post

Екипирање како менаџерска функција

Екипирање како менаџерска функција

Екипирање како менаџерска функција

Екипирањето претставува составување на тимови на вработени (менаџери или неменаџери) кои ќе ги извршуваат работните задачи. Тоа е менаџерска функција која мора да ги индентификува потребите за работна сила, да има увид во профилот и квалитетот на кадарот што е на располагање, да вработува нови работници, да врши селекција на работници итн., заради ефективно и ефикасно извршување на посакуваните цели. Успешните луѓе прават бизнисот да биде успешен, па планирањето на кадри е неопходно потребен чекор, на што треба да се посвети големо внимание.

Компанијата треба постојано да биде обезбедена со способен и искусен персонал. Обезбедувањето со кадри, односно екипирањето е услов без кој не може да се замисли извршувањето на работата, оние кои не ги планираат своите потреби од кадри, ќе се соочат со тешкотии при обезбедување на соодветен персонал потребен за остварување на целите. Без некои машини може да се работи, без доволно финансиски средства исто така, но без луѓето никако не може да се работи. И кога ќе бидат наполно автоматизирани производствените системи, кога нема да има потреба од луѓе за извршување на физичката работа и тогаш ќе има потреба од луѓе за извршување на другите активности во компанијата. Со набавка на автоматизираната опрема, компанијата ќе постигне подобри резултати во работењето, но за да може целиот процес да функционира, вработените мора да бидат претходно обучени за извршување на работните задачи.

Планирањето на кадар покрива период од неколку месеци па до неколку години, во зависност од тоа за која индустриска гранка се работи, како и од понудата и побарувачката на работната сила на пазарот. Колку е поквалитетно извршена оваа функција, толку поставената цел е поблиска.

Бројот на вработените потребни во една компанија, не зависи само од големината туку и од комплексноста на организациската структура, како и од плановите за идната експанзија. Бројот на менаџери и неменаџери не следува од никаква законитост, ниту може да се постави процентуална зависност каде што би можело да се каже дека во една компанија теба да има толку % менаџери, а толку % неменаџери. Пример, доколку се работи за транспортна фирма (камионски превоз), тогаш ќе постои повеќе потреба за неменаџерски кадар (шофери, мајстори, луѓе задолжени за утовар или истовар). Доколку се работи за високо технолошки развиена фирма, тогаш ќе има повеќе потреба од менаџерски и високотехнолошки образовен кадар. Со промена на кадровската поставеност, бројот на менаџери и неменаџери може да се зголеми или да се намали без разлика на големината на компанијата или на големината на тековно производството.

Бројот на вработените зависи и од голем број на внатрешни и надворешни фактори. Најзначајните надворешни фактори кои влијаат на потребата од кадри се:

  • политичките,
  • правните,
  • економските,
  • техничко технолошките и
  • социјалните фактори.

Политички фактори

Политичките фактори кои ја определуваат состојбата во државата и во економијата, на директен начин влијаат врз бројот на вработените луѓе. Јасен пример се Источна и Западна Германија, кои со различни политички системи (социјалистички и капиталистички) создадоа услови за невработеноста и економската успешност во двете држави да биде различна и тоа кај ист народ кој претходно имал слични перформанси по голем број на прашања. Искуствата што ги имаа Источна и Западна Германија, се светски познат пример на доброто, односно лошото влијание на политиката врз економијата или врз благосостојбата на нацијата.

Пример, дека политичарите и во помалку успешните политички и економски системи можат да бидат успешни е Словенија, која во рамките на социјалистичките земји покажа најдобри резултати во работењето и многу бргу успеа да се приклучи кон успешните западноевропски економии. Пример, на неуспешни капиталистички политичари и економии може да се најдат секаде, а најтипични примери можат да се набљудуваат кај одделни земји од Јужна Америка. Уште постојат и земји кои имаат изразени верски, милитарни или други обележја, на чело со политичарите кои го подржуваат функционирањето на овие држави, што придонесува за постигнување на различни економски перформанси, а со тоа и различни политики на вработување, најчесто со негативен предзнак.

Правни фактори

При секое отпочнување со работа, било да се работи за домашниот или странскиот пазар, компанијата како прво ги проверува политичките и правните услови кои владаат во таа земја. Тоа се доминантни фактори на кои компанијата може, но некогаш и не може да влијае.

При формирање на компанијата или доколку компанијата има намера за влез на нови пазари, покрај истражувањето со кое се добива слика за тоа колку производот или услугата која компанијата ја нуди е барана на тој пазар, се преиспитуваат и правните регулативи кои владеат во тој регион или пошироко, бидејќи компанијата е обврзана да ги почитува сите законски обврски, поставени од страна на владата. Стабилните политички фактори, овозможуваат создавање и функционирање на стабилен правен систем. За сочувување на интересите на секоја компанија, многу е битно владата да не носи измени на закони преку „ноќ“. Така донесени закони можат да бидат: зголемување на данок, воведување на такси, зголемување на цените на енергенси (струја, нафта, гас…). Некој од овие законски дополнувања се добри и компанијата колку и да е погодена од така донесените одлуки во принцип избегнува да се конфронтира, бидејќи тоа би им создало негативен публицитет во јавноста, а секоја компанија настојува тоа да го одбегне. Одредени законски решенија можат да бидат донесени под притисок, за да се полни државниот буџет на штета на компанијата, но во пракса се јавуваат и случаи кога одредени правни решенија се носат заради остварување на приватните интереси на одредени моќни политичари. Со носење на така непредвидливи законски решенија, владата директно може да ги загрози предвидените параметри кои се потребни за да бизнисот функционира профитабилно и на директен начин се меша во работењето и интересите на компанијата.

