post

Улога на лидер во една компанија

Менаџмент Секој менаџер е лидер на одредена група луѓе.

Улогата на еден лидер го обврзува менаџерот да ги мотивира, обучува и охрабрува соработниците, а има за цел да влијае врз придонесот на луѓето во компанијата.

Доколку менаџерот поседува или ги развил лидерските вештини за управување со луѓе, неговата работа ќе биде полесна, а постигнатите резултати ќе бидат поголеми. Лидерот треба да биде пример и предводник на една компанија. Тој мора да поседува авторитет, да се држи до морални и етички принципи, да поседува доза на праведност и искреност како спрема вработените така и спрема сите партнери со кои соработува. Лидерот може да послужи како пример, кој ќе влијае врз другите да ја зголемат продуктивноста.

На пример, лидерот може да го употреби своето влијание за да го подобри моралот. Големината на еден лидер може да се согледа и во неговата способност да делегира овластувања. Тоа не е ни малку пријатна задача, бидејќи голем број на менаџери се чувствуваат како некој да им ја зема нивната работа. Но, обврските на менаџерот се големи, тој треба да прифати директна одговорност за она што самиот го извршил со полн капацитет. Сето останато, што не бара негово директно ангажирање, треба да го делегира на подредените.

За да биде делегирањето успешно, претходно треба да се создадат способни и обучени заменици, кои ќе бидат способни тие задолженија квалитетно да ги реализираат. Довербата треба континуирано да се гради и проверува, а делегирањето да се врши од помали кон поголеми овластувања при што, паралелно би се создавале услови за тимска работа на група менаџери, под раководство на лидерот.

Доколку лидерот охрабрува и потикнува подредени менаџери, тие мошне бргу ќе се оспособат за извршување на комплексни функции кои бараат теоретско и практично знаење, но бараат и искуство и храброст за да се превземе нешто (или да се елиминира стравот дека ќе се згреши, доколку нешто се превземе). Тоа е и една од главните задачи на лидерот, да влева храброст и доверба.

Бидејќи знаењето и искуството се стекнуваат бргу, но стравот да не се погреши – парализира голем број на менаџери, па доколку менаџерот како лидер успее и тоа да го вгради кај своите подредени, тогаш може да се смета за успешен лидер.

Најголемите проблеми потекнуваат од луѓето, нивните желби, барања, однесувања и амбиции како индивидуални, така и групни. Раководењето претставува ефективно средство за мотивација на подредените, избирање на ефективен канал за комуникација и решавање на различни проблеми и конфликти. Ова не е едноставно и доколку би било едноставно не би постоеле неуспешни менаџери. Со оглед на својот карактер, знаењето, како и состојбата во компанијата и во општеството, менаџерите применуваат разни начини на раководење кои се повеќе или помалку успешни.

About Илија Чубровиќ

Speak Your Mind

*