Купување на постоечки бизнис претставува добра стратегија или можност за започнување на бизнис. Сепак, пред да се донесе конечна одлука за некој бизнис да се купи добро е да се разгледаат повеќе фактори кои ќе ти овозможат да стекнеш добра слика за бизнисот кој планираш да го купиш.
Да ги разгледаме некои од основните фактори кои треба да се разгледаат при купување на постоечки бизнис.
#1 Физичка состојба
Физичката состојба на работните капацитети (градежни објекти и опрема) треба да се процени. Доколку претприемачот нема доволно искуство, може да ангажира стручњак за проценката да биде реална. Ако износот кој се плаќа за недвижности и опрема е доста висок, претприемачот може да одлее големи финансиски средства, што за понатамошното работење може да претставува хендикеп, бидејќи мора да се обезбедат додатни средства за реализирање на тековните проблеми. Староста на зградите и опремата одредува колкава ангажираност е потребна, за да се доведат во оперативна состојба. Доколку цената е поволна, од таа опрема или недвижности може додатно да се заработи, доколку се продаде вишокот на капацитети, па претприемачот може да оствари додатна заработка.
#2 Пазарна состојба
Пазарната состојба, на претприемачот му покажува каква е состојбата на теренот и што се бара во моментот. Потребно е да се определи структурата на населението, како и карактеристиките на целната група (образование, старост, пол), големината на целната група, платежната моќ, стилот на живеење и сл.
#3 Конкуренција
Потребно е да се определи и позицијата на конкуренцијата. Колку директни конкуренти има во одредениот регион? Колку индиректни конкуренти има? Колку конкуренти ја напуштиле гранката во последните 5 години? Колку нови конкуренти чекат да влезат во бизнис? Каква е политиката на цени во оваа област? Кои услуги ги нуди конкуренцијата? Рангирање на конкурентите по сила? Каков е нивниот настап на пазарот?
#4 Финансиска позиција
Финансиската позиција на бизнисот треба да ни даде одговор на тоа: Дали е прифатливо да се продолжи со работење на зададениот сектор или треба да се менува индустриската гранка? Треба да се најдат одговори на следниве прашања: Каков е трендот на профитот и текот на средствата во последните 5 години? Дали профитот е стабилен или има флуктации? Каков е трендот на продажбата? Дали средствата се реално вреднувани во билансот на состојбата?
#5 Законска регулатива
Законската регулатива и правните аспекти, при купувањето на бизнисот, треба да бидат испочитувани до крај и без оглед на тоа колку кошта адвокатот. Обавезно, треба да се влезе во реализирањето на овие прашања во соработка со адвокат, кој имал претходно искуство во оваа проблематиката, бидејќи има разни понуди со сомнителни содржини: повеќе сопственици; недорешени спорови; незаверени објекти во државни институции… Па новиот сопственик не ќе може да ужива во својата сопственост, туку може долг временски период да помине по судови, што може скапо да го чини. За да се одбегне создавање на таква состојба потребно е да се обезбедат следниве информации: Доказ за сопствеништво на фирмата. Дали фирмата има потребни дозволи за работа и дали тие уште важат? Дали патентите со кои располага фирмата се заштитени според законите и дали се сеуште важечки? Дали фирмата има договори со вработените? Дали фирмата има документи за закуп на опремата и објектите? Дали фирмата има некои нерешени спорови?
Останатите наслови од серијалот купување на постоечки бизнис:




Speak Your Mind