post

Основи на анализа на готовински тек

Продажба

Готовина

Како една причина за пропаѓање на бизнисите се наведува недостаток на готовина за нормално функционирање на бизнисот.

Многу често се прави грешка во водење на бизнисот од страна на претприемачите со размислување само за профитот. Освен профитот кој не е за потценување, многу значаен елемент за функционирањето, па дури и за опстанокот на секој бизнис е готовината со која се располага. Запомнете дека во било кој бизнис не се троши профитот, туку готовината. Без готовина, иднината на бизнисот може да се доведе во прашање. Постојат многу компании кои се профитабилни но пропаѓаат заради тоа што немаат доволно готовина. Затоа е потребно да се следи движењето на готовинскиот тек во сите бизниси.

Ќе го опишеме ова преку еден пример.

На сметка имаме 10.000 денари кои сакаме да ги искористиме за купување на производи кои ќе ги продава нашиот бизнис.

Анализа на готовински тек - почеток

Анализа на готовински тек - почеток

Купуваме производи за 10.000,00 денари и ги продадеме за 15.000,00 денари. Од билансот на приходи можеме да видиме дека имаме профит од 5.000,00 денари (15.000,00 денари – 10.000,00 денари). На сметка ќе имаме 15.000,00 денари.

Готовински тек - прв циклус

Готовински тек - прв циклус

Да кренеме со вториот циклус на купување на стока за 10.000,00 денари и да ја продадеме за 15.000,00 денари. И уште еднаш да ги свртиме парите. Значи имаме на сметка 15000,00 денари, во вториот цилклус (обрт на парите) набавуваме стока за 10.000,00 денари (остануваат 5.000,00 денари) која ја продаваме за 15.000,00 денари и имаме 20.000,00 денари на сметка во банка. Во третиот циклус набавуваме стока за 10.000,00 денари (остануваат на сметка 10.000,00 денари) која ја продаваме за 15.000,00 денари при што на сметка во банка ќе имаме 25.000,00 денари. Нашиот биланс на приходи покажува продажба од 45.000,00 денари, трошоци од продажба 30.000,00 денари и профит од 15.000,00 денари.

Готовински тек - Втор и трет циклус

Готовински тек - Втор и трет циклус

Доколку реалноста е ваква се би било ОК. Но, сепак во реалното функционирање на бизнисот не е така, особено поради фактот што постојат тетратки (давање на стока на тетратка) и кредит (плаќање на рати) и при купување и при продавање.

Доколку даваме производи на „тетратка“ и на кредит тие пари ќе ги немаме на сметка, туку ќе бидат како побарување во нашата актива. Како заработка и профит и натаму ќе се појавуваат 5.000,00 денари, но парите нема да се тука. Додека не ги примиме парите од продажба на кредит нема да можеме повторно да набавиме производи за продажба. Токму затоа, постојат профитабилни компании кои пропаѓаат.

Готовински тек - Одложено плаќање

Готовински тек - Одложено плаќање

Сега да додадеме уште една реалност на примеров. Доколку даваме производи на кредит ќе бараме и ние да ја ги плаќаме при набавка тие производи на кредит. На ваков начин имаме долг од 10.000,00 денари на добавувачот, но имаме и залиха од 10.000 денари која можеме да ја продаваме. Но, сепак немаме пари на сметка.

Готовински тек - Продажба и набавка на одложено

Готовински тек - Продажба и набавка на одложено

Доколку знаеме дека нашата продажба ќе биде 45.000, денари во тековниот период ќе ни требаат уште 20.000,00 денари кои ќе мора да ги позајмиме или од банка или од некој близок. Затоа нашиот биланс на состојба ќе содржи и краткорочен заем, но сепак ќе немаме пари во банка.

Готовински тек со заем

Готовински тек со заем

И последнава табела сепак не е реална. Во досегашнава ситуација воопшто не размислувавме за обртни средства. Обртните средства ни се потребни за плаќање на сметките како телефон, струја, плаќање на плати итн. Без обртни средства бизнисот не може да опстане, односно не може да го преживее неочекуваното. Обртните средства претставуваат разлика помеѓу активата и обврските. Доколку го почнеме бизнисот со 40.000 денари наместо со 10.000,00 денари во капитал, обртните средства ќе ни бидат 85.000,00 – 30.000,00 = 55.000,00.

Готовински тек - обртни средства

Готовински тек - обртни средства

Треба да запомниме дека секој денар во побарување значи денар помалку во готовина. Секој денар во залиха значи денар помалку во готовина. Секој денар во обврски значи денар повеќе во готовина.

Оваа е основа за анализа на готовински тек.

Готовински тек ни кажува колку пари имаме во моментот за трошење за бизнисот. Трошењето може да биде за репроматеријал за производствени бизниси, набавка на производи за малопродажни бизниси, исплата на плати за вработените, враќање на кредити, финансирање на растот на бизнисот … Доколку немаме готовина нема да можеме да набавиме репроматеријал за производство, ниту производи за продажба, нема да можеме исплатиме плати на вработените, ниту ќе имаме пари за плаќање на рата за кредитите, ниту пак ќе можеме да го финансираме растот на бизнисот, ниту…

Повторно ќе напоменеме дека постојат бизниси кои прават профит, но профит на хартија, и пропаѓаат бидејќи немаат готовина. Оваа е резултат заради:

  • Неконтролирано трошење на претприемачите. Трошат повеќе отколку што имаат прилив на готовина. Тука велиме готовина, а не приход бидејќи приход може да биде и без готовина – давање на кредит.
  • Бизнисот функционира без да се врши анализа на готовинскиот тек.

