
Царински процедури - ЗТИ
Сакам да започнам една сосема нова категорија на постови на претприемач која ќе се однесува на царински процедури, прописи, процеси и искуства на бизнисите и особено малите бизниси. Голем број на бизниси имаат контакти со овие царински елементи. Чувствувам дека постои и незадоволство. Затоа ќе се обидам согласно моето искуство (7 години во ЦУРМ) да пренесам некои знаења кои едноставно ќе можат да ви помогнат.
Како прв пост за оваа намена избрав да напишам нешто за задолжителна тарифна информација.
Пред извесен период разгледувавме една опција за увоз на одредени стоки. Тарифирањето на тие стоки е малку потешко бидејќи се базира на некои хемиски состојки. Но, уште потешко е што постои можност два различни тарифни броеви да доведат до две различни даночни стапки (едната 5% и втората 18%). 13% разлика на една пратка од 10.000 евра претставува 1300 евра давачки. Логично веднаш мозокот ми проработи како цариник. Што доколку мене ми дојде за преглед еден таков камион, каде наместо 18% данок во царинската декларација е пресметан 5% ДДВ. Еве што би направил:
- Како Виш цариник контролор доколку нема соодветни документи кои би ја поткрепиле декларираната тарифна ознака и доколку системот ја селектира декларацијата на зелен кнал би ја префрлил на црвен канал и би дал забелешка проверка на тарифна ознака да се изврши од страна на царинскиот работник.
- Како Виш цариник кој врши преглед на документи и стока првин би ги проучил сите документи, би го отворил прирачникот за царинење на стоки за да видам каде е тарифирано и каде би можело да биде тарифирано. Би го отворил Коментарот на Хармонизираниот систем и би прочитал дополнителни информации за декларираната тарифна ознака и секако за онаа која води до повисока даночна стапка. Би го повикал декларантот и би побарал дополнителни документи во вид на сертификат за квалитет, состав… Во меѓувреме ќе извршам преглед на стоката и ќе земам примерок за да го споредам она што го пишува на пакувањето со она што е напишано во сите досега споменати документи, правилник, коментар. Доколку по сето вакво анализирање и проверки не сум сигурен сеуште, а декларантот не ми достави цврсти докази дека тоа е тоа едноставно ќе преминам на земање на мостри со записник. За да го ослободам камионот ќе треба да биде обезбеден царинскиот долг доколку анализата покаже дека тарифната ознака е онаа за која сум се сомневал.
Оваа постапка ќе ја задржи нашата пратка на царинсиот терминал. Во исто време ќе бара и врзување на средства за плаќање на разлика во давачки за што можеби имаме право. Се усложнува процедурата и за бизнисот и царинските работници.
Затоа во вакви ситуации кога тарифирањето е сложено и може да предизвика сомнеж најдобро е да се има Задолжителна тарифна информација.
Што претставува Задолжителна тарифна информација (ЗТИ)
Како што кажува и самото име ЗТИ претставува информација која е издадена од овластен орган (Царинска Управа) и која има одредена прaвна сила за применa во спроведување на царинските постапки.
ЗТИ е регулиран со членовите 10 и 11 од Царинскиот закон како и членовите од 6 до 10 во Уредбата за спроведување на царински закон.
Членот 10 од Царинскиот закон вели:
(1) Секое заинтересирано лице може да бара информации цо поглед на примена на царинските прописи од царинскиот орган. Такво барање може да биде отфрлено ако не се однесува на конкретно предвиден увоз или извоз.
(2) Информацијата од ставот 1 на овој член, царинскиот орган бесплатно му го дава на барателот во рок од 15 дена од денот на поднесување на барањето. По исклучок може да се надоместат трошоците на царинскиот орган што настануваат, а особено трошоците настанати како резултат на вршење на анализи и експертизи за стока или поради враќање на стоката до барателот на информацијата.
Значи ЗТИ се добива врз основа на барање поднесено до царинскиот орган кој мора во рок од 15 дена да одговори на барањето. Затоа пред да ја започнете увозната процедура во вакви ситуации поднесете барање за ЗТИ.
Правна сила на ЗТИ
Во членот 11, став 2 од Царинскиот закон стои:
(2) Задолжителната тарифна информација или задолжителната информација за потекло, е задолжителна за царинскиот орган кон имателот на информацијата само во поглед на тарифното распоредување или утвр-дување на потеклото на стоката. Задолжителната та-рифна информација или задолжителната информација за потекло е задолжителна за царинскиот орган само во поглед на стоката за која царинските формалности се завршуваат по денот на кој информацијата била доста-вена. Во случај на потекло се работи за формалности кои се однесуваат на примената на одредбите од члено-вите 24 и 26 став (2) точка б) на овој закон.
Доколку навистина стоката за увоз одговара со описот на стоката наведен во ЗТИ царинскиот орган мора да ја прифати таа тарифна ознака како единствена законски валидна тарифна ознака, а со тоа и царинските давачки предвидени согласно Законот за царинска тарифа.
Барањето, целосната постапка и потребната административн такса за издавање на ЗТИ можете да пронајдете на сајтот на Царинска Управа во делот за Задолжителна Тарифна Информација.
Во секој случај обезбедете се со соодветните документи пред да пристигне камионот на границата, бидејќи тогаш притисокот е многу поголем.
[…] продолжам со серијалот на постови за царински процедури. При увоз на стока за продажба или опрема за Вашиот […]