post

Се зависи од тоа како ги гледаме работите околу нас!

Можеме да смениме како ги гледаме работите

Можеме да го видиме успехот доколку нашиот мозок го ставиме состојба на креативност. Пред некоја недела во сабота беше навистина врнежливо, и иако беше сабота за која сите очекуваме да биде добро времето особено во овој период од годината сепак беше врнежливо. Но, не мора да биде толку црно прикажан еден таков ден. Ние можеме и сме способни да додадеме боја во нашиот живот во еден таков ден.

Тој ден бев во продавницата на мојата сопруга и гледавме преку прозорецот во улицата низ која имаше река и луѓе кои се обидуваа да се задскријат од дождот. Во исто време, мојата сопруга рече ужасен ден, а јас романтичен ден. Тоа е ист ден, гледан од иста или слична позиција и презентиран од две различни лица на два различни начини.

Огромна е разликата во значењето на двата описа – ужасно и романтично. Во тој ден јас видов романтика за двајца кои се сакаат, додека мојата сопруга гледаше низ бизнис перспектива бидејќи потенцијалните потрошувачи се затвораат дома и нема да влезат во продавницата.

Ова е поради фактот што нашиот мозок создава одредени слики за се она што се наоѓа околу нас. Тие слики се единствено наши уникатни слики. Ние навистина гледаме исти работи, но сликите во нашите мозоци се различни.

Кога и ја објаснив мојата слика на мојата сопруга тоа веднаш креираше насмевка на нејзиното лице. Понекогаш се стремиме да ги гледаме работите само од една перспектива и поради тоа и страдаме. Но, доколку имаме позитивни луѓе околу нас, ќе можеме да ја смениме нашата интерна слика и да го тргнеме изразот на страдање од нашето лице.

Пред да тргнам со оние неколку работи кои ми паднаа на ум за оваа проблематика би сакал да се навратам на еден напис од пред повеќе од една година на претприемач: Избегнување на негативците каде го образложував овој проблем од поинаква перспектива. За овој напис ме потсети еден претприемач пред некој месец дека му се допаднал и дека навистина се чувствува дека живее во една таква средина.

Но да продолжам со она што е заедничко за оваа тема:

1. Постои тенденција да ги гледаме работите во негатива.

Како претприемач вие веројатно ќе менаџирате повеќе или помалку вработени. Кај нив ќе постои негирање и негативност за одредени предлози. Вашата работа ќе биде да им објасните и да овозможите таа иста работа да биде гледана исто од сите.

2. Различни луѓе креираат различна слика за иста работа.

Мора да знаете дека различни вработени истата работа ќе ја гледаат различно. Тука не станува збор за негативноста, туку за диференцијација во идеите кои може да бидат корисни. Како што зборував за различни слики во нашите мозоци, постојат различни идеи во секоја од тие слики. Затоа би било корисно претприемачот да погледне во секоја од тие брилијантни идеи и да ги инкорпорира во предметот за кој што станува збор.

3. Мора да бидеме попозитивни.

Доколку сме попозитивни, ќе се чувствуваме многу подобро, а тоа ќе не енергизира за да извршуваме повеќе и повеќе работа. Но, не станува збор само за нас, нашата позитивна енергија и позитивното размислување ќе ги енергизира и луѓето околу нас и целата наша работна и неработна околина. Во едно такво место слободно можеме да очекуваме поголема продуктивност, поголема соработка и поголем квалитет на завршената работа.

4. Треба да ги споделуваме нашите позитивни слики со луѓето околу нас.

Доколку имате поубава слика во вашиот мозок, подобро е да ја споделите таа слика со оние околу вас. Каква би била користа на Вашата позитивност, доколку не ја споделите и ја подобрите Вашата работна околина? Како што јас успеав да извлечам насмевка на лицето на мојата сопруга во околина која и не изгледаше баш перфектно, зошто да не се обидеме да им помогнеме на нашите пријатели, колеги, вработени да се чувствуваат многу подобро во ситуација во која се чувствуваат ужасно.

Се е околу тоа како ги гледаме работите околу нас. Понекогаш ќе гледаме убави слики, а понекогаш нашата околина ќе гледа поубави слики од нас. Како и да е, доколку тие подобри слики ги споделуваме меѓусебно, ќе успееме да гледаме еден прекрасен свет околу нас, свет кој ние го креиравме.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*