post

ПРЕОПТЕРЕТЕНОСТ СО ИНФОРМАЦИИ

Информациите се насекаде околу нас. Дали можете да замислите еден просечен човек колку информации прими во текот на еден ден. Кога оди на работа може да слуша вести на радио во колата, чита весник на работа, чита меилови на работа, бара информации на интернет, информации од состаноци, информации од средба со клиенти, информации од разговори на кафе пауза или пауза за доручек, гледа ТВ вести, чита книга… Ова се огромен број на информации што мозокот на човекот ги обработува секојдневно.

Интернетот во голем дел ја усложни обработката на информациите и само заради таа преголема достапност на информации. Интернет пребарувачите се тие кои ни ја поедноставуваат работата кога бараме некоја информација на интернер. Колку пати кога ви е потребна информација одите на google.com и барате? Но, и google има премногу информации, па во резултатите од пребарувањето ќе добиете и голем дел бескорисни информации. Алгортитамот на google постојано се подобрува, па така резултатите се се подобри и подобри.

Најчесто информациите ги користиме за да решиме некој проблем. Доколку пронајдената информација го решава нашиот проблем завршуваме со пребарувањето, но доколку не продолжуваме. Ова е системот на барање на информации. Можеби изгледа едноставен, но сепак не е. Ова е заради преголем број на информации кои ни се достапни. На пример, Вие сте претприемач кој се занимава со малопродажба на облека. Потребна ни е информација за се што се случува на интернет во оваа индустрија како конкуренти, производи, трендови итн. Да пребараме на google информации за облека. Еве што ќе добиеме:

googleobleka1.jpg

googleoblekarezultati1 Добивме различни веб страни кои содржат информации за облека. Од првата слика ќе видиме дека некои воопшто не ни се потребни како Википедија – лексикон на кој е опишан зборот облека. Но, имаме 333.000 веб страни добиено кои содржат информации за облека. Но, што се случува доколку сакаме да пребараме на англиски јазик ќе добиеме уште толку можеби и повеќе. Од друга страна пребарувањето на интернет бара комбинација на повеќе зборови, па би вклучиле на пример, фармерки, долна облека, блузи итн. Сето тоа ќе не доведе до еден куп на информации (милиони). Но, секоја информација не се добива директно од google. Ќе мора да го отвориме сајтот и да го разлистаме, да видиме за какви производи станува збор, какви цени има, каков е маркетингот доколку се работи за конкурентски сајт. Ако земеме дека ќе пронајдеме 20 веб страни со информации. Секоја веб страна ќе бара 10 минути задржување (проучување). Тоа се веќе 200 минути или скоро 3,5 часа. Па ќе треба систематизирање на тие информации во некоја ваша база на податоци, па анализа на тие информации што ќе бара дополнителни 2-3 часа. Што значи дека доколку сте добро изверзирани со работа на интернет сепак ќе изгубите цел еден ден за една квалитетна информација од анализа на еден куп на информации од интернет. Значи преку интернетот и google вие имате пристап до милион информации за една индустрија. Вашата работа е да го извлечете најважното од тие информации.

Тука би го спомнал и 80/20 правило кога се однесува за информации. Ова значи дека 80% од информации ви обезбедуваат само 20% од вашите вистински потреби за информации. Значи мора да пронајдете извори на информации во кои ќе верувате и тие да бидат 20% а да ви обезбедат 80% од потребните информации. Тешка задача. Но, ако се знае дека за успешни бизниси веќе не се доволни само пари и луѓе, туку најпотребен е и третиот ресурс, а тоа се информации.

Доколку немате доволно време за да зароните во базенот со информации и да ги влечете најпотребните би ви советувале за оваа активност да изберете outsourcing. За 300 до 400 денари од час може некој друг наместо вас да ја изведува оваа задача.

ПРЕПОРАЧУВАМЕ: 80/20 ПРАВИЛО

post

ЖЕНИ ПРЕТПРИЕМАЧИ

Објавивме артикал за жени претприемачи на pretpriemac.com, иако првично не сакавме да правиме разлика помеѓу мажи и жени. Бидејќи кога го користиме зборот претприемач мислиме и за жени и за мажи и не сакаме да правиме никаква дискриминација во однос на тоа прашање. Но по барање на поголем број на жени читатели на pretpriemac.com одлучивме да започнеме и со вакви теми. Од друга страна интересен е историјатот на жените претприемачи. Можеби навистина постојат поголеми проблеми за жените отколку за мажите. Сеуште жените претприемачи се гледаат со други очи од страна на мажите претприемачи.

