post

Подгответе бизнис план во услови на крајно променливо опкружување

Денес бизнисите функционираат во едно крајно променливо опкружување, па затоа и еден бизнис план се подготовува во едно такво опкружување.

бизнис план

Може ли да успееме во такви услови да подготвиме бизнис план кој ќе ни гарантира успешна имплементација? Особено во вакви услови се јавува една временска разлика од планирање и имплементација.

Следните совети ќе ви помогнат да успеете да подготвите бизнис план кој ќе гарантира успешна имплементација. Овие препораки се извадок од втората епизода на претприемачки пат насловена како “Бизнис план во услови на крајно променливо опкружување”.

  1. Никој не може да ве замени вас во креирање на бизнис планот. Без разлика што и јас имам правено бизнис план за клиенти, сепак секогаш напоменувам дека без директно учество на претприемачот, сегашен или иден во самиот процес на креирање на бизнис план, успехот од имплементацијата на тој бизнис план ќе биде сведен на минимум. Кога подготвуваме бизнис план сакаме информации за иднината, затоа секој претприемач ќе треба да си ги заврати ракавите и да си ја спроведе анализата и истражувањето самиот. Колку купувачи ќе има, во колкав износ ќе купуваат, што ќе сакаат, како да им се пристапи… И уште многу други прашања се одговараат единствено кога ќе излезете надвор и ќе разговарате со пет или десет потенцијални купувачи. Затоа вие како претприемач сте неопходен во процесот на креирање на пазарот.

  2. Големина на бизнис планот. Можеби вака на прва изгледа како сосема неважно прашање, но верувајте доста е важно. Нашата цел е да имаме бизнис план кој заради крајно променливите услови во кои ќе функционира бизнисот ќе може да се следи, мери, прилагодува, корегира, и повторно се од почеток. Затоа, не можеме да кажеме дека добар бизнис план е 100 страници или повеќе. Прво што ќе треба да се прашате самиот себеси е што најдобро ви лежи во поглед на можноста за брзо мерење и следење.

  3. Спој помеѓу вас и пазарот. Секој претприемач започнува со визија, па сигурно и вашата визија е да имате успешен бизнис кој ќе ви овозможи солиден живот на вас и на вашето семејство. Една ваква визија може само да биде потенцијал за вас како претприемач, но не и нешто што доколку не се трансферира во поопиплива форма би ви дало резултати, односно би обезбедило да се реализира таа ваша иднина. Визијата ќе биде реалност само доколку преземете конкретни акции за реализација на истата. Следниот чекор е одлуката кој бизнис? Сега оваа прашање не е толку едноставно бидејќи генерално зависи од две работи: прво зависи од вас како претприемач или потенцијален претприемач, а потоа од пазарот и особено купувачите. Доколку успеете да го најдете вистинскиот спој помеѓу вас, односно вашето знаење, вештини, искуство, дарба и било која друга карактеристика која ве разликува од остатокот во светот од една страна и пазарот, односно вашите купувачи и нивните потреби, желби, соништа, посакувања или проблеми од друга страна, вие сте на половина пат од успехот.

  4. Вашиот бизнис план треба да докаже и покаже дека имате одржлив бизнис модел. Сега веројатно се прашувате што претставува одржлив бизнис модел. Оваа тема детално е разработена во премиум претприемач 2.0 првиот модул насловен како лин стартап. Но, тука би сакал да кажам дека одржлив бизнис модел претставува бизнис модел кој обезбедува профитабилно работење за бизнисот, но и бизнис модел кој е повторлив што значи дека и повторно и повторно и повторно ќе обезбедува профитабилно работење.

  5. Прашања на кои што ќе треба да даде одговор вашиот бизнис план. Како пета препорака е да проверите дали вашиот бизнис план дава одговор минимално на следниве прашања:

    • Што сакам да постигнам со мојот бизнис по една, две или три години?
    • Што претставува вредноста која што ја нудам на пазарот?
    • Зошто мојата вредност е супериорна вредност?
    • Каков бизнис модел ќе применам?
    • Кој се треба да биде дел од мојот тим за да го реализирам бизнис моделот?
    • Кога треба да започнам?
    • Како ќе започнам?
    • Како ќе ги следам и мерам резултатите?
    • Колку пари ќе ми требаат?
    • Колку ќе заработувам од една трансакција?
    • Дали е тоа доволно?
    • Колку време ќе ми треба и колку продажби ќе треба да реализирам за да работам профитабилно?
    • Кои чекори треба да ги преземам за да се реализира планот?
    • Кој ќе биде одговорен за кои чекори?
    • Како ќе ги следам и мерам перформансите од имплементацијата?
    • Како континуирано ќе го подобрувам бизнис планот?
  6. Едноставна структура. Наједонставна структура би била:

