post

Претприемничка Грешка Која Предизвикува Патење

Патење. Нешто што никој од нас не го сака. Патиме кога нешто не ни оди во љубовта. Патиме кога нешто не можеме да извршиме онака како што сакаме. Патиме кога губиме пари во нашиот бизнис. Во секој случај верувам дека никој не сака да пати.

Грешка која може да доведе еден претприемач да пати

Но, како да се избегне патењето. Оваа веб страна е наречена претприемач и обработува теми од подрачје на претприемништвото и малиот бизнис. Па затоа и овој напис се однесува на патење на еден претприемач или патење на неговиот бизнис.

Велам патење на неговиот бизнис зошто бизнисот го гледам како еден жив организам составен од биолошки, технички и организациски системи.

Што е патење за еден претприемач?

Ќе ја искористам дефиницијата во Wikipedia за целите на овој напис:

Патење, или болка во поширока смисла на зборот, е индивидуално влијателно непријатно искуство и аверзија поврзани со штета или опасност од штета. Страдање може да се квалификува како физичко или ментално страдање. Тоа може да има различен степен на влијание, од благо страдање до страдање кое не може да се толерира.

Еве што е карактеристично од оваа дефиниција:

  • Патење претставува еден вид на болка. Болката може да ја чувствува претприемачот.
  • Патење е поврзано се некоја штета или пак опасност од настанување на штета. Штетата може да ја почувствува и претприемачот и бизнисот.
  • Патење може да биде физичко и ментално страдање. Претприемачот најверојатно ќе страда ментално, додека бизнисот физички (недостаток на финансии, немање на можност за исплата на обврските …)
  • Може да биде премногу опасно така да не може да се истрпи. Кога патењето нема да може веќе да се истрпи претприемачот веќе нема да биде претприемач, а бизнисот веќе нема да постои.

Значи патењето на еден претприемач воопшто не му е потребно.

Грешка која предизвикува патење на еден претприемач

Она што го забележувам кај претприемачите и бизнисите кај нас навистина ме плаши, особено за претприемачи на малите бизниси. Имам искуство со еден претприемач кој навистина не се снаоѓа во улогата на претприемач иако има пасија за бизнисот кој го работи, па затоа страда и пати. А сметам дека 80% од малите бизниси се дизајнирани со една таква „фабричка грешка“ која доведува до состојба да повеќето не можат да се снајдат.

Па која е таа грешка која претставува “фабричка грешка“ за еден бизнис или пак за еден претприемач?

Таа грешка е што при дизајнот на бизнисот уште пред започнување претприемачот е насочен само на пазарот.

Оваа грешка вообичаено ја правиме не по наша вина, туку затоа што така сме научени, така пишува во книгите.

Што значи оваа грешка?

Од самиот почеток во креирање на бизнисот преку генерирање на бизнис идеи претприемачот е насочен само на пазарот. Гледа што е трендовски во моментов на пазарот а што не е. Ако е во тренд да се има бутик се започнува бутик, ако е во тренд такси компанија се започнува такси компанија…

Сигурно се запрашувате што е тука погрешно. Да, нема грешка во тоа да се најде што е она што во моментов се бара на пазарот. Во 3 елементи кои секоја бизнис идеја мора да ги има ги опфативме токму овие таканаречени пазарни елементи на една бизнис идеја:

  • Проблем
  • Желба и
  • Слаба конкуренција.

Но, каде е тука претприемчаот? Каде е централната фигура во секој бизнис – претприемачот? Ја нема. Бараме проблем на пазарот, бараме пазарна ниша со висока желба за купување од нашиот иден бизнис, и бараме ниша на која има слаба конкуренција (иако се сомневам во ова). Токму тука ја гледам и најголемата грешка.

Грешка, бидејќи на таков начин бизнисот го дизајнираме за пазарот без да се вклучиме ние како претприемачи во тој дизајн.

  • Дали имаме знаење за тој бизнис?
  • Дали имаме вештини за тој бизнис?
  • Дали имаме пасија за тој бизнис?
  • Дали ќе го постигнеме она што го сакаме во нашиот живот со тој бизнис?
  • Дали ќе бидеме задоволни со тој бизнис?
  • Што ќе биде нашата задача во тој бизнис?
  • ….

Сето тоа го забораваме и нормално дизајнираме бизнис кој ќе има слаба бизнис потенцијална енергија складирана во нас како претприемачи. Затоа набргу ќе почнеме да патиме. Па потоа и нашиот бизнис ќе започне да пати. И, нормално ќе дојде период кога нема да можеме веќе да го издржиме тоа патење со што ќе прекинеме да се занимаваме со тој бизнис.

Ова не значи дека пазарниот елемент треба да се отфрли. Туку, потребно е да започнеме од самите себеси при што ќе ја дефинираме рамката на нашиот иден бизнис, а потоа врз основа на таа рамка и на пазарните елементи да пронајдеме бизнис идеја за нашиот нов бизнис.

Да бидеме реални, секој претприемач, па и Вие како идни или пак сегашни претприемачи го започнувате бизнисот за Ваша подобра иднина. Па, зошто да не започнете при дизајнирањето на бизнисот од таа Ваша подобра иднина.

Кога го дизајнирав премиум на претприемач (ќе биде достапен од 01.01.2010) тргнав токму со еден ваков модел на започнување и дизајнирање на бизнисот. Модел кој е сосема поразличен од она што досега е пракса и што мислевме дека е вистински претприемнички пат.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*