Статистиките покажуват солидни резултати за жени претприемачи во развиените земји во последниве 20-тина години. Во светот еден од најголеми проблеми за жените претприемачи се наведува потребна доедукација во однос на менаџментот и претприемништвото. Затоа pretpriemac.com ќе посвети посебно внимание за можноста на едукација како на мажите така и на жените претприемачи со постојано пишување на практични согледувања и теоретски претпоставки за претприемништвото како умешност и наука.

Дадете ваши коментари за теми кои би биле интересни за жените претприемачи кои би им помогнало во водењето на сопствените бизниси и ние ќе дадеме се од себе за да ги обработиме во најкраток можен рок.

post

ЗОШТО ПРОПАЃААТ БИЗНИСИТЕ?

Бидејќи не можев да најдам некое истражување спроведено кај нас анализирав неколку истражувања во светот во однос на пропаѓањето на бизнисите. Во последниве 12 месеци видов две малопродажни продавници кои затворија по 6 месеци од нивното отворање и кои се наоѓаа во мојата близина. Интересно е што на локацијата кај што едната затвори по месец дена друг претприемач започна бизнис ист како и затворениот. Премногу храбро, бравоооо!!!!! Но пред некој ден гледам дека имаше неколку муштерии кои пазарат, чекаат на ред за плаќање итн. Браво, значи подобри се од претходниот претприемач. Започнување на сопствен бизнис не е само добра идеа, наоѓање на локација и отворање (започнување со работа). Дури по овие активности доаѓа она вистинското за претприемачот, да привлече потрошувачи (маркетинг), да ги менаџира финансиите, да управува со вработени…

На бизнис пазарот отпочнуваат многу исти или слични бизниси, но по неколку години остануваат и одат во следната фаза од животниот циклус само мал процент. И повторно исто прашање: Зошто пропаѓаат бизнисите? Согласно едно истражување кое е објавено од John Murphy од Murphy Associates, Your Marketing Department бизнисите најчесто пропаѓаат поради:

  • Слабо разбирање или недостаток на вештини за готовискиот тек – 82%
  • Започнување со премалку финансии – 79%
  • Недостаток на квалитетен бизнис план – 78%
  • Поставување на несоодветни цени на производите – 77%
  • Преголем оптимизам за продажба и потребни финансии – 73%
  • Игнорирање и непрепознавање на сопствени слабости и небарање на помош – 70%
  • Недоволно промовирање на бизнисот – 64%
  • Недоволно или нерелевантно бизнис искуство – 63%
  • Несоодветно делегирање – 58%
  • Најмување на погрешни луѓе – 56%
  • Недоволно разбирање или игнорирање на конкуренцијата – 55%
  • Преголемо фокусирање на еден потрошувач – 47%

Да продолжиме со уште дна анализа. На друго место прочитав дека најчеста причина за пропаѓање на бизнисите се:

  1. Претприемачот нема искуство
  2. Претприемачот нема доволно финансии
  3. Претприемачот избрал лоша локација
  4. Претприемачот лошо управува со залихите
  5. Претприемачот премногу инвестира во фиксен имот
  6. Претприемачот зема лоши кредити
  7. Лично користење на бизнис финансии
  8. Неочекуван раст

И двете анализи и истражувања навистина покажуваат елементи кои претприемачите или не ги познаваат или ги испуштаат па затоа веќе не се претприемачи. И навистина, незнам дали некој претприемач кој започнал бутик со текстилна стока има направено бизнис план, анализа на локација, вистинска анализа на готовински тек…

Внимавајте на овие елементи кога отпочнувате бизнис, навистина можат да бидат кобни за вашиот нов бизнис, но и за вас самите. Оставете коментар за вашите мислења зошто бизнисите пропаѓаат како би можеле да започнеме со подготовка на една анализа за елементи кои доведуваат до пропаѓање на бизнисите во Република Македонија.