На пример, можеме да имаме бизнис со приход од 100.000,00 денари од кои 50.000,00 денари се на кредит кои ќе ги добие во наредни 3 месеци. Значи ние во моментот имаме 50.000,00 денари готовина. Продадените производи имаат набавна вредност од 80.000,00 денари и не може да ги набави истите за повторен циклус на продажба бидејќи нема 80.000,00 денари за да ги плати. На таков начин потрошувачите нема да можат да бидат задоволени и ќе започне намалување на продажбата.

Но, формално што претставува готовински тек?

Готовински тек претставува движење на парите во и надвор од бизнисот, односно циклус на прилив и излив на готовина што всушност ја определува солвентноста на бизнисот (платежната способност).

Што претставува анализа на готовинскиот тек? Анализата на готовинскиот тек претставува проучување на циклусот на приливот и изливот на готовината во вашиот бизнис.

Од примерите погоре можеме да сублимираме од што се зависи готовинскиот тек:

  1. Почетна готовина – Пари што ги имаме на нашата сметка на почетокот од периодот за кој ја вршиме анализата.
  2. Продажба (за секој од месеците или проценка на продажба по месеци или продажба во првиот месец и процент на раст на продажба од месец во месец).
  3. Трошоци за продадени стоки (Ова се директни трошоци од продажба односно цена на чинење на набавената стока или пак трошоци за производство на дадената стока). За анализа на готовински тек може да послужи % од продажба.
  4. Продажба на кредит – % на потрошувачи кои купуваат на кредит
  5. Денови за кои се собираат пари од продажба на кредит
  6. Профитабилност - % од продажба
  7. Почетна состојба на залихи – Износ на залихи кои ги купувате пред да започнете со продажба
  8. Месеци за кои се држат залихи – број на месеци.
  9. Почетни побарувања – износ на пари кои ги побарувате при почетокот на анализава. За почетни бизниси ќе биде 0.
  10. Почетни обврски – Износ на пари кои ги должите на почетокот на анализата
  11. Денови за плаќање – денови за колку треба да ги плаќате вашите сметки

Пред да започнеме со анализата на готовинскиот тек треба да биде завршен делот за предвидување или проценка на продажбата. Бидејќи без овој дел ќе ги немаме податоците од точката 2. Друга значајна работа е колкав процент од вкупната продажба е на кредит, како и период за кој тие пари ќе преминат во готовина. Од друга страна, за квалитетна анализа на готовинскиот тек потребно е да се знае и периодот за плаќање на обврските.

На сликата подолу е дадена една анализа на готовински тек.

Готовински тек - график

Готовински тек - график

Од сликата може да се забележи дека имаме:

  • Вкупно прилив на готовина. Тоа се вкупно пари во готовина кои што влегуваат во бизнисот како продажба и други приходи.
  • Вкупно излез на готовина. Ова се пари кои излегуваат во тековниот месец за набавки, плаќање на трошоци, плати…
  • Состојба на готовина на крај на месец. Ова се однесува на тоа колку пари ќе имаме на крајот на месецот во готовина и претставува влезен елемент за нареден месец.
  • Готовински тек за месец. Со црвено е готовинскиот тек за месецот и покажува дали за тековниот месец сме потрошиле повеќе пари отколку што сме примиле.
  • Профит. Профитот претставува добивка на крајот од месецот.

Интересно е да забележиме две работи:

  • Месец април, јули, октомври и ноември каде имаме негативен готовински тек а сме оствариле профит.
  • Месец јануари каде имаме позитивен готовински тек а сме оствариле загуба.

Ова ни кажува дека не мора да значи дека профитот и готовинскиот тек зависат еден од друг. Значи можеме да имаме позитивен готовински тек но да имаме загуби и негативен готовински тек, а да имаме профит.

За Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Коментари

  1. Одлично! Дали може да го искористиме ова во нашите обуки?
    Дали има слични практикуми за материјална евиденција, магацинско работење, итн.?
    Колку би чинело нивното користење?

    • Здраво Ванчо, може слободно да го користите, објавено е јавно уште пред скоро 3 години. А, за дополнителни материјали што се однесува за онлајн не знам дали има и јас ги поминувам еднаш месечно постарите наслови кои се подзаборавени меѓу 1600 вкупно и ги споделувам. А, вака како специфичен практикум немам, за залихи знам дека во литература за оперативен менаџмент има некаде. Всушност имам една хардкопи книга сум ја подзаборавил: Introduction to Materials Management со доста примери и вежби. Може да ти ја дадам. Колку ќе чини? Ќе пиеме едно кафе :)

      Поздрав

Искажи се доколку имаш нешто

*