post

Добар менаџер – Постои ли такво нешто?

После подолго време и јас да се вклучам во менаџмент категорија на претприемач. Инаку, вообичаено оставам со оваа тема повеќе да се занимава Илија Чубровиќ.

Често пати од менаџерите, барем кај нас и според мое искуство се смета дека се добри ако знаат да наредуваат добро. Но, што е тоа наредба?

Добро, во армиите постојат наредби и служат заради дисциплинираност на војската. Но, во бизнис светот, во компаниите, каде се бара и креативност освен продуктивност и ефикасност, каде се бара и интелигенција освен едноставно спроведување, наредбите не можат да ја играат улогата која што ја играат во армиите.

Да започнам со една листа за тоа што се смета за добар менаџер.

  1. Добар менаџер пред се обучува, а не само наредува.
  2. Добар менаџер насочува, а не наредува.
  3. Добар менаџер делегира, а не наредува.
  4. Добар менаџер е со својот тим кој го менаџира, а не надвор со другите менаџери од неговото хиерархиско ниво.
  5. Добар менаџер безсрамно ги засукува ракавите и покажува, а не само наредува.
  6. Добар менаџер наградува, а не само наредува.
  7. Добар менаџер пофалува, а не само наредува.
  8. Добар менаџер слуша, а не само наредува.
  9. Добар менаџер ислушува, а не само наредува.
  10. Добар менаџер комуницира, а не само наредува.
  11. Добар менаџер гради пријателски односи со својот тим.
  12. Добар менаџер јаде со својот тим.
  13. Добар менаџер разменува искуство со својот тим.
  14. Добар менаџер влетува во огин за својот тим, а не се крие во позадина.
  15. Добар менаџер ја превзема одговорноста за резултатите на својот тим, а не остава тимот да биде единствениот одговорен.
  16. Добар менаџер има визија за промени, но промените ги започнува од себеси, а потоа кај тимот кој го менаџира.
  17. Добар менаџер знае што прави самиот тој, но знае и што неговиот тим прави за организацијата.
  18. Добар менаџер иако по функција треба и да контролира, но секогаш тоа му е последната работа.
  19. Добар менаџер гради тим, а не поединци.
  20. Добар менаџер е добар, само затоа што неговиот тим е добар.

Мислам дека се доста иако листата може да оди до бесконечност. Но, за да еден менаџер биде добар менаџер не зависи и од самиот тој менаџер. Само ќе наведам некои фактори кои влијаат на тоа за тој да биде добар менаџер а кои не се директно зависни од него:

  • Хиерархиското ниво на кое се наоѓа
  • Менаџерот над него
  • Самата организација
  • Опкружувањето
  • Индустријата

На пример, погоре се вели дека добар менаџер гради тим, а не поединци. Но, како еден менаџер ќе може да изгради свој тим за кој ќе смета дека ќе биде најдобар за најдобро функционирање на организациската единица со која раководи, доколку менаџерот над него е оној кој носи одлука за тоа.

Интересно е на пример со оние одделенија кои претставуваат таканаречени “казнени експедиции”. А, секаде постојат, да не се лажеме. Како еден менаџер таму да биде добар менаџер?

Што ако некој од вработените му е “наметнат” и намерно го бојкотира менаџерот? А, да бидеме реални кај нас се поверојатни таквите ситуации, па и лично сум имал такво искуство. Доколку се отворат книгите за менаџментот, за такво нешто не станува збор никаде. Дали ќе се пожалиш на првиот надреден? Дали ќе го казниш, иако знаеш дека казната ќе ти биде одбиена? Дали ќе седнеш и самиот ќе ја сработиш работата за да биде се цакум пакум како што треба?

Не е се идеално, како што се мисли. И, многу е ретко да може еден менаџер да ги инкорпорира сите оние погоре наведени карактеристики на добар менаџер, затоа што не зависи само од него.

Но, потребно е да се започне со нешто. Понекогаш е доволно и со само неколку карактеристики да се дојде до целта.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*