post

4Е Рамка За Градење На Тим Кој Победува

Тимската работа е основа за успех на секој бизнис. Но доколку Вие како претприемач не изградите тим кој има потенцијал да победува, тимската работа нема многу да помогне за успешен развој на Вашиот бизнис.

Тимска работа

Пред неколку години во Адижесовиот Институт во Нови Сад купив 15-тина книги, меѓу кои и Winning (Преведена како Вештина на победување) од Jack Welch. Jack Welch е поранешен CEO на General Electric, компанија која ја водел 30-тина години и за кое време ја зголемил вредноста на компанијата повеќе од 30 пати. Како еден од клучните елементи за успехот на компанијата е што тој трошел 50% од сопственото време на стекнување, евалуирање и развој на таланти. Сето ова всушност тој го правел со помош на оваа Рамка 4Е. Еве што вели тој за 4Е:

Ми беа потребни години да ја формирам Рамката 4Е. Без сомнение, постојат и други луѓе кои имаат изградено некаква рамка која добро функционира во градењето на победничките тимови. Меѓутоа, јас дојдов до сознание дека оваа рамка е проверено делотворна во сите бизниси и сите граници.

Но, што всушност претставува таа рамка? Рамката всушност претставува збир од 4 критериуми врз основа на кои може да се евалуира талентот во еден бизнис. Сите тие критериуми започнуваат на буквата Е (на англиски). Ќе ги претставам накратко тие 4 Е критериуми.

Енергија

Првото Е се однесува на енергија (Energy). Прво што треба да побарате кај луѓето кои сакате да ги вклучите во Вашиот тим кој победува е енергија и тоа позитивна енергија. Луѓето со голема енергија се луѓе кои се движат 100 на час во околина во која сите се возат 20 на час. Тие се спремни да напредуваат и да работат за секој успех. Еве што Jack Welch вели за овие луѓе:

Луѓето кои имаат позитивна енергија вообичаено се екстровертни и оптимисти. Тие лесно покренуваат разговор и се спријателуваат со другите. Денот го започнуваат и го завршуваат полни со ентузијазам, а ретко се заморуваат. Не се жалат бидејќи работат, а сакаат да работат.

Енергизирање

Вториот критериум е енергизирање (Energizing). Освен сопствената енергија потребно е да имаат и способност и во другите да влеваат енергија и ентузијазам. Оваа способност е навистина важна за еден бизнис бидејќи повеќето луѓе ја губат енергијата со текот на времето па затоа луѓе со оваа карактеристика овозможуваат една квалитетна работна атмосфера во самиот бизнис. Еве што Jack Welch вели за овие луѓе:

Луѓето кои влеваат енергија можат да ги инспирираат членовите на тимот да се фатат за невозможното и во тоа ѓаволски да уживааат.

Срце – Храброст

Третиот елемент е да имаат срце, односно храброст (Edge) за да носат клучни одлуки. Не се потребни луѓе кои постојано ќе анализираат, а нема да донесуваат одлука во клучен момент. Секогаш треба да се пресече и да се донеса важна одлука. Еве што Jack Welch вели за овие луѓе:

Ефикаснисте луѓе со срце и храброст знаат кога е време да престанат да процеснуваат и да донесат тешка одлука, дури и кога немаат доволно информации.

Спроведување

Четвртиот критериум или пак 4-тото Е е Спроведување (Execute). Ова е и клучот за целиот овој модел бидејќи без некои резултати претходните 3 Е не се доволно корисни. Оваа карактеристика ги конвертира енергијата и одлучноста во вистински мерливи резултати. За оваа Е Jack Welch вели:

… можете да имате позитивна енергија, да влевате енергија и ентузијазам во другите, да донесувате тешки одлуки, но сепак да не стигнете до целта. Способноста нешто да се спроведе е посебна вештина. Таа подразбира дека личноста знае како одлуките да ги спроведе на дело и да ги турка се до нивна потполна финализација, надминувајќи ја отпорноста, хаосот и неочекуваните препреки.

Користете ги овие карактеристики за да успеете да изградите тим кој навистина победува.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*