post

За да имате супер идеи, треба да имате многу идеи

Да, за да имате супер идеја, ќе треба и да имате многу идеи од кои ќе изберете една врз основа на тестирања, споредувања и анализи.

тестирање на идеи

Кога зборуваме за идеи и бизниси, мора уште на почетокот од овој наслов да напоменам дека не станува збор само за идеи за бизнис, односно за започнување на бизнис. Идеи се и сите оние идеи за нови производи, нови процеси, подобрувања на производи или процеси или пак и подобрувања најситни движења во вашата работна средина.

Сега, знам дека повеќето сметаат дека премногу идеи може да доведат до “парализа” во однос на одлучноста и имплементацијата на идеите. И тоа е точно, но само во ситуации кога станува збор за крајно несистематични личности.

Идеи како резултат на креативен процес

Прво идеите се резултат на креативен процес кој вие како еден претприемач го имате или пак резултат на креативен процес кој системски е вграден во вашата компанија. Тој процес користи одредени потенцијали и компетенции во поединците како можност за согледување на потреби, препознавање на проблеми, препознавање на трендови, поврзување на коцкичките во и надвор од вашата компанија и слично. Сите тие идеи, претставуваат голем капитал за вас и вашата компанија иако некои може да изгледаат неприменливи за денес или без никаква вредност во моментов. Но, сепак тоа е идеја. А, идеја не е готов производ, таа е производ на креативноста, односно сонување како што често пати сакам да кажам.

Таквите идеи не одземаат време, тие едноставно доаѓаат и доколку се складираат нема да се изгубат, што значи дека го зголемуваат капиталот на вашата компанија. Таквите идеи не бараат пари, бидејќи сеуште нема да се имплементираат. Тие се само збир на зборови кои опишуваат нешто што можеби би било добро да го правите во иднина. Значи, од поседување на повеќе идеи зијан нема да бидете.

3 Причини зошто треба да имате многу идеи

Но, што ќе добиете? Тука ќе наведам само 3 причини кои потврдуваат дека треба да имате многу идеи за да дојдете до супер идеја.

  1. Кога имате повеќе идеи конкурентноста помеѓу идеите е поголема. Ова ви е исто како и на еден пазар, колку е поголема конкуренцијата толку е поголема и веројатноста за подобар квалитет на онаа што се нуди.
  2. Кога имате само една идеја ризикувате да ја имплементирате само затоа што е единствена без разлика дали е добра или лоша. Најлошо нешто кое што го забележувам е стекнување на една и само една идеја и моментално фрлање на нејзина имплементација. Тоа значи дека без размислување избирате само една алтернатива (ако може да се каже дека е алтернатива).
  3. Повеќе идеи бараат аналитичност, експериментирања, тестирања и споредувања. Кога имате за една работа повеќе идеи, ќе мора да ги анализирате, да ги споредувате, тестирате и експериментирате се со цел да се осигурате дека ќе ја имплементирате најдобрата.

Значи, не мора да стравувате од тоа што имате многу идеи. Тоа е добар потенцијал за вас без разлика дали веќе сте или ќе станете претприемач. Финтата е што правите со тие идеи.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*


Warning: Parameter 1 to W3_Plugin_TotalCache::ob_callback() expected to be a reference, value given in /misc/25/000/213/213/5/user/web/pretpriemac.com/wp-includes/functions.php on line 3643