post

Теорија на бизнис идеи

Вчера пишував за започнување на бизнис во 2012 и она што ќе ти треба за да бидеш во состојба да го ставиш бизнисот на сопствени нозе барем донекаде. Стана збор за бизнис идеја како основа, бизнис модел базиран на таа бизнис идеја и бизнис план базиран на бизнис модел кој ќе се следи за имплементација.

Овој наслов прво го ставив како започнување на бизнис на “сигурно”. Но, сепак забележав дека ќе биде многу големо излагање или изнесување на мои идеи и теории па го сменив во теорија на бизнисот, а со останатите делови ќе продолжиме преку други постови, сепак најавив дека оваа година ќе биде година на започнување на бизнис и процес на бизнис планирање на претприемач. Првото прашање што ми доаѓа на ум е постои ли такво нешто. Постои ли сигурност во бизнисот во услови на огромна неизвесност, за што пишувавме повеќе пати, а особено во насловот што е карактеристично за секој претприемач и секој бизнис. Нема сигурност во ништо, па ни во бизнисот, но не смееме да се ставиме во позиција да не ја бараме сигурноста. Ова значи дека иако неизвесноста е голема мора постојано како еден претприемач да бараш информации и податоци на кои ќе ги носиш следните одлуки.

Една бизнис идеја доаѓа во состојба на висока креативност во која се наоѓаш. Можеби вреди, можеби не вреди. Но, едно е сигурно со секоја твоја бизнис идеја за која сметаш дека вреди постои висока емоционална поврзаност која може да биде кобна за твојот бизнис доколку се одлучиш да го стартуваш. Емоционалната поврзаност е нормална за се она што потекнува од тебе, за се она во што веруваш и за се она што сметаш дека е вредно. Но, сепак таа емоционална поврзаност те заслепува и ти оневозможува да ја погледнеш реалноста онаква каква што е.

Можеш и да го изградиш производот или услугата за што ќе вложиш и пари и труд, но и време. Сето тоа се категории кои лесно може да се изразат во парична единица. Можеш да го изнесеш производот на пазарот и да ги имаш првите повратни информации и сеуште твојата висока емоционална поврзаност да не ти дозволи да погледнеш во бројките и да го видиш она што ти не сакаш да го видиш.

Затоа ти треба еден пристап кој барем колку толку ќе ти овозможи да чекориш на цврста основа. Но, тој пристап треба да се базира на науката или комбинација на повеќе науки.

#1 Да зборувам малку за бизнис идеја

Да започнеме од бизнис идејата. Во услови на висока креативност ти доаѓаш до идеја за која сметаш или мислиш дека ќе биде одлична. Ова го гледам кај многумина потенцијални претприемачи. Кога ми зборуваат за нивната идеја им светат очите, тие се вљубени во нивната идеја. Очекуваат многу, иако воопшто не претпоставуваат дека ќе треба да вложат многу, не само пари, туку еден голем дел од самите себеси.

Што е бизнис идеја? Не сакам да бараме дефиниции од литература, туку би сакал едноставно да одговорам на прашањето. Бизнис идеја е нешто што можеби ќе реши некој проблем на пазарот.

Забележете дека велам можеби. Јас не сум сигурен 100%. Ни ти како еден иден претприемач не си сигурен 100%. Затоа бизнис идејата е претпоставка дека ќе реши проблем кој постои на пазарот.

#2 Следуваат хипотезите…

Самат бизнис идеја е претпоставка или хипотеза, но за да биде прифатлива мора да постојат уште некои претпоставки. Бидејќи бизнис идејата претставува претпоставка дека ќе реши некој проблем на пазарот таа претпоставка е силно поврзана со проблемот. Затоа и при започнување на бизнисот треба да се дефинираат хипотезите на кои ќе се базира една таква бизнис идеја:

  • Претпоставка дека ќе постои проблем. Без проблем вредноста на бизнис идејата е 0. Затоа што согласно дефиницијата која ја дадовме погоре бизнис идејата е цврсто поврзана со постоење на проблем на пазарот.
  • Претпоставка дека дел од пазарот сака да го реши проблемот. Кога веќе претпоставуваме за постоење на проблемот доаѓаме до втората претпоставка за една бизнис идеја доаѓаме до уште една важна претпоставка дека пазарот ќе сака да го реши токму тој проблем за кој е наменета бизнис идејата. Ова е многу важна претпоставка бидејќи доколку пазарот не бара или не му е потребно решение иако има проблем бизнисот нема да успее. Ти знаеш дека постои проблем, и пазарот може да знае дека постои проблем, но дали сака да го реши тој проблем или каде на листата на проблеми по важност се наоѓа токму тој проблем.
  • Претпоставка дека тој дел е доволно голем за да успее бизнисот. Освен што треба да има претпоставка за постоење на проблем и желба за решавање на тој проблем мора да постои и доволна критична маса за да успее бизнисот. Некои бизниси и некои индустрии може да имаат и мала критична маса за почеток која со самото започнување ќе ја развиваат и зголемуваат.

#3 Теорија на бизнис идеи

Овие претпоставки ја креираат таканаречената “теорија на бизнис идеи”. Ова е мое размислување и мое именување на една теорија која можеби постои но не е систематски обработена ниту научно образложена, а која во текот на оваа година ќе се обидеме да ја дефинираме и образложиме во поголеми детали тука на претприемач. Оваа теорија на бизнис идеи се базира на 3 хипотези кои ги дефиниравме погоре:

  • Хипотеза 1: На пазарот постои проблем кој ќе се реши со бизнисот како резултат на една бизнис идеја
  • Хипотеза 2: Пазарот сака и има желба да го реши проблемот кој идниот бизнис како резултат на една бизнис идеја ќе понуди решение.
  • Хипотеза 3: Пазарот кој сака да го реши проблемот е доволно голем за да се обезбеди успешно започнување и развивање на бизнисот.

Кога се започнува еден бизнис, уште пред конечната одлука еден претприемач мора на научна основа, врз база на точни податоци да се обиде да ги тестира овие хипотези.

Забележувате дека дотука се се работи на претпоставки, па затоа и голем дел од неизвесноста произлегува од тука. Таа неизвесност ни вели дека треба да застанеме, сеуште е рано за она вистинското започнување.

Ќе продолжиме со развојот на теоријата и секако стартап процесот. Сега засега дојдовме до дијаграмот за оваа теорија прикажан подолу и тој е основата на кој ќе градиме.

Теорија на бизнис идеи - основи

Теорија на бизнис идеи – основи

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*