post

Три Типа на Претприемачи

Теоријата многу често се занимава со типови на претприемачи при што се вршат различни истражувања за да се најде еден модел на успешност во претприемништвото. Оваа е многу тешко! Не постои идеален претприемач! Бизнисот во голем дел се базира на знаењето и снаодливоста на претприемачот, но не и само од него. Не е добро да ги препишуваме теориите од високоразвиени земји бидејќи воопшто не се применливи кај нас (барем во голем дел).

Овој напис е инспирација од статусот на профилот на Facebook на мојата братучетка на кој пишуваше „Паметните луѓе зборуваат за идеи, Просечните за сегашноста, а Примитивните за други луѓе…“ Па според ова општа реченица би ги поделил претприемачите на:

  • Паметни претприемачи
  • Просечни претприемачи
  • Примитивни претприемачи

Паметни претприемачи

Во овој поднаслов ќе се обидам да ги извлечам некои од карактеристиките на паметни претприемачи.

  • Високообразовани луѓе со огромно знаење кое не го оставаат по завршување на факултетот туку постојано го надополнуваат. Оваа знаење ги прави навистина уникатни во бизнисот кој го водат.
  • Секогаш полни со идеи кои се разликуваат од идеите на просечните и примитивните претприемачи. Врз основа на овие нови идеи нивниот бизнис е уникатен на пазарот на кој работат.
  • Имаат висока способност за проценка и реално расудување на работите околу нив. Проценка и расудување е навистина потребно за одлично водење на бизнисот. Многу одлуки се базираат на квалитетни проценки.
  • Не се затворени и не мислат дека знаат се и секогаш. Тие имаат знаење но не за се! Но, затоа што имаат знаење знаат и да побараат совет и помош кога почувствуваат дека не се сигурни во нешто.
  • Ги интегрираат идеите од сопствени вработени во подобрување на бизнисот. Секоја добра идеја е можност за подобрување на бизнисот кој го води еден чекор напрад. Затоа овие претприемачи не патат од комплекси затоа што нивниот вработен ќе им даде добра идеја.
  • Ја следат со едното око конкуренцијата но не се опседнати со нив. Да, опседнатост е претерана работа. Опседнатите претприемаи не спаѓаат во оваа група. Но, од друга страна внимателно следат што се случува во околината на поле на конкурентноста.

Просечни Претприемачи

Оваа е втората група на претприемачи која се чини и дека е најбројна. Ова се претприемачи кои немаат високо знаење но и не бараат помош. Идеите им се просечна страна бидејќи се базираат на копирање и едноставно само копирање без некое подобрување.

Би го претставил овој претприемач со еден пример. Претприемачот има пари за започнување на бизнис (од родители или пак има работено нешто во странство и заработено солидна сума на пари за започнување на сопствен бизнис). Треба да одлучат за едно прашање – ШТО? Е тука доаѓа првиот проблем на нивната просечност што ќе ги следи до крајот на животниот век на бизнисот (вообичаено од една до три години). Во овој момент се јавува таканаречена претприемничка блокада.

Претприемничка блокада е кога претприемачот доаѓа во фаза на безидејност. Неговиот мозок не може да обработи доволно идеи или пак да најде решенија за проблеми кои во секој бизнис постојат.

Тој претприемач во овој момент на започнување на бизнисот ги гледа трендовите и бара начин како најлесно да започне бизнис. И нормално најлесно е да се копира она што постои. Најверојатно некој бутик бидејќи слушнал дека маржата е голема. Или пак некоја бакалница бидејќи комшиите секој ден ќе купуваат леб. Но, овој претприемач не прави инвентивна копија на бизнисот туку целосна копија на нешто постоечко што веќе го има на секој чекор.

Постојат две можности: да успеат или пак да што е почесто во вакви ситуации да не успеат. За да успеат мора да излезат од сопствената просечност преку проширување на сопственото знаење и одблокирање на претприеманичката блокада. Сепак, секојдневно гледам дека огромен број на претприемачи ги затвораат сопствените бизниси и бараат начини пак да се вратат да работат за друг.

Примитивни Претприемачи

Третиот тип на претприемачи според мое лично убедување се „примитивните“ претприемачи. Ова се претприемачи кои навистина не знаат што прават во претприемништвото. Тоа се загубени души кои не можат да го најдат сопствениот пат. Основната карактеристика им е што повеќе се занимаваат со другите бизниси наместо со развојот на сопствениот. Можете да ги видите ваквите претприемачи насекаде околу Вас. Тие најчесто ги оговараат паметните претприемачи поради тоа што во секој случај им завидуваат.

Се занимаваат со туѓите проблеми наместо со своите. Најтрагично е што мислат дека имаат знаење, а се без знаење. Оваа е една од најголемите болести која не предизвикува лична болка, но на бизнисот што го водат и тоа каква болка му предизвикува. Не прифаќаат добронамерни совети од своите блиски, а ниту од своите вработени. Што е потрагично не ни бараат помош иако длабоко заглавуваат.

Тие се кратковиди, подалеку од сопствениот нос не можат да погледнат а камоли за утрешноста. Планирање и истражување на пазарот за нив не постои.

Но, постои една опасност што тие се шират како вирус и можат да бидат заразни особено за просечните претприемачи да влезат во оваа група. Вирусите се лечат со витамини, а витамините за овој вирус се знаење и постојано проширување на знаење.

Слика од mikebaird
About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*