post

Дали меѓународниот менаџмент е меѓународна соработка?

Меѓународниот менаџмент има за цел да обезбеди ефикасност во работењето, оптимално управување и долгорочна стабилност на транснационална компанија. Меѓународните корпорации се занимаваат со деловни трансакции, кои ги надминуваат националните рамки, а меѓународниот менаџмент е конципиран така да овозможи остварување на оваа цел. За да работат успешно во меѓународните услови, транснационалните компании го подигнаа нивото на менаџментот за да овозможи функционирање на компаниите во различни држави, со различни луѓе и под различни услови. Меѓународниот менаџмент е посебна форма на менаџментот, кој ги користи меѓународните фактори на опкружување како основа за работењето. При тоа мора да се смета на поинакви правни, политички, човечки и економски фактори. Покрај различните стратегии кои ги користи, сепак меѓународниот менаџмент се базира на остварување на класичните функции на менаџментот, а тоа се планирање, организирање, екипирање, лидерство и контрола. Сите функции на менаџментот мора да се запазат, само извршните обврски се далеку посложени кај меѓународната компанија и менаџерот мора да има значително поголем личен капацитет и способност за нивното реализирање, отколку менаџерите кои работат во домашните компании. Секоја компанија која сака да излезе на меѓународниот пазар мора да ги познава принципите на меѓународниот менаџмент, за да може да се справи со постоечките проблеми, бидејќи јазикот, формите на управување, правните аспекти, верските, политичките и другите фактори, создават поинакви услови за работење. Менаџерите мора да иницираат заедничко работење на луѓе со поинакво образование, култура, во поинакви  правни, политички и економски услови и мора да имаат способност за соработка и разбирање на разликите помеѓу луѓето. Поврзувањето на земјите преку светскиот пазар, развива потреба за прифаќање и почитување на разни култури, верски и национални убедувања, народни обичаи и навики. Современиот менаџер се препознава по своите толеранции кон овие разлики. Меѓународниот менаџер треба да го издигнува својот деловен интерес и позитивните цели над сите особености со индивидуални обележја во комуницирањето со меѓународниот партнер. Договарањето е можно со секој кој има цивилизациски однос и кој ги почитува меѓународните правила на бизнисот. Постојат одредени сличности и разлики во областа на меѓународниот менаџмент:

  1. Постои согласност дека нема единствена и универзална метода на делување на менаџерите во општата концепција за постигнување на целите на управување. Односно целите на управување можат да се постигнат со користење на различни стилови на менаџмент.
  2. Во развиените земји во доменот на менаџментот има повеќе објективност во процесот на донесување на одлуки, но и субјективниот фактор често се вклучува во процедурите на донесување на одлуките.
  3. Меѓу менаџерите од разни земји постојат и сличности но и разлики во процесот на спроведување на менаџментот. Сличностите се изразени во поглед на општите принципи на менаџментот, а разликите во форма на културните вредности.

Постои модел од шест основни функции на меѓународниот менаџмент:

  1. Стратегиско планирање.
  2. Интернационално организирање.
  3. Интернационална кадровска политика.
  4. Интернационално комуницирање.
  5. Преговарање за интернационалните операции.
  6. Култура на интернационалните операции.

Транснационални компании можат да функционираат така што главната управа носи стратегиски одлуки, додека на филијалите им се остава одредена слобода поради совладување на специфичностите на секој пазар. Доколку компанијата сака да постигне успех, треба да обрне внимание на хармоничниот однос помеѓу нејзините составни филијали. Секоја дисхармонија во работењето на одделни деловни единици ќе придонесе за создавање на дисхармонија во целата компанија. Компаниите знаат да бидат често инертни и тешко да го менуваат своето работење. Двојната структура на раководење ги зголемува трошоците на работење па добро е доколку се обучат или испратат луѓе, кои можат самостојно да делуваат во рамките на одделните филијали. Тој флексибилен начин на работење овозможува постигнување на поголеми деловни резултати, бидејќи секоја филијала најдобро ги познава условите кои владеат во опкружувањето па можат самостојно да реагираат на секој предизвик. Организациската структура е слична како кај домашната така и кај меѓународната компанија. Има транснационални компании кои имаат централизиран однос со своите филијали и не дозволуваат развивање на нивната самостојност, бидејќи сметаат дека со тоа би се нарушила културата на компанијата, како и нејзината препознатливост. Ваквиот начин на работење е попродуктивен, но мора на ниво на компанијата да постои и да се негува заедничката деловна култура. Пример, фабриките на Toyota се секаде во светот слични, така да било кој автомобил што ќе се произведе во Јапонија може истовремено да се произведе и во било која фабрика на Toyota во светот.

About Илија Чубровиќ

Speak Your Mind

*