post

Блог – Маркетинг Средство 55

Блог како маркетинг средство

Блог како маркетинг средство

Како 55-то маркетинг средство во овој серијал за маркетинг средства на претприемач ќе го презентирам едно од најмоќните онлајн маркетинг средства – блогот. Она што е карактеристично за блогот како маркетинг средство е дека може да има огромно влијание и врз другите онлајн маркетингс средства, но од друга страна не е лесно, бара многу повеќе работа и ангажман. Се надевам дека веќе имате онлјн стратегија за Вашиот бизнис во кој е или ќе биде опфатен блогот како еден вид на маркетингс средство.

Што претставува блог?

Постојат различни дефиниции за блоговите. Ќе наведам некои од нив:

  • Онлајн дневник на кој може да се пишува, чита и едитира.
  • Дневник кој е објавен или се објавува на интернет.
  • Веб страна која има јавен пристап и на која се објавуваат различни написи.
  • Специјализирана веб страна која им овозможува на индивиуалци или група на индивидуалци да делат различни лични информации од секојдневниот живот.
  • Веб страна на која написите се објавени во вид на весник и прикажани во хронолошки редослед.
  • Еден вид на веб страна која постојано се ажурира со написи, коментари, опис на случки, или пак други материјали во вид на аудио или пак видео, каде што овие написи се прикажани во хронолошки редослед.

Сметам дека ова се доволно дефиниции за да се види што е тоа блог.

Блогот (Blog) е кратенка од weblog што може да се преведе како веб дневник. Инаку од погоре наведените дефиниции ќе можеме да го кажеме следново:

  • Блог претставува веб страна
  • Блогот има различни написи
  • Блогот има динамична содржина што значи дека на него постојано се објавуваат нови содржини
  • Содржината може да биде во вид на напис, коментар, случки, слики, аудио и видео
  • Написите на блоговите може да бидат читани од страна на читателите на интернет
  • Читателите може да праќаат коментари на написите

Често пати поставувано прашање е во што се разликува блогот од класичните „нормални“ веб страни. Иако знаеме дека и блогот претставува веб страна. Еве во што се најголемите разлики:

  • Постојано ажурирање на содржината. Класичните „нормални“ веб страници не се менуваат често, па затоа кога ќе се навратите неколку пати и не забележите промена, веќе нема да ја посетувате таа веб страна. Ова значи и губење на посетители и намалување на моќта на веб страната како маркетинг средство. Со блог како посебен тип на веб страница содржината се менува постојано, дневно, неделно, месечни итн. Што почесто, толку подобро.
  • Можност читателите да остават коментар. Оваа е навистина огромна разлика во однос на статичните веб страни. Секој напис има функција за коментирање. На ваков начин се овозможува блогот да биде двонасочна комуникациска алатка и непресушен извор на информации за Вашиот бизнис.
  • Едноставност во објавување на написи. За да се објават написи на блогот не е потребно техничко лице. Оваа може да се изведе и од луѓе кои воопшто немаат познавање од техниката користена за веб страници. Објавувањето е едноставно и слично како да работите на Word документ или како што испраќате e-mail.
  • Хронолошки распоред на написите. Во блоговите написите се прикажани во хронолошки редослед со тоа што најновите написи се први. А, од друга страна до сите останати написи може да се дојде преку функција пребарување или пак листање на категориите на написите на блогот.

Како може да Ви помогне блогот како маркетинг средство?

Постојат многу придобивки кои ќе можете да ги искористите со Вашата веб презентација со блогот како посебен вид на веб страница.

Едноставно треба да се тргне дека интернетот претставува светско чудо на нашето време. Нема кој не е закачен на интернет. Според веб странатa www.internetworldstats.com која се занимава со статистика за користење на интернетот последните податоци за декември 2009 година покажуваат 1.802.330.457,00 интернет корисници на светско ниво што претставува 26,6% од глобалната популација на светот. Дали постои друго маркетинг средство кое има толкав број на корисници? И од друга страна кога ќе земеме дека оваа презентација може да се изведе со најмала инвестиција во споредба со другите маркетинг средства, во секој случај ќе влезе во категорија на едно од најефикасни и најефективни маркетинг средства.

Но, да тргнеме по ред. Што е она што може Вашиот бизнис да го добие со избор на блог како дел од Вашата веб презентација?

