post

Основните грешки во обид за зголемување на продуктивноста

Понекогаш премногу се трудиме да ја зголемиме сопствената продуктивност. И тоа е добро за секој претприемач, бидејќи попродуктивен претприемач значи и попродуктивен бизнис и поголема успешност на бизнисот воопшто.

Но, во самиот тој процес за постојано зголемување на продуктивноста можеме да направиме некои грешки кои скапо може да не чинат.

Кои се тие грешки кои ќе треба да ги избегнете кога се обидувате да ја зголемите продуктивноста?

1. Мултитаскинг

За мултитаскингот веќе пишував во насловот мултитаскинг – паралелно на повеќе работни задачи. Во тој пост дојдовме до заклучок дека:

Зголемен мултитаскинг = намален фокус и концентрација кон поединечна задача на која работиме

Ова е логично, бидејќи за да работиме на повеќе активности одеднаш, мора да го споделиме и нашиот фокус и концентрација.  Затоа

Зголемен мултитаскинг = намален квалитет на завршената задача

Намален квалитет на завршените задачи значи дека ќе има потреба од повторна преработка или едноставно неисполнување на целите кои сме си ги зацртале. Затоа и зголемениот мултитаскинг доведува до намалена продуктивност. Можеби краткорочно ќе ја зголемите продуктивноста, но гледано на долги стази тоа нема да биде случај.

2. Работа на повеќе проекти

Иако на прв поглед работата на два или повеќе проекти одеднаш може да изгледа како зголемена продуктивност сепак тоа не е случај во реалноста.

На темава пишував пред две години тука на претприемач во постот насловен како работи на еден проект се до финиш. Во тој пост презентирав два графика. Првиот е во однос на времето потребно за завршување при што за двата проекти ни се потребни по 3 месеци. Едниот случај е работа на двата истовремено, а вториот е работа на еден се до завршување.

Проекти со исто време и ресурси

Забележувате дека завршувањето на двата проекти и на двата начина ќе биде исто (за 6 месеци).

Вториот случај е во однос на готовинскиот тек при имплементацијата на проектите (двата одеднаш и завршување на едниот, па потоа вториот).

Влијание на готовински тек на проектите

И од примеров може да се види дека подобар готовински тек имаме во вториот случај кога целиот фокус е на едниот проект, а потоа на вториот.

3. Немање на јасна визија што сакаме да постигнеме

Се што правиме го правиме со определена цел имајќи слика за тоа како треба да изгледа иднината. Истото е и со обидите за зголемување на продуктивноста.

Без јасна визија за тоа што сакате да постигнете преку обидите за зголемување на продуктивноста, нема ни да го постигнете тоа. А, што е најлошо, нема ни да ја зголемите продуктивноста.

4. Користење на премногу алатки или системи

Она што го имам почувствувано на сопствената е кожа е постојано барање на обиди за имплементација на различни системи и алатки кои ќе ми помогнат во зголемување на продуктивноста.

Веќе пишував за GTD системот и Evernote кој го користам, при што користам и алатка за менаџирање на активности OmniFocus.

Но, ниеден систем и ниедна алатка не е нешто што може да ја зголеми продуктивноста без ваша лична доследност за користење и завршување на работите.

5. Зголемување на работно време

За да се завршат задачите понекогаш се обидуваме да го зголемиме работното време. А тоа зголемување мора да резултира во намалување на време на нешто друго. На пример, го намалуваме времето од спиење, намалуваме време од семејството, од одмор…

Но, зголемување на работно време не значи и зголемување на продуктивноста. Зголемена продуктивност е само кога за исто работно време и со исти ресурси завршиме повеќе работа.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*