post

Структура на екосистем за иновации

Во голем број на случаи иновациите се базираат на екосистеми. Ништо не е во рацете на еден човек или пак една компанија, секогаш постојат и други чинители кои се значајни, но и без кои тешко дека ќе може една иновација да успее.

екосистем за иновации

Индивидуализмот е минато. За да успее една страна во тој поопширен систем, ќе мора да успее и некоја друга страна. За да можете да иновирате, универзитетитe и науката ќе мора да создаваат нови откритија.

Која е улогата на претприемачот.

Да ги искористи научно техничките сознанија кои постојат денес, да ги подобри доколку може и да најде практична имплементација на истите. Од друга страна во иднината се повеќе ќе биде актуелно обезбедување на понуди од страна на екосистеми. Тоа значи, досегашните бизниси кои немале воопшто врска еден со друг ќе започнат да нудат на заедничка платформа на производи или услуги со цел поквалитетно задоволување на потенцијалниот купувач.

Тука ќе опфатам два примери кои веројатно ги знаете а сега да ги погледнеме од перспектива на еден иновациски екосистем. Едниот ќе биде за веб базиран производ, односно сервис, додека другиот пример ќе се однесува на физички производ.

Прво за веб базиран сервис, односно YouTube.

Напомена: Овој наслов претставува извадок од епизодата 23 од подкастот “претприемачки пат“, за целосна содржина можете да го симнете транскриптот или пак да ја слушате епизодата преку следниов линк: “екосистем за иновации“.

Сега, главното прашање е кои се главните чинители на екосистемот на YouTube?

  • Прв чинител е нормално оној кој раководи со одржување и развојот на сервисот, а тоа е Google, компанија која го поседува YouTube. Нормално е да започнеме од оној во чии раце се наоѓа иновацијата.
  • Понатаму втор чинител ќе претставува група од чинители која едноставно тука ќе ја наведам како технологија. За да може да функционира YouTube онака како што функционира ќе бидат потребни сервери со соодветни капацитети, ќе биде потребно интернетот да биде со соодветна брзина, ќе бидат потребни разни алатки во рацете на обичните луѓе за да можат да креираат видео материјали со соодветен квалитет… Веројатно се сеќавате кога имаше ограничувања на аплоад на видео на сервисот до 10 минути или толкава и толкава големина на фајлот. Пред повеќе од пет години немаше можност секој да има добра видео камера, а денес скоро секој мобилен телефон има подобра од најдобрата пред седум-осум години. Значи развојот на YouTube во голем дел зависел и ќе зависи во иднина од развојот на производи кои воопшто не се во рацете на Google. Затоа едно од клучните прашања е дали постоечката технологија ќе ја поддржи нашата иновација.
  • Понатаму како трет чинител на екосистемот на YouTube од кој што исто така ќе зависи успешноста, би биле креатори на видео материјал. Што би бил YouTube доколку нема видео материјали во количина во која ги има? Веројатно ништо. А, што доколку луѓето не се спремни да снимаат видео материјали и да ги споделуваат со светот? Едноставно во една таква ситуација ќе нема креатори на содржина, ќе нема видео материјали и сервисот нема да успее. Тоа е факт.
  • Како четврт чинител би ги издвоил филмските компании и телевизиските куќи како и кабелските мрежи кои едноставно ќе претставуваат основа на идниот развој на сервисот. Едноставно Google по досегашниот успех со сервисот размислува за следните чекори, а тоа е како преку оваа платформа да се обезбеди севкупното доживување пред телевизија низ сите домови. Проблеми во стилот на авторски права, распредлување на колачот од добивката, начинот на користење и други ќе мора да се решат за да овој екосистем во една таква форма профункционира.
  • Петтиот чинител во екосистемот би биле оние кои поставуваат и плаќаат за реклами. Како може да се обезбеди инвестирање во развој и иновирање без да се комерцијализира онаа што постои, а во овој случај самиот екосистем? Затоа се потребни и оние кои ќе плаќаат за да нивната реклама биде видена од милиони корисници.
  • Шестиот чинител би биле корисниците, односно гледачите на видео материјали. Сепак тие се оние последните во синџирот на креирање на, за и во сервисот. Тие се оние кои ќе го зголемуваат бројот на прегледи, ќе лајкуваат, ќе споделуваат и ќе коментираат. Сепак, на крајот сите што учествуваат во овој екосистем работат за да ги задоволат корисниците, односно гледачите.

