post

Видови на промени врз основа на тоа што се менува

Долго време ги проучувам организациските промени (некаде од крајот на деведесетите години од минатиот век). Еден дел од моето прочување во тој период и особено работејќи на магистерската беше прибирање и анализирање на научна литература од оваа подрачје. Тогаш разработив повеќе класификации на промени. Но, тука би сакал малку да зборувам за една од најчестите, но и најпогрешно разбраните класификации.

Таа класификација се прави врз база на тоа што ќе се менува во организацијата. Доколку промените се насочени кон технологијата имаме технолошки промени. Доколку се насочени кон структурата тоа се структурни промени или пак доколку е насочена кон луѓето тоа се промени на луѓето. Така да класификацијата најчесто изгледа вака:

  • Технолошки промени
  • Структурни/процедурални промени
  • Промени насочени кон луѓето

Технолошки промени. Научниот развој на нова технологија претставува причинител на овој вид на промени. Оваа се едни од највидливите и најдраматичните промени кои што се направени во организациите во последниве години. Во последните три децении автоматизацијата на големи врати навлезе во бизнис организациите. Роботиката во процесот на производството е се поприсутна, а информациската технологија отвора нови погледи во начинот на работењето на организациите. Денес дури и не е можно да се замисли успешно функционирање на компанијата без компјутерите. Дали нам ни се допаѓа тоа или не, брзината на технолошките промени во организациите не може да се следи со голо око.

Структурни/процедурални промени. Овој вид на промени се доста популарни во последно време кај организациските експерти бидејќи организациите сакаат да воспостават што е можно поефикасен и поефективен организациски дизајн во поглед на што подобра комуникација, координација, стандардизација и специјализација на активностите. Исто така оваа промена се однесува и на прашањата за централизација и децентрализација во донесувањето на одлуките, како и на големината на работните единици. Пример на овој вид на промена е да се промени организациската структура што во моментов се користи (на пр. функционална) во некоја друга структура (на пр. матрична).

Промени насочени кон луѓето. Луѓето (вработените) се најважната компонента на организациите, бидејќи од нив зависи успехот на истата. Ние можеме да спроведеме технолошки или структурни промени, но доколку тие не бидат прифатени од членовите на организацијата кои што ќе треба да ги применуваат новите стандарди сета работа може да биде фрлена во вода. Овие промени се однесуваат на мотивацијата, вештините, однесувањето, вредностите, ставовите, нормите и перцепцијата на членовите на организацијата. Ова е и суштината на организациските промени, поради што тие во најголем број случаи се насочени кон луѓето, односно промената не може да биде успешна доколку не се извршат промени во човечкиот фактор.

Видови на промени На сликата се претставени овие видови на промени. Тие се претставени во вид на кругови кои меѓусебно се пресечуваат (Венови дијаграми со пресеци). Со ова сакам да укажем дека теоретски може да ги разгледуваме одвоено овие промени, но во реалноста тие се преплетени меѓу себе и се појавуваат како комбинација на една со друга или најчесто сите заедно. Така да од основните три вида на организациски промени ќе добиеме уште четири нови и тоа:

  • Техноструктурни промени  (промени кај технологија и структура);
  • Социотехнички промени (промени кај луѓето и технологијата)
  • Социоструктурни промени (промени кај луѓето и структурата)
  • Социотехноструктурни промени (промени кај луѓето, технологијата и структурата)
About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*