post

Со научни методи до бизнис идеја

Овој пост е напишан од М-р Илија Чубровиќ, коавтор на книгата Менаџмент на Претприемничкиот Бизнис и еден од креаторите на идејата за овој веб сајт.

Бизнис идеи преку научни методи

Бизнис идеи преку научни методи

Не постои бизнис кој може да успее без луѓе. Претприемачот кој сака да започне со работа треба да има контакти со голем број на луѓе, да биде добро социјализиран и да слуша туѓи идеи. Најчесто луѓете со добри бизнис идеи не се и добри реализатори или им недостасува некоја од компонентите (искуство, знаење или финансии) па не можат да ја реализираат идеjата. Со слушање на изнесените идеи, решителен и дисциплиниран човек може за себе да обезбеди добар бизнис. За жал оној што имал добра идеја, а немал одлучност да ја реализира идеjата останува само нем посматрач на туѓиот успех (и никој не му кажува ни благодарам).

За отпочнување на секој бизнис потребно е да се има добра идеjа. Идеjата сама по себе не претставува решение на сите проблеми, ама претставува голем потикнувачки фактор за отпочнување на бизнис активности. Групирање на идеи може да се изврши и преку одредени научни методи. Во светот постојат неколку широко применети методи кои поттикнуваат интуитивно размислување. Тие методи најчесто настануваат преку потребата на воените служби или претставуваат успешни проекти на големите универзитети кои понатаму стануваат општо познати и применливи за широкото стопанство. Тука се опишани методи за добивање на идеи за големи системи, меѓутоа со одредена апроксимација (упростување) може да послужат и како начин за добивање идеи и во малите системи.

1. Brainstorming (мозочна бура или бура од идеи)

Оваа техника се состои во организирање креативен состанок на одредени стручни лица чиј број најчесто се движи помеѓу 5 и 15, на кој се врши собирање на мислења и ставови како и идеи за конктретно прашање, поради што се организира тој состанок. Се бара целосно слободно изјаснување. Критиката е исклучена. Не смее да се слушне збор тоа е глупаво, тоа е неможно и слично, со цел да се соберат што повеќе идеи без оглед на нивното значење и можно влијание на решавањето на конкретниот проблем. Потоа следува оценување на значењето на секоја идеја и нејзино рангирање. По рангирањето идеите влегуваат во понатамошен третман и високо рангираните идеи одат на понатамошно реализирање.

Оваа може да се примени и во малите фирми (бизниси) на тој начин што претприемачот би собрал луѓе (сега има се поголем број на високообразованите претприемачи кои исто така имаат високообразовани пријатели кои можат конструктивно да учествуваат во добивање на идеи, меѓутоа секој човек може да даде конструктивно решение) кои слободно и спонтано би изнеле идеи, а понатаму високорангираните идеи претприемачот би ги реализирал.

2. Delphi Метод

Оваа метода го добила името по грчкиот град каде во старите времиња се предвидувала иднината. Методот се состои од одделни испитувања, најчесто преку прашалници, се повикуваат експерти, носители на клучни работни задачи на повеќекратен разговор поради утврдување на нивниот став, идеја или предлог. Тие даваат одговори, наведуваат факти и предлози. Во вториот круг од разговорите учесниците се известуваат за дотогашните вкупни резултати, па од нив се бара да ги бранат своите ставови. Постапката по потреба се повторува. За тоа време доаѓа до расчистување на проблемот, до кристализација на конечните ставови, идеи и предлози. Доколку не се постигне резултат, испитувањето се прекинува, а може да се продолжи со другите учесници. Исто оваа може да го примени претприемачот за своите потреби во упростената форма каде би составил прашалник и би собрал одредена група на пријатели и би се обидел да собере одреден број на корисни идеи.

3. Синектички метод

Ова е специфичен облик на дискусиски метод за пронаоѓање идеи, решавање на одредени проблеми и др. Дискусиски тим се состои од 5 до 7 лица со различна стручност и образование, лица кои се специјално одбрани за таа пригода. Проблемот, целта и планот се разложуваат толку долго се додека сите членови на дискусискиот тим не ја сфатат нивна суштина, значењето и она што се сака да се постигне со работата на тимот. Потоа проблемот се отуѓува и се наоѓа сличност во природата (се земаат ликови во вид на животни: риби, жаби, желки… и други облици како идејни облици за одредените производи) и слично. Со помош на таквото апстрактно скршнување од почетниот проблем се бара и се наоѓа неговото решение. Решението може да претставува идеја која се граничи со фантазија што на организаторот на дискусијата му остава задача подоцна со обработката на резултатите, да извлече корисни и потребни сознанија и заклучоци.

4. Морфолошки метод

Овој метод е соодветен за идеите за високата технологија. Тој обезбедува да се избегнат важните грешки во пристапите од кои се тргнува во предвидувањето и овозможува примена на принципот на повеќе димензионална класификација, која се сведува на расчленување на одредена целина на составните делови. Се формира матрица во која во првата колона се основните обележја а во другите колони се варијацији на основните обележја. При примената на морфолошкиот метод во прв ред е потребно да се утврдат сите постојни обележја (се анализираат сите можни варијанти без оглед колку се чудни или тешко остварливи) и се внесуваатт во матрицата. На тој начин овој метод може да помогне да се изврши соодветна класификација на новите технолошки решенија. Покрај тоа се отвара можност за комбинирање на елементите во нов пристап, независно од тоа во која мерка таквите решенија се моментално можни, изводливи и ефикасни.

Морфолошка матрица

5. Креативен удар

Овој термин прв пат е употребен од Tom Peters со цел да се опише процесот на агресивно откривање на знаењата и интересите на конкурентите. Тој предлага сите вработени да се преобразат во т. н. Vacuum cleaners (правосмукалки) за да побараат и да го разберат најдоброто што го нудат другите. Токму тоа го правел Marriott при дизајнирање на својата мрежа хотели. Цели тимови од вработени во маркетингот, финансиите, човековите ресурси и оперативата биле испратени на близу 400 конкурентски хотели за да ги истражат нивните карактеристики (креветите, големина на собите, дебелина на зидовите, придружните ресторани итн.), нивните услуги ( резервации, внимание на персоналот и др.) и нивниот менаџмент (работење, морал …). Резултат на тоа била добро дизајнирана мрежа хотели со пристапни цени наменети за бизнисмени кои често патуваат.

Истото ова секој претприемач мора да го применува се додека работи. Бидејки внимание кое се обрнува на конкурентите мора да биде големо за да се знае однесувањето на секој конкурент (цени, односот кон клиенти, начин на плаќање…). Секаде во светот е голема чест да се има вработување и не е ни лесно ни едноставно да се бара ново вработување, поаѓајки од тоа секој вработен треба без никакво посебно насочување да го следи пазарот и конкурентите и за тоа да го известува претприемачот кој соодветно би реагирал на секој предизвик (види SWOT-анализа).

За Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Искажи се доколку имаш нешто

*