post

Што му треба на еден претприемач за успешно започнување

Овој пост ќе претставува еден вид на вовед и едноставно нафрлување на идеи за она што му треба на еден претприемач за започнување кои што ќе продолжиме да ги користиме во теорија на бизнис идеи, и тоа не било какво започнување туку успешно и само успешно започнување. Во постот насловен како за започнување во 2012 ти треба, наведов дека е потребно бизнис идеја, бизнис модел и бизнис план.

Ова е точно и редоследот може да биде ваков во секој случај. Но, како што навлеговме малку во теоријата на бизнис идеи и графикот до кој стигнавме вчера во постот насловен како бизнис план во стартап фаза прикажан на сликата подолу може да се јават повеќе проблеми.

Теорија на бизнис идеи - потврдеи хипотези

 

Овие проблеми произлегуваат поради фактите кои што оваа теорија ни ги кажува, а тие факти се следниве:

  • Бизнис идеја не е статички ентитет во теоријата, туку треба да се потврдат основните хипотези, а доколку не се потврдат таа мора да биде предмет на менување. Е, сега тоа менување може да биде мало, средно или големо прилагодување на основната идеја при што ќе се повтори процесот на проверка, или пак во некои крајни случаи може да биде целосно менување на бизнис идејата во еден сосема друг правец. Затоа не може да се каже имам бизнис идеја, таа е конечна и одиме понатаму. 99% проверките ќе бараат одредени прилагодувања без разлика од каков вид на прилагодувања се.
  • Бизнис моделот исто така не е статичен елемент, туку подлежи и ќе подлежи на постојани промени. Мали варијации во елементите на бизнис моделот ќе предизвикаат понекогаш и драстични промени во самиот дизајн на моделот, што пак ќе бара промени во севкупните идни активности на процесот на започнување на бизнис. Од една страна самиот дизајн и иницијалните проверки на хипотезите преку бизнис моделот (за што ќе стане збор во еден од идните постови) може да предизвика промена на иницијалната бизнис идеја, но секако и промена на бизнис планот кој треба да следува од бизнис моделот.
  • Бизнис планот исто така не е статична категорија, нешто непроменливо, туку напротив претставува ентитет кој се менувал, се менува и ќе се менува постојано. Освен промените заради бизнис идејата и бизнис моделот како извори (причинители или сили) на промени на бизнис планот ќе се јават и други извори на промени. А, тоа се тековни информации од пазарот, односно поточно надворешноста на бизнисот. Затоа овие промени ќе бидат карактеристични и по започнување на бизнисот.
  • Време е еден од најдрагоцените ресурси во оваа фаза. Можеби не вложуваш пари, но твојот и на твоите партнери труд и потрошено време сигурно значат пари. Нема претприемач кој не сака колку што може побргу да ја мине оваа фаза, затоа што се исстражува, анализира и потврдува заради донесување на важни одлуки, а не се заработува. Сепак, оваа фаза е фаза која ја билда бизнис потенцијалната енергија на идниот бизнис. На пример, имаме бизнис идеја и сакаме да ги потврдиме хипотезите преку бизнис планот, и започнуваме со изработка на истиот. За колку време може да изработиме бизнис план? Една недела? Месец? Дава или пак три месеци? Можеме и за еден ден. Но прашањето е дали таков бизнис план ќе ни помогне во процесот на донесување на квалитетни одлуки. Дали истражување на пазарот може да се спроведе за еден ден или една недела? Го зедов примеро со истражување на пазарот бидејќи и од тука ќе бидат најпотребните информации за наша одлука во оваа фаза. Барање на постоечки информации, подготовка на прашалници, разделување на прашалници, собирање на информации од прашалници, подготовка за интервјуа, покани за интервјуа, реализација на интервјуа, анализа на реализираните интервјуа, анализа на конкуренција, анализа на податоци од индустријата… И ова е само еден дел кој треба да го завршиме за една недела. Сепак сакаме да имаме релевантни информации, релевантни анализи на кои ќе донесеме одлука за тоа дали иницијалната идеја ја бива или не ја бива и доколку ја бива да продолжиме со следните подготовки, а доколку не ја бива да се вратиме на нејзино прилагодување. За времето подетално ќе зборуваме во некој од наредните постови.

Најголемите проблеми во раѓањето на едне бизнис потекнуваат токму од овие три проблеми. Иако можеби во стартап фазата понекогаш може и да не се забележат, сепак ќе се појават од нивното скришно место и ќе предизвикаат огромна штета кога најмалку се надевате.

Што ни е најпотребното?

Па сега, што му треба на еден претприемач за започнување, односно стартување со еден бизнис? Прашање кое е постојано актуелно и секогаш ќе биде актуелно бидејќи се повеќе и се побргу околината во која опстојува еден бизнис се менува и ќе се менува се побргу. Затоа и старите навики и старите теории не може да ги дадат посакуваните резултати. Ајде да наведеме некои потреби кои треба да предизвикаат и промени од страна на претприемачите во однос на начинот на постапување до сега.

