post

Меѓународен менаџмент е меѓународна стратегија

Големата конкуренција на меѓународно ниво бара применување на различни видови на стратегии. На сликата е даден приказ на четирите меѓународни стратегии, базирани врз фокусирање на меѓународниот пазар и остварување на стратегиската контрола.

4 Меѓународни стратегии

Етноцентричната стратегија е меѓународна стратегија базирана на претпоставката дека производите и услугите на една земја се посупериорни во однос на производите и услугите пласирани од друга земја. Оваа стратегија е фокусирана на производот или на услугата во зависноста од тоа што компанијата поседува. Под централизирана контрола производот или услугата се пласира во други земји каде за нив постои потенцијален пазар. Компанијата треба да го модифицира производот со цел да ги задоволи вкусовите и желбите на земјата домаќин. Доколку производот или услугата е супериорна, оваа стратегија успешно ќе се примени.

Геоцентричната стратегија е меѓународна стратегија базирана на географска децентрализација со стеснет асортиман на производи и намален ризик, преку производство во повеќе земји. Доколку компанијата во некоја земја има проблеми во работењето, останатите филијали непречено продолжуваат да работат. Негативна карактеристика на овој начин на работа е тоа што управувањето со различни организациски целини, на различни локации, претставува главен менаџерски проблем. Предноста е што работењето на една филијала, може да се спореди со работењето на друга филијала. Сите ресурси можат да се префрлат од една во друга филијала, во зависноста од потребата. Оваа стратегија овозможува прилагодување на работењето на компанијата спрема локалните услови и поради тоа е поефикасна во однос на полицентричната стратегија, која ја зема географската децентрализација како екстрем.

Полицентричната стратегија е меѓународна стратегија базирана на намалување на ризикот преку постоење на голем број на автономни пазарни единици и широк асортиман на производи. Поголем број на помали единици се помалку ранливи, отколку една голема единица. Намалувањето на ризикот е остварено преку бројни акции, како користење на различни валути и слично. Слабост на оваа стратегија е тоа што диверзификацијата и локалната автономија ја ограничуваат размената на информации помеѓу филијалите во однос на цената, производите, дизајнот и движењето на менаџерите.

Глобалната стратегија е меѓународна стратегија која фокусот го става на меѓународното поврзување на странските пазари. Се смета дека светот е еден пазар кој треба да се третира како таков. Се предпоставува дека стратегиите на различните единици се влеваат во една сеопфатна долгорочна стратегија на компанијата на матичната земја. Глобалната стратегија претпоставува дека глобалната дистрибуција на производи може да биде оправдана преку економијата на обемот.

Независно од тоа која стратегија ќе биде применувана, опкружувањето во таа земја мора да се набљудува и анализира, а потоа да се донесат заклучоци, која стратегија да се примени за да се задоволат локалните барања.

About Илија Чубровиќ

Speak Your Mind

*