post

Препознавање на можности и создавање на идеи

Ова е гостински пост на Александар Делев, Ba in Marketing, University of Sheffield, UK.

Бизнис можности и идеи

Бизнис можности и идеи

Извадок: Овој есеј овозможува краток преглед на академската литература од областа на претприемничко препознавање на нови можности и создавање на идеи. Прво, мислењата на угледни членови од академските кругови ќе бидат дискутирани и споредувани. Во продолжение, ќе се дискутираат проблемите поврзани со дизајнирање претприемнички модели каде што како пример ќе биде земена една неодамнешна академска студија. На крај, улогата и важноста на ваквите модели ке биде објаснета како и дел од потенцијалните несогласувањата помеѓу теориите и праксата во оваа област.

Вовед во препознавање на можности и создавање на идеи

Во денешно време претприемништвото претставува едно од најбрзо развивачките полиња во економијата. Присутно во секоја индустрија, на корпорациско како и на ниво на мали бизниси, претприемништвото е често признавано од страна на академците како главниот економски двигател кон подобрување и експанзија. Дури и со такви признавања, може да се тврди дека сеуште нема доволно потврдени врски помеѓу општоприфатени бизнис теории и местото на претприемништвото во економијата и организациските стратегии. И покрај тоа, како што истражувачите и менаџерите се повеќе ја признаваат важноста на ова поле и поврзаните истражувања, еден аспект кој добива зголемено внимание во последните неколку години се претприемничките процеси на препознавање бизнис можности и создавање на идеи. Преку академската литература од оваа област можеме да видиме дека истражувачите прават напори да ги идентификуваат клучните фактори кои влијаат врз овие процеси и се обидуваат да дизајнираат применливи процес модели. Целта на преостанатиот дел од есејот е да обезбеди краток преглед на литературата од областа на моделирање на процесите на препознавање на бизнис можности и создавање соодветни идеи.

Преглед на академската литература

Едно од најважните прашања со кое се соочуваат денешните истражувачи е идентификацијата на соодветниот сет на фактори и околности за деловен успех. Како резултат на обемната литература на распологање од областа на претприемништвото, има многу спротивставени теории и концепти од различни академици кои постојано се дискутираат во бизнис круговите. Различни академици ги дискутираат и бранат своите гледишта во поглед на сите претприемнички процеси и активности.

Де Конинг (1999) тврди дека терминот “препознавање можности”, како што се користи во академските кругови може да се однесува на откритие на јасна бизнис идеја или развивање на идеја во остварлив бизнис концепт со тек на време.

Конкретната област на препознавање на бизнис можности е особено збогатена преку новите академски истражувања во последните неколку години. Имено, преку истражувањата и придонесите на академици како Шејн, Лампкин и Гилад се идентификувани и соодветно моделирани неколку критични фактори во овие процеси. И покрај тоа што здружените напори на истражувачите и менаџерите сеуште не резултирале со дизајнирање на универзално применлив процес модел, постојат екстензивни дискусии за веќе утврдените фактори. На пример, Оконен и Сухонен (2010) ја дискутираат важноста на социјалните мрежи на претприемачот за процесот на идентификација на нови бизнис можности, каде што силен акцент е даден на претприемничката готовност, признаен предуслов во многу бизнис учебници во последните години. Дополнително на тоа, има истражувачи кои ја истакнуваат улогата на расположливите информации во овој процес и поконкретно објаснуваат дека подобро информиран претприемач има подобри шанси да идентификува нова бизнис можност.

Шејн (1998) и Ваутер (2010) ја потврдуваaт улогата на таканаречената информатичка асиметрија и важноста да се има претходно работно искуство во секторот како дел од процесот на препознавање на нови можности. Додатно на тоа, во нивните трудови тие дискутираат дека претприемачите ќе можат полесно да процесираат важни информации и да идентификуваат трендови ако имаат претходно искуство во секторот. Сепак, според истражувањата, факторот на претходно искуство и познавање на секторот може да се подели на три дела и тоа:

  • познавање на пазарите,
  • секторски маркетинг и
  • знаење поврзано со однесувањето на муштериите (Ардихвили и Кардозо, 2000).

Околностите во кои откритијата се направени се од голема важност за истражувачите во нивните напори да ги креираат процес моделите. Поконкретно, акцент се става на прашањето дали претприемачите започнуваат планирано истражување или едноставно наидуваат на информации и ги “поврзуваат точките”, како што е опишано од страна на академиците преку нивните когнитивни модели.

Има обемна литература и истражувања кои тврдат дека мнозинството претприемнички откритија биле остварени како резултат на планирани истражувања и скенирање на околината.

Од друга страна пак, има истражувачи кои тврдат дека овој процес зема по спонтана форма во мнозинството случаи и дека претприемачите ја откриле можноста откако случајно наишле на откривачки информации. Истражувањата од ова поле одат до таа мера што тврдат дека бизнисите кои биле стартувани откако можноста била откриена спонтано побрзо ја враќале почетната инвестиција од оние кои биле почнати како резултат на истражување и скенирање (Клеин, 2008).

