post

ЗАПОЧНУВАЊЕ НА БИЗНИС – ДОБРА ИЛИ ЛОША ИДЕЈА?

Ова е многу зачестено прашање во последните неколку месеци не само кај нас туку и низ целиот свет заради тековната глобална рецесија. Но, и во услови на здрава економија секогаш е актуелно прашањето дали да се започне бизнис и да се работи сам за себе или да се работи за некој друг. Прашањето и не е сосема лесно? Со започнување на бизнис секој претприемач се откажува од некаква сигурност. На пример, со започнување на бизнис ќе се откаже од тековната работа која му носи каква таква плата и „преживување“ од денес до утре.

Од друга страна новиот бизнис може да му донесе подобар живот или пак може да го претвори животот во ноќен кошмар. Затоа пак во услови на рецесија оваа прашање е многу полесно, особено за сите оние кои остануваат без работа. Оние кои што остануваат без работа нема што да изгубат. Но, и во вакви услови е потребна одлучност, креативност и спремност.

Ние во Република Македонија сеуште си го носиме историскиот товар на размислување преку големи корпорации. Учиш и завршуваш факултет или некој занает и бараш работа во големи компании. Но, тие веќе не постојат. Па, каде тогаш? Ќе си седиме дома, ќе бараме огласи и ќе конкурираме за вработување некаде. Може и едно кафе во период на „дневна шема“ и муабет со пријатели. Колку е убав овој живот? На крај ќе завршиме како некој шанкер, келнер или пак како продавачка во бутик со некоја плата од 10-15 илјади денари. И добро е, имаме за кафе во дневна шема, па и за цигари, па и за некое парталче, а со еден кредит и добар одмор па ќе враќаме цела година. Познавам многу луѓе кои што работат за плата цела година од која половината ја даваат за враќање за кредит од летниот одмор. Па после нашите банки се вакви или онакви. Банките се бизниси како и секој бизнис. Тие само ги искористуваат можностите што им се понудени од пазарот. А тој пазар сме сите ние.

Познавам еден човек кој беше на печалба во странство и има заработено солиден износ на финансиски сретства. Во разговор со него вели дека е добро има некоја паричка за некој солиден живот, но сега доколку најде работа во Макпетрол да продава бензин би било супер. Вакви ги има многу. Овие луѓе не размислуваат за започнување на бизнис. А замислете колку потенцијал имаат за започнување. Имаат финансии, но немаат бизнис идеја и секако дека се страшливци бидејќи не сакаат да ризикуваат.

Па сега кој ни е крив? ЕУ, НАТО, САД, ММФ, соседи, или пак самите ние. Не би сакал да навлегувам во суштината на овој проблем или би го оставил тоа за некој друг ден бидејќи многу работи се испреплетени од историско минато, преку државни органи, едукациски институции до културата и начинот на размислување.

Можеме да заклучиме низ текстов дека постојат следниве типови на луѓе:

  • Едуцирани со бизнис идеја но без потребни финансии за започнување на бизнисот
  • Едуцирани со финансии но без идеја за започнување на бизнисот
  • Неедуцирани, имаат бизнис идеја но без потребни финансии за започнување на бизнисот
  • Неедуцирани со финансии но без идеја за започнување на бизнис.

Ова навистина е реалноста? Оние кои имаат идеја немаат пари. Оние кои имаат пари немаат идеја. Но и во двете ситуации недостасува една алка, а таа е превземање на ризик. Доколку постои карактеристика на превземање на ризик оној кој нема бизнис идеја ќе изнајми некој за да изработи добра бизнис идеја за него. Оној кој нема пари ќе разговара со роднини и пријатели за заем ќе контактира со банки за подигнување на кредит.

Да сублимираме основни карактеристики на претприемачот за започнување на бизнис се:

  1. Креативност за добра бизнис идеја
  2. Превземање на ризик
  3. Одлучност
About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*