post

Организациски промени и некои факти

Инкрементални промени Организациски промени се предмет на мое проучување во последните 10 години. И самата теорија на организациски промени е променлива категорија. Оваа тема е една од најактуелните теми кога станува збор за организациските науки.

Ова ќе биде еден краток пост за неколку факти кои мора да се имаат во предвид кога станува збор за организациски промени и секако примена на истите од страна на менаџментот на компаниите. Камо среќа да имаше поголем развој на науката во оваа поле и секако да беше прифатена од страна на менаџерите во големите компании, сега немаше да бидеме тука каде што сме.

Факт #1: Промените не се линеарни

Една голема грешка од страна на менаџерите е што ги гледаат или се обидуваат да ги гледаат или пак едноставно ги прикажуваат промените како линеарна категорија. Тие воопшто не се линеарни и не може да бидат презентирани со права линија ниту пак да се даде линеарна равенка која ќе ги претстави тие промени.

Ваков поглед може да доведе до многу несакани последици, до многу пропуштени идеи за промени, до многу погрешно разберени резултати од имплементацијата на промени.

Факт #2: Една промена предизвикува серија на други промени

Не постои една и единствена уникатна промена. Ова значи дека нема и не може да се спроведе промена во технологија без притоа да се имплементираат промени во структурата и луѓето. Истото се случува и обратно.

Една мала промена како промена на софтверот кој се користи во секојдневна работа ќе предизвика промени во самата структура, промени во обука на користење на луѓето, промени во секојдневна работа…

Факт #3: Инволвирање на повеќе луѓе во процесот ќе доведе до поголема успешност

Промените не се “монопол” во однос на иницирање, предлагање и планирање само на менаџментот. Тие треба и да се имплементираат, а тогаш менаџментот едноставно се губи, затоа што лесно е да се префрли одговорноста за неуспех на вработените кои треба да ги имплементираат, наместо да биде одговорноста во оние кои лошо ги иницирале или испланирале.

Мора да бидат вклучени повеќе луѓе, повеќе погледи, повеќе размислувања, повеќе идеи, повеќе глави… Инаку, нема да се искористи потенцијалот на промените.

Факт #4: Отпорот кон промените е неминовен

Секогаш, ама баш секогаш ќе има луѓе кои ќе ги иницираат, прифатат и имплементираат промените, но и луѓе кои едноставно ќе ги игнориртаат или избегнуваат промените. Отпорот е константа која ги следи промените и мора да се знае од страна на менаџментот заради соодветно справување со истиот.

Факт #5 Правилно менаџирање со отпорот ќе го подобри процесот

Точно. Иако претставува нешто лошо кога станува збор за промените, вистинското менаџирање со отпорот ќе обезбеди подобрувања на самиот процес на промени. Некој отпор ќе биде предизвикан заради недостаток на процесот. Не смее да се продолжи без да се разгледаат причините и оправданоста на тој недостаток. А, тоа е подобрување на самиот процес.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*