Понатамошни примери можат да се најдат во еден од најактивните претприемнички сектори – информатичката технологија, каде што за 50% од компаниите се смета дека превзеле истражувачки активности и скенирање на околината пред да бидат стартувани. Во смисла на мрежи, академските истражувања потврдуваат позитивна корелација помеѓу големината на мрежата (број на пријателства и познанства) и веројатноста дека претприемачот ќе идентификува нови можности во својата средина и област на експертиза. Истражувачите тврдат дека до одредена мерка, сите мрежи овозможуваат ист квалитет и квантитет на информации. Дополнително на тоа, Арениус и Де Клерк (2005) дискутираат дека контактите во мрежите можат да бидат идентификувани и категоризирани како силни и слаби, со тоа што мнозинството претприемачи имаат повеќе слаби отколку силни контакти. Една од главните бенефиции од слабите контакти е тоа што тие овозможуваат поинтензивно работење и соработка во склопот на мрежата, со главен акцент ставен на меѓусебно информирање во области во кои прептриемачот не би можел да добие информации од своите силни контакти, како што се семејството и блиски пријатели.

Понатамошни истражувања тврдат дека типот и големината на мрежата се дел од факторите кои одредуваат какви информации ќе му бидат достапни на претприемачот и колкава претприемничка готовност ќе демонстрира таа индивидуа (Барон и Енсли, 2006). Истражувачите прават напори да ја претстават креативноста како дел од процесот на претприемничко препознавање на нови бизнис можности уште од 40 – тите години на минатиот век, опишувајќи ја како карактерна особина која мнозинството ја нема ( Шумпетер, 1934). Сметана за многу потребна особина, креативноста може да биде блиску споредена и објаснета преку индивидуалната претприемничка способност да се “поврзат точките” во смисла на нивната толеранција кон информатичка нејасност и способноста да се препознаат нови трендови.

И покрај тоа што претходно дискутираните фактори се едни од најчесто спомнуваните и признавани фактори од страна на истражувачите во нивните напори да создадат процес модел на претприемничко препознавање на нови бизнис можности, таквиот модел сеуште не е создаден. Главната пречка сеуште се појавува во форма на големата разноликост на околности со кои се соочуваа претприемачите, карактеристиките на индустријата како и личните карактерни особини на претприемачот. Поради ваквата комплексност на областа, заедничките напори на истражувачите и менаџерите сеуште не резултирале со универзално применлив процес модел. Во напорите да се смени тоа, Ардихвили и Кардозо (2000) анкетирале осум претприемачи со развиени сопствени бизниси и тестирале неколку фактори признаени од академијата како важни за овој процес. Заклучоците од ова истражување на можеле да потврдат позитивна врска само со факторот креативност, додека факторите како претприемничка готовност, претходно искуство, познавање на индустријата и мрежно работење биле потврдени како присутни во случаите на тие претприемачи. Пронајдоците од оваа анкета не можат да се генерализират, но укажуваат на тоа дека теоријата не се совпаѓа целосно со тоа што се случува во реалноста и дека приодите кон изнаоѓање на процес модели ќе треба да еволуираат паралелно со новите случувања во бизнис круговите.

Користена литература:

  • Ardichvili, A. & Cardozo, R.N. (2000) A model of the entrepreneurial opportunity recognition process. Journal of Enterprising Culture, 8(2), 103-119.
  • Arenius, P. & De Clercq, D. (2005) A Network – based Approach on Opportunity Recognition. Small Business Economics, 24(6), 249-265.
  • Baron, R.A. & Ensley, M.D. (2006) Opportunity Recognition as Detection of Meaningful: Evidence from Comparisons of Novice and Experienced Entrepreneurs. Management Science, 52(9), 1331-1344.
  • De Koning, A., and Muzyka, D. (1999) Conceptualizing Opportunity Recognition as a Socio – cognitive Process. Research paper. Centre for Advanced Studies in Leadership, Stockhold, Sweden.
  • Klein, P.G. (2008) Opportunity discovery, entrepreneurial action, and economic organization. Strategic Enrepreneurship Journal, 2(14), 175-190.
  • Okkonen, L., and Suhonen, N. (2010) Business models of hear entrepreneurship in Finland. Energy Policy, 38(7), p.3443-3452.
  • Shumpeter, J. (1934) Capitalism, Socialism and Democracy. New York: Harper and Row.
  • Wouter, S. (2010) Industry event participation and Network Brokerage. Journal of Management Studies. 47(4), p.635-653.
About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Trackbacks

  1. Tweets that mention Бизнис можности и идеи — Претприемач -- Topsy.com напиша:

    […] This post was mentioned on Twitter by Dragan Sutevski. Dragan Sutevski said: Pretpriemac Novo: Препознавање на можности и создавање на идеи http://ow.ly/187UAc […]

  2. […] Како една од причините за пропаѓање на бизниси често пати ја гледам конфузноста на претприемачот во однос на два термини многу важни за започнување на бизнис: бизнис идеја и бизнис можност. […]

  3. […] е човек кој препознава можност и превзема одреден ризик за таа можност да ја претвори […]

Speak Your Mind

*