post

За глобални компании треба и глобален избор на земји за соработка

Меѓународни компании Компаниите треба да градат производни капацитети во странство кога нивото на побарување на производите во странство ќе постигне поголем обем. Кога компанијата ќе одлучи да излезе со работа на меѓународниот пазар, тогаш пред нејзе се поставува прашањето во која земја да се лоцира, а тоа зависи од тоа каков производ има или со каква услуга располага компанијата.

Предностите кои ги нуди една земја можат да бидат природни (располагање со одредени минерални богатства или задоволување на производство на одредени производи, кои бараат одредени климатски или земјишни услови) и стекнати фактори, преку обука и образвание (знање, вештина, култура, работни навики, смисол за организирање, стручен и образовен кадар). Овие предности во комбинација со развиениот техничко-технолошки потенцијал ја зголемуваат ефективноста во работењето.

Некогаш компаниите одат во развиените држави за да се доближат до богатите пазари, да се доближат до конкурентите и слично. Некогаш одат во неразвиените земји за да ги пласираат своите производи или услуги, за да ги искористат суровините, коридорите, за да ги остварат стратешките интереси и слично. Некогаш се оди во регионален центар кој нуди одредени поволности во работењето, лесна дистрибуција и слично, од каде може понатаму производите лесно да се дистрибуираат во други држави. Пример, доколку се одбере Скопје како регионален центар, може да се добие поволна локација за работење во Бунарџик, а производите или услугите лесно можат да се дистрибуират во Србија, Косово, Црна Гора, Албанија, Бугарија и Грција. Голем број на домашни политичари, повеќе пати ги потенцираа придобивките кои би ги имале странските компании доколку би отпочнале со работа во Бунарџик, но дали поради светската економска криза или поради други неисполнети услови, овој проект не заживеа онака како што се планираше. Би требало да се реализираат дополнителни истражувања, со кои би се лоцирале проблемите и со нивно отстранување би се отвориле повеќе фабрики, што би придонело за подобра економска состојба во земјата.

Во голем број на амбасади постојат економски претставници, кои ги анализираат економските движења во интерес на сопствената држава и вршат пропагирање на сопствените интереси. Пред да се отпочне со работењето, потребно е да се приберат статистички податоци за релевантни параметри од една држава. За таа цел можат да се користат сопствените истражувања или да се комбинираат извештаи пласирани од Обединетите Нации, ММФ, Светска банка за обнова и развој, како и други јавно публикувани извештаи. Со развојот на интернетот, прибирањето на овие податоци станува едноставно.

Изборот на локацијата може да се направи заради остварување на следниве цели:

  1. Доближување на компанијата кон суровинскиот извор.
  2. Доближување на компанијата кон пазарот.
  3. Доближување на компанијата кон работната сила.
  4. Доближување на компанијата кон транспортните и комуникациските патишта.
  5. Доближување на компанијата кон изворите на енергија.
  6. Сместување на компанијата во поволни климатски услови.
  7. Доближување во соседството со слични компании.
  8. Доближување до стратешките позиции.
  9. Можност да се обезбедат ефтини финансиски средства или одредени стимулации, кои ги нуди земјата домаќин.

Неекономски фактори за избор на одредена локација можат да бидат:

  • одбраната на земјата,
  • заштитата на здравјето на населението,
  • заштитата и унапредувањето на животната средина и слично.

При изборот на земјите каде ќе работи компанијата, најчесто се гледа дали постојат:

  1. Политичка, етничка и верска стабилност.
  2. Поволни законски можности за инвестирање.
  3. Поволни даноци и царини.
  4. Штрајкови и немири. Немирите можат да бидат изразени преку демонстрации, тероризам, насилни конфликти, па можат да ги загрозат интересите на компанијата.
  5. Административни бариери, односно дали е мала корумпираноста на државните службеници. Има мислења дека и корупцијата може да биде корисна за одредени затворени економии, бидејќи корумпираните чиновници ја забрзуваат секоја потребна процедура, но на долг рок корупцијата е штетна за секоја држава во светот.
  6. Субвенционирани државни компании, бидејќи е тешко во тој случај да им се конкурира.
  7. Репратијации на капиталот (можност да се повлечат вложените средства и нивно изнесување од државата).
  8. Обврски за реинвестирање.
  9. Лимитирани висини на данокот (тој мора да биде помал отколку што е во земјата од каде доаѓа компанијата или доколку не е, тогаш на компанијата треба да и се понудат други бенефиции ако постои интерес за работење).

Предноста на “првиот играч”, односно на компанијата која прва ќе влезе на еден пазар е голема. Но, постои опасност доколку стопанството во земјата домаќин е неподготвено или доколку има неотстранети законски пречки, компанијата која влегла прва на определениот пазар, се соочува со можност да доживее неуспех. Но, доколку успее во работењето, тогаш е во состојба да ги затвори вратите за влез на другите конкуренти на тој пазар.

Заради потенцијаните ризици и зголемените трошоци се формираат таканаречени пионерски цени кои се значително поголеми, за да се амортизираат штетните, како и можните негативни акции со кои компанијата може да се соочи во новата средина. Овие цени со тек на времето се намалуваат, за да не се случи да станат повик на конкуренцијата, за да влезе на пазар.

Оние компании кои се подготвуваат да навлезат на определен пазар по пионерската компанија, најчесто наидуваат на расчистени патишта, а постои и искуство од компанијата која прва влегла, па следната компанија ќе знае кои се потребните чекори, што треба да се превземат.

Компаниите кои задоцниле со влегување на нов пазар најчесто нема што да бараат, бидејќи главно се е зафатено, но секако дака ни тогаш не е се загубено и дека постојат компании, што и во такви услови успеваат во работењето. При влегување на странскиот пазар мора да бидат претходно обезбедени ресурси во доволен обем, за да можат да се реализираат плановите. Но проблем може да настане кога и земјата домаќин, за да се заштити од доминацијата на странците, во клучните индустриски сектори, може да го забрани или ограничи нивниот влез во тие сектори.

About Илија Чубровиќ

Speak Your Mind

*