Овој наслов веќе го најавив во насловот Иновација како основа во Facebook во кој го коментирав накратко, односно ги претставив најважните работи од интервјуто со Mark Zuckerberg основачот и CEO на Facebook. Она како дел од тоа интервју е дека во Facebook немаат потреба, а ниту време за да пишуваат формални бизнис планови. Истото и јас го искусив во пракса. Иако, едно 10-тина години проучувам литература од претприемништвото каде се пропагира целосна формализација на бизнис планот, направив грешка пред неколку години кога започнував еден бизнис. Ваквата пропаганда која ја викам во стилот „Планирај го твојот бизнис план“ е целосно погрешна и можете да ја слушнете од луѓе кои никогаш сами не започнале сопствен бизнис или пак од луѓе кои премногу ја следат теоријата која иако не штети сепак во некои случаи е дијаметрално спротивставена со праксата.
Мое практично искуство
Кога го започнував тој бизнис имав бизнис идеја и седнав да напишам бизнис план и добро го напишав. Започнав нели по правилници за бизнис план. Изгледаше многу добар со различни графици во боја, анализи, табели итн. Си бев навистина горд на себеси за мојот успех во изработка на бизнис план. Но, при едно препрочитување сакав да го подобрам и извршив измена. Добро, сепак изгледа одличен. Инаку бизнис планот не ми беше потребен за некоја финансиска институција или за некој бизнис план натпревар за добивање на финансии, туку ми беше потребен како патоказ за развој на мојот нов бизнис во наредните 3 години. И добро сеуште не започнав со бизнисот целосно се насочив на еден уникатен бизнис план. Заборавив дека треба да престанам со сонување и да започнам со акција. Поминаа неколку месеци во кои секогаш наоѓав нешто да подобрам во бизнис планот а бизнисот не го започнував. Почнав да се нервирам заради тоа. И кога еден ден сфатив дека треба да го искинам тој план и дека мојот приод е сосем погрешен и заради него изгубив неколку месеци.
Првин седнав и направив нов бизнис план. Не изгледаше убаво со колор графици и наслови и содржини, резимеа итн. Но, со тој бизнис план го започнав бизнисот, работите се придвижија на напред. И по еден месец од тој нов бизнис план почнаа да пристигаат приходи во мојот џеб. Тој бизнис план беше едноставно составен од:
- Активности кои треба да ги спроведам – така под цртички од прва до последна.
- Што недостасува на пазарот – исто така цртички.
- Колку пари имам и како ќе ги трошам.
- Што ќе применам како маркетинг средства во првата и втората година во вид на стратегија – исто така под цртички.
Ова беше доволно и сега тој бизнис функционира и донесува приход.
Опасности во стилот планирај го твојот бизнис план
Па кои се опасностите? Првин кој ме освести. Во тоа време започнав да читам материјали од Tim Berry основач на Palo Alto Software кој го изработува најдобриот софтвер за бизнис план – Business Plan Pro и неговата книга Планирај како што се движиш. Јас ја имав trial верзија и ги разгледав можностите кои навистина се импресивни но во моментов е корисен само за пазарот во САД и Канада бидејќи податоците кои ги користи се за тие земји. Прочитав за неговиот совет дека бизнис план може да биде во стилот со цртички и дека најважно е да се спроведуваат цртичките и да се ажурираат од време на време. Потоа коментирав на еден негов напис за бизнис план темплејти. Мојот коментар беше дека темплејтите кои постојано ги бараме само не оддалечува од вистински бизнис план кој ќе го трасира патот на бизнисот до успехот. Од друга страна секој бизнис е различен и не може да користи темплејт на некој претходен. Може, но веќе тоа не е бизнис кој ќе се базира на уникатна идеја. Така да веќе бев свесен за недостатокот од формално-научните погледи на бизнис планот (Кои пак секако не е лошо да се знаат).
Ќе издвојам три опасности:
- Планирај го твојот бизнис план ако сакаш никогаш да не започнеш со бизнисот. Првин самата реченица кажува нешто неефикасно и неефективно. Зошто нешто двапати да се работи. Да планираш за да планираш!!!! Планирање како глагол претставува активност за подготовка на идните чекори активности. И вие ако планирате за да планирате и пак планирате за да планирате и планирате за да планирате… Опасен круг кој никогаш нема да заврши. Јас влетав во еден таков но за среќа се освестив.
- Премногу мислење одзема премногу време. Планирање бара мислење за она што ќе го изведеме утре. Доколку заглавиме во тоа мислење за утрешницата, таа утрешница ќе дојде и ќе треба повторно да мислиме за идна утрешница.
- Премногу планирање помала реализација. Постои опасност доколку изгубиме премногу време во планирање да го намалиме времето за релизација. Некој ќе каже доколку подобро ги испланираме чекорите за релизација ќе можеме помалку време да потрошиме во однос на самата реализација. Но оваа не е проста математика. Оваа е теорија на веројатност која се занимава со случајни настани. Едно нешто е сигурно, никогаш не можеме да бидеме сигурни 100% за она како ќе изгледа иднината. Доколку бизнис идејата е навистина вредна стартувајте не губете време бидејќи како што Вие имате некоја идеја во моментов така и некој друг има слична идеја на Вашата.
И за Крај Неколку Препораки Наместо Заклучок…
- Во секој случај бизнис планот е потребен бидејќи е единствено средство кое бизнис потенцијалната енергија во самата бизнис идеја може да ја преточи во бизнис кинетичка енергија. Но, каков бизнис план ќе зависи од целта на самиот бизнис план.
- Избегнувајте темплејти. Имам доста темплејти кои сакав да ги објавам на претприемач. Но, моето лошо искуство ме спречи. Бидејќи никој не може да изработи подобар план од самиот претприемач.
- Бидете колку што можете повеќе конкретен во бизнис планот за да можете полесно да ги споредувате резултатите.
- Нека биде едноставен и разбирлив првенствено за Вас и вашите вработени. Сепак Вие сте единствените кои ќе се занимавате со неговата реализација.
- Формализирајте само доколку конкурирате за финансии од некоја финансиска институција или учествувате во некој бизнис план натпревар. И во еден таков случај кога ќе дојде време за реализација прилагодете го на Вашите потреби. Сепак Вие како претприемач сте центарот на Вашио бизнис.
- Користете едноставно MS Excel и MS Word бидејќи сеуште не може да се најде софтвер кој ќе не замени во планирање. Како што наведов тоа не е едноставна математичка функција.
- Бизнис планот нека Ви служи како патоказ за Вашето и движењето на Вашиот бизнис.
Слика од abductit под Creative Commons – Attribution
[…] Инаку јас сеуште останувам на мојот став дека бизнис планот треба да биде едноставен како би можел да се имплементира и мери се она што е имплементирано што го образложив повеќе во Бизнис План – Опасности во Стилот Планирај го Твојот Б…. […]