    • Прво за вас и за бизнисот. Во овој дел треба да навлезете во обликување на оној идеален спој помеѓу вас и пазарот што беше една од претходните препораки, но и да ја опишете вредноста која што ја нуди бизнисот и да размислите за локација, односно да ја определте личната карта на бизнисот.
    • Втор сегмент е да се занимавате со конкуренција. Тука освен дефинирање на конкуренцијата ќе ги опишете нивните предности и слабости, нивните силни и слаби страни, но и ќе дадете споредба меѓу вашиот бизнис што веќе го имате дефинирано во претходниот сегмент и клучните неколку највлијателни конкуренти.
    • Третиот сегмент се однесува на пазарот и големината на пазарот. Овој дел е доста специфичен и грешките кои ќе се направат тука може да влијаат на се останато во бизнис планот. Внимавајте да користите специфични бројки со што понатаму лесно можете да следите и да прилагодувате доколку е потребно.
    • Четвртиот сегмент е за предвидувања. Eдноставно во овој дел ги предвидувате трошоците, продажбата, потребата од работна сила, цените и се што на некој начин ќе влијае на бизнисот во иднина.
    • Петтиот сегмент се однесува на маркетингот. Всушност во овој дел ќе дефинирате како ќе стекнувате купувачи, како ќе ги одржувате тие купувачи да останат да бидат ваши купувачи и како ќе го растете бројот на купувачите.
    • Шестиот сегмент се однесува на тимот на кој бизнисот ќе се потпре. Сепак успехот на имплементацијата на планот нема да зависи само од вас, туку и од членовите на вашиот тим. Добро е да посветите особено внимание за тимот со кој ќе работите, нивните вештини, знаење, квалификации…
    • И последниoт сегмент од оваа предлог структура се финансии. Се онаа што го дефиниравте во претходните сегменти на некаков начин може и треба да се префрли во парична единица преку трошоци и приходи. Во овој сегмент ги правите сите добро познати финансиски табели и графици.
  7. Справување со неизвесноста. Пред повеќе децении работите околу нас беа многу поразлични. Нештата се движеа поспоро. Производите траеа со години. Што значи и дека се беше попредвидливо. Зборувавме преку фиксен телофон со години. Гледавме телевизија во точно определено време и тоа само неколку канали. Со години праќавме писма, телекси, па факсови… Беа потребни денови за да испратиме информација од еден град во друг. За подалеку да не размислуваме. Во едно такво опкружување промените не се случуваа во секунди. Можевте да се движите пополека. Имавте време за планирање. Денес сеуште можете да ги подготвите сите тие планови за вашиот бизнис, но од моментот кога ќе го лансирате веднаш ќе видите дека се бескорисни.

  8. Справување со грешки. Сите грешиме, тоа е факт. Но, сите ние не ги третираме грешките на ист начин. Некој од грешките учи, некој паѓа во депресија, некој не ги признава, некој едноставно ги игнорира… Сите тие постапки доведуваат до различни последици во однос на вашиот бизнис, нормално доколку грешките се однесуваат за бизнисот. А, тука зборувам за бизнис грешки кои ги правите вие како еден претприемач. Прашањето кое сега е важно е како да се справите со грешките? Првин доколку ги следите претходните препораки, вашиот бизнис план постојано ќе биде пред вас, спремен за прилагодувања, промени и подобрувања базирајќи се на тековната ситуација, но и на некои нови предвидувања од ваша страна. На пример, во бизнис планот по анализа и осознавањето на вистинските причини за ниската продажба ќе можете да направите промени во буџетот со што ќе алоцирате повеќе пари на маркетинг активности и на развојот на продажниот тим, можете да направите редукција и на трошоците како резервна варијанта доколку не успеете да ги реализирате новите предвидувања… Со грешките се справувате преку преземање на акции со конкретни промени во планот и конкретни промени на следните чекори што вашиот бизнис ќе ги преземе.

  9. Справување со перфекционизмот. Светот на бизнисот денес бара акција и имплементација на чекори, а помалку планирање за имплементација. На пример, секоја акција која вие како еден претприемач ја преземате има две времиња, време на планирање и време на имплементација. Во поголем број на случаи времето на имплементација ќе биде константно, непроменливо, а со тоа и вие ќе имате помалку влијание на истото. Што значи доколку претерате со планирање можете лесно да дојдете во ситуација кога трошите повеќе време за планирање, отколку за имплементација, што не е логично. Перфекционизмот и одолговлекувањето претставуваат едни од најголемите непријатели на еден претприемач. Затоа потребно е да имате релевантен бизнис план.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*