post

НАЈВАЖНИ РАБОТИ ЗА ПРЕТПРИЕМАЧИТЕ ВО 2009

Сите анализи и предвидувања кажуваат дека 2009 година ќе биде тешка година. Уште сега се чувствува недостаток на финансиски средства за бизнисите. Банките ги усложнија и ги намалија пласирањата на кредитите. На што ќе треба претприемачите да обрнат посебно внимание во 2009 година?
Две работи за успех на малите бизниси ќе бидат клучни:

  1. МАРКЕТИНГ (Немојте да тргнете со кратење на трошоци од маркетингот. Единствено со добар маркетинг ќе можете да привлечете потрошувачи и солидни приходи за вашиот бизнис. За таа цел изберете неконвенционални и уникатни маркетинг техники. Користете онлајн маркетинг преку сопствен веб сајт, блог и онлајн социјални мрежи)
  2. ГОТОВИНСКИ ТЕК (Без соодветна готовина бизнисите ќе пропаѓаат. Направете квалитетна анализа на готовински тек и пред секој нов месец определете буџет што нема да го наруши готовинскиот тек на бизнисот и придржувајте се до истиот. Единствено така ќе имате готовина за водење на вашиот бизнис)

Ова се најголемите предизвици за 2009 година.

post

5 ПОДГОТОВКИ ЗА ДА БИДЕТЕ УСПЕШЕН ПРЕТПРИЕМАЧ

Дали претприемачот се раѓа? Дали за да бидете успешен претприемач е доволно да се родите како такви? Дали претприемништвото е нешто што се учи? Ова се прашања кои со години се бара одговор. На www.pretpriemac.com има артикал за 6 концепции за претприемништвото. И од овој артикал ќе видите дека постојат различни концепции кои се занимаваат токму со овие прашања. Но, сепак едно и единствено е точно дека предност можете да имате со вродени претприемнички особености, но таа предност за да се искористи треба да се подготвите соодветно и да знаете да ја препознаете можноста за вашиот бизнис. Но какви се тие подготовки?

Подготовките може да бидат од различен вид. Може вашите подготовки да ги стекнете со вашето високо образование. Се повеќе и повеќе факултети во Република Македонија нудат ваков високообразовен степен. Но, повеќето претприемачи или немаат можност да студираат или немаат време бидејќи веќе се зафатиле со сопствен бизнис. Постојат и примери на успешни претприемачи кои започнале и го развиле својот бизнис без факултет. Да го земеме примерот со основачот на Microsoft, Bill Gates. Ќе наведеме некои подготовки кои секој претприемач би требало да ги изведе без разлика дали има завршено или нема завршено високо образование кое опфаќа модул за претприемништвото.

  1. Читање на книги од оваа проблематика од кои може да се искористат разни совети кои коже да имаат влијание во текот на животниот циклус на вашиот бизнис.
  2. Читање на релевантни веб сајтови кои ја обработуваат оваа проблематика како www.pretpriemac.com. На ваквите сајтови ќе можете да најдете различни совети и теоретски и практични кои може да помогнат во развојот на ваѓиот бизнис.
  3. Читање на блогови кои обработуваат теми од претприемништвото како што е www.pretpriemac.com. Вклучете се активно во коментирање на темите од блогот и комуницирајте со авторите и посетителите. На ваков начин ќе можете да извлечете и добиете бесплатни совети за развој на вашиот бизнис.
  4. Зачленете се на форумите за претприемништвото и читајте различни теми и коментари. Собирајте информации за различни размислувања и процеси на работа за различни претприемачи.
  5. Развијте вештини како што е веб дизајнирање за да ги скратите трошоците за овие работи. Интернетот е во фаза на овозможување секој да биде достпен на веб и со помош на темплејти да си го развие сопствениот веб сајт без да потроши ни еден денар. Можеби професионалноста нема да биде на високо ниво на ваков начин, но доколку сакате да бидете достапни на веб (се смета дека бизнисите кои нема да бидат на веб нема да преживеат), а немате финансиски ресурси за да намите професионален изработувач на вашиот веб сајт започнете со овие бесплатни варијанти, па кога ќе имате можност во подоцнежни фази ќе преминете на outsourcing за овие активности. Запомнете важно е да започнете токму сега со веб презентација.
post

Добредојдовте на блог на pretpriemac.com!

Добредојдовте на блогот на pretpriemac.com. Тука ќе може да читате блогови и да давате Ваши коментари.