Значи да сублимирам од овој пример. Успехот на YouTube како сервис ќе се базира:

  • Прво на сопствените компетенции на Google, односно компетенциите кои ќе ги имаат неговите инженери во однос на постојано пдообрување на сервисот и постојано вметнување на иновативни технологии во самиот сервис за да биде онаа што е или што ќе биде во иднината. Но, сепак за жал како што во повеќето иновации е случај, успехот нема да зависи само од нив туку и од некој друг.
  • Тој некој друг прво ќе биде технологијата и кога станува збор за технологијата тука ќе бидат сите оние кои на некој начин допринесуваат за функционалноста на сервисот. Па така ќе ги имаме производителите на сервери. Научно-технолошки развој на софтверската индустрија и особено во однос на оптимизација на видео материјали при аплоадирање. Потоа тука ќе биде развојот на интернетот и особено во делот на брзината. Тука ќе бидат и производители на видео камери, мобилни телефони со видео камери, но да не ги заборавиме и едни сосема нови чинители на овој екосистем а тоа се развивачите на софтвер за мобилни телефони кои олеснуваат квалитетна креација на видео материјали и брз аплоад на сервисот. Но сепак, и двата овие чинители да успеат, без поддршка од останатите не може да се гарантира успех.
  • Затоа последната група на чинители ќе бидат и оние од кои ќе зависи прифаќањето на иновации од претходните две групи, а тоа се креатори на видео материјали, доставувачи на телевизиска програма, филмски компании, кабелски оператори и мрежи на телевизии, рекламирачи и корисници на сервисот како гледачи на видео материјал, односно на понудата која може да се најде преку самиот сервис.

Да преминам сега на вториот пример. Ајде за нешто што постојано предизвикува внимание, а тоа е иновација на автомобил на електричен погон. Иновација, како иновација кога станува збор за автомобили на електричен погон не е проблематична, таа постоела уште пред повеќе од 100 години. Значи не е проблем да се направи автомобил на електричен погон, проблем е да се направи автомобил со слични функционалности кои го карактеризираат автомобилот на бензински погон денес. Проблемот е недостаток на соодветен екосистем на оваа иновација.

Кои ќе бидат чинители на овој екосистем?

  • Прво, повторно ќе започнам со компанијата која произведува таков автомобил, сепак тоа е производот кој треба да се најде во рацете на корисниците кои ќе платат пари за истиот.
  • Понатаму, втор чинител на екосистемот ќе бидат производители на батерии кои ќе го овозможуваат погонот на самиот автомобил. Повторно тука ќе дојдеме до самиот развој на технологијата, бидејќи главните предизвици кои сеуште се решаваат за оваа иновација е овозможување на подолго возење со едно полнење на батеријата, односно акумулаторот што претставува доволен капацитет, но и цената на самиот акумулатор со такви перформанси.
  • Трет чинител на екосистемот ќе биде самата инфраструктура за полнење на тие акумулатори. Нормално, сегашната инфраструктура на бензински пумпи овозможува безгрижно поаѓање на било која релација со автомобилот, а истото го очекува и купувачот на автомобилот со електричен погон.
  • Како четврт чинител на овој екосистем на иновација ќе претставуваат дилерите, односно оние кои ги продаваат овие возила.
  • И како петти чинител ќе бидат самите купувачи, односно корисниците на овој автомобил на електричен погон.

Повторно да сублимираме.

  • Прво го имаме сопственикот, односно оној кој иновира нов производ.
  • Потоа ги имаме производителите на батерии, односно самата технологија и можностите кои ги дава истата за оваа намена, но и инфраструктурата за полнење на батеријата, односно акумулаторот. Без овие два чинители успехот на иновацијата нема да постои.
  • И ги имаме дилерите кои треба да сакаат да го продаваат и нудат производот и корисниците да сакаат да го имаат и користат производот.

Мислам дека овие два примери се доволни за да знаете што претставува еден екосистем на иновација. Сега пред да завршам со оваа епизода би сакал да извлечеме некои заклучоци.

  • Прво, дел од екосистемот ќе бидете вие и вашиот бизнис кој сакате да воспоставите екосистем за иновација, кој ќе иновира нов производ за пазарот.
  • Второ, дел од екосистемот ќе бидат и сите оние кои ќе коиновираат со вас, односно кои ќе мора да иновираат за да се користат и нивните производи или услуги, односно сервиси во вашата иновација. Тука е самиот развој на технологијата при што може да бидат универзитети или компании кои веќе произведуваат исти или слични производи и кои може да бидат ваши снабдувачи. На пример во некој екосистем може да бидат производители или снабдувачи, во друг може да бидат дизајнери на апликации кои се продаваат преку екосистемот како што е случај со App Store на Apple или Google Play на Google.
  • Трето, екосистемот ќе ги содржи и оние кои треба да ја прифатат иновацијата, како што се корисници, дилери, малопродажба, големопродажба, дистрибутери…
About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*