post

10 Извори на информации за успешна анализа на пазарот

Информации за анализа на пазарот Успешен претприемач мора да има способност да го избере вистинскиот производ и/или услуга што ќе им го понуди на купувачите на пазар на кој постои конкуренција. Сигурно и некој пред вас започнал сличен бизнис и нуди некои производи на пазарот. Можеби сеуште нема конкуренција, но не очекувајте дека така и ќе остане за долго време. Вистинскиот производ и/или услуга кој ќе треба да го изберете ќе ви го каже почетната анализа на пазарот.

Сигурно ќе се запрашате зошто би постоел простор за влез на пазарот со производ кој што идната конкуренција го нуди. Треба секогаш да имате на ум дека пазарот се менува многу бргу. Производите кои што биле најпродавани и најкористени пред 5 години веќе не постојат. Начинот на кој се продавале тие производи пред 5 години не е ист, со тоа што денешните можности се многу поголеми. Денес постојат илјадници производи кои се консумираат од страна на потрошувачите, а постојат и илјадници начини со кои вашиот производ и начинот на продажба можат да се разликуваат од вашата идна конкуренција. Вашата работа при избор на бизнис идеја е да изберете производ и начин на продажба кој ќе биде подобар на одреден начин од она што во моментот е понудено на пазарот. Ова правило продолжува постојано и во понатамошниот животен циклус на Вашиот производ или бизнис. Токму затоа критичен елемент во оваа предстартап фаза е почетна анализа на пазарот.

Во понатамошниот дел се дадени некои извори на информации кои ќе ви помогнат за успешна анализа за избор на производот кој ќе го понудите на пазарот:

1. Локации на слични бизнис

Прошетајте ја улицита и околните улици каде планирате да биде лоциран вашиот бизнис. Направете квантитативна и квалитативна анализа на посточките бизниси на таа локација и потесната и пошироката околина на таа локација. Со помош на овие анализи ќе стекнете осет за понудата на тие бизниси меѓу кои се и потенцијални Ваши конкуренти.

2. Производ и/или услуга

Вие веќе имате или идеја или сте во бизнис со некој производ и/или услуга. Започнете со Вас самите, па потоа продолжете со Вашите најблиски, роднини и пријатели. Размислете дали вам ви се потребни тие производи, дали би ги купиле доколку се најдете во позиција на купувач. Дали тие производи би им ги подариле на вашите најблиски. Разговарајте со вашите најблиски дали имаат потреба од тие производи и колку често ги користат. На ваков начин ќе ги класифицирате производите во однос на побарувачката.

3. Анализа на побарувачка преку анкетен прашалник

Можете да спроведете и анкетен прашалник за побарувачката на тие производи. Ова претставува поскапо решение, но од друга страна дава поквалитетни резултати. Постои можност и да ангажирате виртуелен консултант за оваа прашање. Но, доколку имате веб сајт или пак блог едноставно можете да спроведете анкетен прашалник за посетителите.

4. Интернет Форуми

Втор начин за проверката на побарувачката е да се поврзете на некој форум на интернет и да отворите тема за вашиот иден или сегашен бизнис во однос на мислења за производот кој што планирате да го понудите. Ова е бесплатен начин, но бара познавање од работа со интернет. Еден недостаток може да биде што не знаете за кој регион или подрачје се однесуваат тие мислења. Од друга страна може да добиете и еден куп на безполезни одговори во вид на потсмевање или погрешно насочување. Затоа, иако овој начин вреди пробување сепак бидете внимателни.

Пребарајте други теми на форуми на интернетот кои имаат некоја врска со вашата бизнис идеа и внимателно прочитајте ги и забележете ги различните мислења на различните луѓе. На ваков начин ќе створите одредена слика за идната понуда и побарувачка на вашиот потенцијален производ.

5. Блог пост

Доколку имате Ваш бизнис блог или пак личен блог можете да ја искористите предноста на пост за вашите идеи. Едноставно образложете ја идејата и поставете прашања на кои посетиелите ќе можат да одговорат преку коментари.

6. Државен завод за статистика

На сајтот на Државен завод за статистика на Република Македонија постојат месечни и годишни статистички извештаи за различните индустрии и дејности согласно националната класификација на дејности при што ќе можете да видите како различните продажби поминуваат на пазарот во Република Македонија.

7. Весници, радио телевизии

Разгледувајте ги весниците, телевизиските станици за да ги видите рекламите на производите што се нудат. Честопати увозниците или дистрибутерите на производите даваат реклами за истите. Со особено внимание забележете што се случува во индустријата на оваа поле.

8. Потенцијални добавувачи

Пронајдете ги добавувачите на тие производи во Златна книга или Жолтите страници. Јавете се за да ви испратат понуда преку факс или меил. На овој начин ќе дојдете до набавната цена на производите. Контактирајте неколку конкуренти за да видите колкава е малопродажната цена. Со ова ќе ја утврдите моменталната маржа за тие производи.

9. Google

Google е најголемата база на податоци во светот со информации од сите можни подрачја или индустрии. Пребарајте го Google за производите што ги анализирате, ќе добиете еден куп на вредни информации кои може да ги користите и во подоцнежните фази на вашиот бизнис.

10. Најмување на професионалци

На крај можете сето оваа да оставите да го изведе некој друг за вас, односно вашиот консултант. Со што ќе заштедите доста време, но од друга страна ќе ве чини одреден дел од вашите лични финансии.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Trackbacks

  1. […] Понеделник, 06.09.2010 – 10 Извори на информации за успешна анализа на пазарот […]

Speak Your Mind

*