  • Со блогот Вашиот бизнис ќе добие веб присуство на глобалниот светски пазар. Веќе напоменавме дека 26,6% од глобалната популација користи интернет. Дури и да Вашиот бизнис е локален сепак еден ден ќе ги почувствувате придобивките од оваа презентација.
  • Повеќе индексирани страни од страна на Google претставува можност за повеќе потенцијални купувачи.
  • Презентација на Вашите производи. Можете да направите презентација на сите Ваши производи и/или услуги кои што ги нуди Вашиот бизнис. Овде можете да користите:
    • Текстуален материјал за опис на производите и/или услугите и коментари од Вашите постоечки потрошувачи
    • Слики на производи и/или услуги кои што ги нудите
    • Аудио записи за опис на Вашите производи и/или услуги како и коментари за истите од страна на постоечките потрошувачи
    • Видео материјали за Вашите производи и/или услуги како и коментари од Вашите постоечки потрошувачи.
    • Написи во форма на како да се направи нешто. Ова треба да биде поврзано со производите и/или услугите кои ги нудите.
  • Спроведување на анкети, анализи и истражувања. Блогот можете да го користите и за спроведување на различни анкети како би собрале информации за донесување на поквалитетни одлуки во иднина.
  • Објавување на прес конференции и маркетинг материјали. Секоја прес конференција или информација која се однесува за Вашиот бизнис или пак производите и/или услугите ќе можете да ги објавите преку Вашиот блог.
  • Блогот ќе ве поврзе со многу луѓе кои може да бидат Ваши потенцијални потрошувачи.
  • Ќе знаете што сакаат Вашите потрошувачи или пак потенцијални потрошувачи. Секој блог напис има интегрирано скрипта за коментирање. Секој коментар оставен на некој од Вашите написи ќе ви каже што е она што го сакаат потрошувачите, така да ќе можете да ги насочите сопствените активности во насока на задоволување на тие потреби.
  • Блог написите се вирозни. Вирозен маркетинг е нешто што го сонува секој претприемач. По секој напис може да има прати на пријател по е-mail. Така да можете да очекувате доколку Вашите написи навистина даваат некоја вредност за читателите брзо да се распространат до повеќе луѓе.
  • Блогот може да ви помогне да изградите бренд. Брендот ќе биде името на Вашиот бизнис, логото, слоганот и домеин името на Вашиот блог. На сите материјали што излегуваат од Вашиот бизнис ставајте ги тие работи.
  • Блогот може да ви помогне да изградите солидна репутација. Со објавување на различни написи за Вашата индустрија Вие ќе се градите како еден експерт од тоа подрачје. Оваа постојано ќе ви ја зголемува репутацијата како на Вас како претприемач така и на Вашиот бизнис.
  • Блогот ќе претставува извор на постојано зголемување на границите на вашиот пазар. Доколку имате повеќејазична верзија на блогот Вашиот потенцијален пазар ќе биде неограничен. Доколку сакате да извршите интернационализација на Вашиот бизнис препорака е да имате задолжително и англиска верзија на блогот.
  • Блогот ќе ве спои со потенцијални снабдувачи. Освен од потенцијални купувачи блогот може да биде читан и од потенцијални снабдувачи и тие самите да ве контактираат и бараат да работите заедно.

Ова се само некои од позначајните придобивки кои може да ги добие Вашиот бизнис со блогот. Инаку може да се набројат уште многу други.

Како да се имплементира?

Се надевам дека веќе имате бизнис веб страна, а со тоа и хостинг и бизнис домеин име. Доколку немате завршете ги тие активности пред да започнете со бизнис блогирање. Следете ги следниве чекори:

  • Направете план на темите кои ќе ги обработува Вашиот бизнис блог.
  • Врз основа на темите определете ги категориите.
  • Подгответе барем 10 написи уште пред започнување.
  • Одлучете за домеин името на блогот, односно URL-то. Дали ќе биде www.vasbiznis.com/blog или ќе биде во вид на поддомеин www.blog.vasbiznis.com или пак ќе биде на посебен домеин.
  • Инсталирајте WordPress.
  • Објавете го првиот напис од подготвените 10.
  • Одлучете на кој период ќе го ажурирате. Најдобро е секојдневно, но доколку немате време размислете да одите барем со неколку написи неделно.
  • Подесете ги останатите 9 подготвени написи.
  • Одлучете кој ќе биде одговорен за пишување и ажурирање.
  • Бреинстормирајте постојано нови идеи за написи.
  • Споделувајте се што може да биде интересно и корисно за Вашите потрошувачи.
  • Промовирајте го и со другите традиционални маркетинг средства.

Излезе предолг написов, а мислам дека не успеав се да опфатам. Но, сепак се обидов да претставам некои значења за блогот како едно маркетинг средство.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Comments

  1. Корпоративната блогинг стратегија не е воопшто наивна работа. Постов е одлична опчетна точка за да ги натера претприемаците да размислуваат на темава. Сум имал искуство да работам на развој и имлементација на неколку различни стратегии за корпоративно блогирање, и можам да кажам дека потребно е доста работа и време, но резултатите знаат да бидат видливи многу брзо. Сепак во основа резултатите кои реално треба да се очекуваат се долгорочни и мора тоа да се има предвид.

    Мал придонес на темава…. од пред „многу” години: http://komunikacii.net/10/09/corporate-blog-is-yo

    http://komunikacii.net/09/01/mitovi-social-media-

    • Д-р Драган Шутевски says:

      Благодарам Дарко за надополнувањето, навистина двата написи кои не се баш пред многу години ќе дадат добар придонес за навлегување во темава од страна на претприемачите.

  2. Јас пак со уште еден одличен линк… има нешто свежо тука затоа го линкам, свежо барем за мене…. 🙂 а сум ги исчитал доста од книгите за корпоративно блогирање 🙂

    http://www.businessinsider.com/how-to-build-an-aw

Trackbacks

  1. […] го зборувавме за онлајн маркетинг средства како блогот и веб страната кои беа лични за Вашиот бизнис, […]

  2. […] на пребарувачи. Затоа како надополнување на блогот како маркетинг средство ќе ја разгледаме и оваа дополнителна […]

  3. […] Блогот како маркетинг средство е се позначајно маркетинг средство за малите бизниси и претприемачите. Но, време е за годишни одмори. Малите бизниси најголем проблем кој го имаат во однос на ова маркетинг средство претставуваат ресурсите. Недостаток на човечки ресурси кои ќе придонесуваат да не замре Вашиот бизнис блог во летниот период претставува вистинска закана за оваа маркетинг средство. Во многу случаи претприемачот е тој кој во целост ги изведува активностите на оваа маркетинг средство. […]

  4. […] сопствена онлајн презентација преку веб сајт или пак блог. Аутореспондерот е тој кој ќе се грижи за e-mail […]

  5. […] ја во базата на податоци. На Вашиот веб сајт или блог ставете форма за прибирање на информации за Вашата […]

  6. […] е, ова може да биде сменето кога станува збор за твојот бизнис блог со помош на овие 10 […]

Speak Your Mind

*