  1. Потенцијал за откривање на повеќе бизнис можности. Бидејќи идејата ќе биде прилагодлива мора да имаме колку што може повеќе потенцијал за откривање на бизнис можности. Бизнис можност претставува до половина потврдени хипотези за бизнис идеја. Овој потенцијал може во голем дел да го скрати времето за лансирање на бизнисот со производ или услуга кои ќе почнат да носат приходи со што ќе се намали и притисокот врз претпеиемачот.
  2. Развој на потрошувачи. Теоријата за развој на потрошувачи е развиена од страна на Steve Blank и презентирана во неговото капитално дело The Four Steps to the Epiphany. Идејата е да не се започнува бизнисот се додека не се развијат потрошувачите, а низ тоа и прилагоди самата бизнис идеја. Сепак бизнисот нема да биде за задоволување на твои потреби, туку на потреби на потрошувачите. Посебен пост ќе посветиме на оваа теорија во наредните постови од овој серијал.
  3. Моделирање на бизнисот кој ќе даде можност едноставно да се следи и менува согласно потребите од пазарот. Да, ни треба нешто едноставно што на една страна ќе ги покаже сите клучни елементи и нивните врски со што би можеле да вршиме едноставно прилагодувања кои сепак се и ќе бидат реалност и потреба. Прилагоди го бизнисот или остави го да умре.
  4. Бизнис план кој ќе го следи бизнис моделот и кој лесно и едноставно ќе обезбеди менување. Кога веќе се прави бизнис план, тој мора да го следи бизнис моделот, особено во делот на конкретни чекори за стартап фазата. Не ни треба за следните 5 години, па ни за следната година, па дури ни за следните 6 месеци. Работите се менуваат многу побргу и ќе се менуваат уште побргу. Повеќе од три месеци поглед во иднината во оваа фаза е комплетно губење на време затоа што ние тука потврдуваме хипотези, развиваме потрошувачи, градиме бизнис од самите темели. А при оваа градење постојано се прилагодуваме и не можеме да се базираме на неточни претпоставки за наредните 5 години. Важно е да ги преживееме првите три месеци, да научиме нешто од тоа преживување и да го примениме наученото во прилагодување на самата идеја, бизнис моделот и нормално бизнис планот за следните 3 месеци.
  5. Алатки и техники за анализа на податоци кои ќе обезбедат повеќестрани заклучоци за донесување на одлуки за промена на бизнис моделот. Бизнис планот традиционално користи повеќе алатки и техники. Но, проблемот е што повеќето од нив се базираат на податоци кои претставуваат или историски во комбинација на претпоставки и само претпоставки во стартап фазата поткрепени со некои индикаторски анализи. Од друга страна ако ги погледнете ќе забележите дека премногу се базирани на финансиски показатели кои веќе не се најважни кога станува збор за бизнис и особено стартап бизниси. Ова е поткрепено и со последниот развој на компаниски решенија од IT индустријата и секако business intelligence алатки и процеси. Освен тоа развојот на теориите за бизнис план и подготовка на истиот во голем дел се од минатиот век, кога информациите и достапноста на истите не биле на оваа ниво, па нормално било и да не се користат тие. Но, ние живееме во дваесет и првиот век и имаме и пристап и можности за многу повеќе информации заради анализа и тестирање. Но, ни треба процес. Од друга страна самата анализа и прикажување на резултатите од анализа може да предизвика голема забуна. Едни исти податоци прикажани на различен начин ќе доведат до различни заклучоци (посебен осврт ќе имаме и за овој проблем). Проблемот е уште поголем и поради тоа што имаме премногу информации од премногу извори во различна форма. На пример, како надополнување на податоци од продажба и трошоци кои се во нумеричка форма може да имаме и тектуална форма од интервјуа, од весници, од разговори, податоци од аналитика на веб сајт, од коментари, од социјални медиуми (додека бев во Царина како дел од тимот за разузнавање работев токму на развој на такви аналитички алатки кои колку што може повеќе ќе ми дадат трендови за донесување на квалитетни одлуки и знам дека можностите се огромни)… Затоа и ни треба еден сосема нов систем како за прибирање, така и за анализа и прикажување на тие резултати заради донесување на брзи и квалитетни одлуки.

Ова се основните 5 работи кои ни требаат. Дел сеуште не се развиени до степенот до кој ни се потребите, дел ќе ги развиеме ние, дал од нив веќе се развиени.

Цела оваа година главната тема ќе ни биде токму развојот на оваа теорија со цел барем малку да влијаеме на потребната целосна промена на парадигма кога станува збор започнување на бизнис.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*