post

Бизнис план – Дефинирање и редефинирање на бизнис моделот

Бизнис модел и онлајн стратегија

Бизнис модел во процес на бизнис планирање

Веќе подолго време анализирајќи го процесот на бизнис планирање барам врски помеѓу бизнис планот како производ од тој процес и бизнис моделот (моделирање) како појдовна точка на секој процес на планирање. Во процесот на бизнис планирање имаме дадено 12 елементи на еден бизнис план како документ кои се опфаќаат низ тој процес.

Оваа година (2011) тој процес и тие елементи кои ги дефиниравме минатата година ќе ги надополниме со неколку нови елементи. Ова е поради фактот што новото време во кое секојдневно навлегуваме бара нови наслови и надополнувања во самиот процес.

Започнуваме со насловот дефинирање и редефинирање на бизнис моделот.

Дали и зошто бизнис модел наслов во еден бизнис план?

Едно од најпоставувните прашања кога станува збор за бизнис планот е дали треба да се оди со формализација на истиот во еден документ наречен како „бизнис план“ или да се оди со поедноставен бизнис модел во кој ќе се скицираат сите неопходни елементи на еден бизнис. Затоа се одлучив на комбинација бизнис план со бизнис модел поднаслов во истиот. Еве на што ја базирам одлуката:

  • Бизнис модел е основа на бизнис планот, нешто што во целост ќе го поедностави процесот на планирање бидејќи главните црти на бизнисот со основните пресметки барем на трошоци, приходи и профитабилност може да се видат преку еден бизнис модел.
  • Бизнис моделот се насочува на 4 главни елементи на еден бизнис: потрошувачи, понуда, инфраструктура и финансиска одржливост на истиот. Овие елементи детално се обработуваат во процесот на бизнис планирање.
  • Многу е полесно да се започне со планирање доколку имаме појдовна основа за тоа кого сакаме да задоволиме, со што ќе ги задоволиме, како ќе ги задоволиме и што ќе добиеме за возврат. Со помош на бизнис моделот нашиот фокус во процесот на планирање ќе биде во вистинската насока.
  • Дури и за оние кои го разгледуваат бизнис планот и одлучуваат дали да ви доделат финансиски средства или не полесно е преку една страна да видат дали тој бизнис со таков бизнис модел е нешто што ќе биде профитабилно.

Но, да започнеме.

Што е бизнис модел?

Во повеќе наслови на претприемач имаме пишувано за бизнис модел и што е тоа бизнис модел. Би ги споменал следниве:

Како формална дефиниција за биснис модел ќе ја искористам дефиницијата од книгата Business Model Generation – Alexander Osterwalder & Yves Pigneur во која се вели:

Бизнис модел опишува како еден бизнис креира, испорачува и стекнува вредност.

На што треба да се одговори во овој поднаслов?

Заради полесно комплетирање на овој дел од севкупниот процес на бизнис планирање ќе се обидеме да ги класифицираме главните прашања на кои што вие како претприемач ќе треба да одговорите.

  • На кои сегменти на пазарот ќе се насочи бизнисот, односно кого ќе опслужува? Како помош за одговор на оваа прашање може да ви помогне RFM формула идемографија во однос на активности.
  • Каква вредност ќе понуди бизнисот? Повеќе можете да прочитате во испорака на вредност и градење на супериорна вредност.
  • Како и со што ќе ја испорачува таа вредност бизнисот? Ова е едноставно одговор на прашањето како производот и/или услугата ќе стигнува до секој сегмент кој го дефиниравте погоре. Мора да внимавате дека различни сегменти може да преферираат различни канали на испорака.
  • Какви ќе бидат односите со потрошувчите? И пред и по завршување на продажбата бизнисот мора да остане во одредени релации со потрошувачите. Ова мора да го одговорите тука.
  • Колкави ќе бидат приходите? Приходите се резултат на испорачаната вредност на потрошувачите и примени пари за таа вредност. Едноставно проектирајте ја големината на секој сегмент, учеството на пазарот и она што ќе го наплаќате за да дојдете до првичниот износ на приходот. Напомена: тука само користите претпоставки и претходни знаења бидејќи целосната анализа на пазарот ќе ја спроведете подоцна.
  • Што се ќе ви биде потребно за реализација на вредноста? Ова се ресурсите кои вашиот бизнис ќе треба да ги има за да успешно ја произведе и дистрибуира вредноста до потрошувачите. Дали се тоа луѓе, опрема, знаење, технологија или било што друго мора да го опфатите во овој дел.
  • Што се ќе треба да превземете за успешна реализација на вредноста? Вие и вашиот бизнис ќе мора да спроведете различни активности за производство и испорака на вредноста. На пример, производство, маркетинг, продажба…
  • Кои се клучните партнери во вашиот бизнис процес? Вие не сте сами во овој процес. Процесот може да започнува и пред вашиот бизнис и да завршува после вашите потрошувачи. Ќе имате снабдувачи, инвеститори, партнери…
  • Каква е трошочната структура на бизнисот? Сите елементи опфатени и дефинирани во бизнис моделот создаваат некаков вид на трошоци. Најдобро е уште во овој дел да ја дефинирате можната трошочна структура која секако во оној финансиски дел од бизнис планот ќе ја разработите подетално.

Редефинирање на бизнис моделот

Едно нешто што мора да го знаете е дека бизнис моделот исто како и бизнис планот подлежи на измени. Сигурно уште кога ќе завршите со процесот на планирање ќе треба да измените нешто во овој поднаслов. Но, ова е еден циклус кој обезбедува постојано подобрување на вашиот бизнис.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*