Оттука произлегуваат следниве можни решенија:

  • Компанијата да се прилагоди на тие законски решенија и под неповолни услови да продолжи со работење, што најчесто се случува доколку менаџерите од компанијата немаат друг избор, или доколку со бизнис планот се предвидени и такви можности и претходно е подготвен амортизационен план, кој ќе го намали штетно влијание на така донесените законски решенија, што претставува комплимент за врвниот менаџер, бидејќи лоцирал голем број од заканите за компанијата.
  • Компанијата да на била претходно подготвена за така донесените законски решенија и да пропадне на пазарот.

Доколку компанијата е јака, а доколку се загрозени финансиските интереси на компанијата, тогаш компанијата може да се конфронтира со владата. Тука компанијата има две можности: Првата е да се жали пред меѓународниот арбитражен суд кој има ингеренции да решава таков спор. Втората можност е компанијата да превземе лобирање кај влијателни политички партии, ако треба и кај опозицијата. Во некои случаи компанијата е толку моќна што може да предизвика и државен удар и пад на владата. Компанијата треба да ги провери правните ограничувања поставени од страна на законодавец и да одлучи дали ќе може да се вклопи на таков пазар. Одредени земји создаваат поволни законски решенија и нудат економски поволности за компаниите кои ќе работат во тие подрачја, преку доделување на евтини локации, поволни кредити, намалени даночни обврски, намалена цена на енергенси и слично.

Економски фактори

Продажба

Економски фактори

Eкономскиот растеж резултира со зголемена побарувачка на производите или услугите (бидејќи луѓето имаат куповна моќ), што бара експанзија на работна сила, која треба да ги произведува тие производи или да ги реализира тие услуги. Во некои земји може да се случи одредена индустрија да биде интензивно развивана (авто индустрија, компјутерска индустрија, индустрија на мобилни телефони и слично) бидејќи носи голем профит. Во тој случај постојните конкурентски компании, настојувајќи да се прошират вршат зголемен притисок врз берзата на трудот барајќи способни и искусни поединци. Заради тоа компанијата мора да ги следи трендовите на берзата на трудот. Тука доаѓа до поклопување на интересите на компанијата и државата, бидејќи интересот на компанијата е да има на располагање секогаш школуван кадар, додека интересот на државата е да има што поголем број вработени луѓе. Па државата прискокнува на помош, отварајќи специјализирани школи за образување на кадар кој недостасува. Може да се случи и во рамките на една држава да постојат одредени региони кои се различно развиени (пример во Италија е побогат северот отколку југот), па државата може да се ангажира околу префрлување кадри од еден во друг регион. Доколку и на ваков начин не може да се обезбеди потребен кадар, под притисок на компаниите, развиените земји вршат увоз на потребен кадар од други држави. На тој начин странските стручњаци, во кои државата не вложила никакви средства за образование, доаѓаат и даваат придонес за уште поголем развој на развиените држави.

Доколку економската состојба во одредена држава е лоша, тогаш има голем број на невработени луѓе, па компанијата има можност, при вработувањето, остро да ги селектира потенцијалните кандидати, одбирајќи ги за своите потреби само најдобрите. Информации за долгорочните трендови на берзата на трудот можат да се добијат од различни извори, но во принцип менаџерите секојдневно се сретнуваат со овие проблеми и притисоци околу вработувањето, па добро се запознаени со трендовите кои владеат во економијата па и на берзата на трудот.

Техничко-технолошки фактори

Доколку компанијата поседува високата техника и технологија, таа најчесто ќе има високо барани производи на пазарот. Одликата на високотехнолошките автоматизирани производства, е таква што е потребно мал број на високообучени работници кои ќе го одржуваат производствениот процес. Ваквиот начин на работење се повеќе добива облик на работење во високоразвиените економии, каде паралелно со ова се јавува висока експанзија на образованието, а се јавува низок прираст на населението, односно наталитетот.

Доколку компанијата има стари технолошки процеси каде повеќе се потребни физички извршители, тогаш компанијата има потреба за континуиран прием, најчесто на ниско образовниот кадар. Тоa е најчеста слика кај помалку развиените држави.

Но, доколку компанијата или државата има високоразвиени технолошки процеси како и високотехнолошки производи ќе има и зголемени профити, што ќе овозможи уште поголем развој на компанијата, а преку нејзе, односно преку зголемените даноци и придонеси и државата станува побогата. Како недостаток на ваквотo работење се јавува мала вработеност, бидејќи се работи со високообучен персонал. Овој недостаток се амортизира со одделување на делот од данокот за социјалните давачки за невработените. Успешните држави одат и понатаму, организирајќи разни дополнителни курсеви и специјализации, што дополнително го зголемува знаењето во едно општеството, а знаењето сега претставува еден од главните фактори за создавање на економски успеси. Бидејќи кој го потценува знаењето и не го користи во доволна мерка, нека се обиде да користи незнаење, тогаш сам ќе ја согледа разликата.

Социјални фактори

Во социалните фактори спаѓаат: образованието, културата, демографските движења, етничка-расна-верска-политичка поделеност на државите и сл. Доколку е квалитетно образованието во една држава, тоа ќе придонесе за создавање на поквалитетен, поспособен, посовесен и поодговорен персонал за функционирање на било која компанија, па и пошироко за развој на државата, со што се подобрува квалитет на живеење на целото население. Односно ќе се создадат добри политичари, квалитетни законодавци, експерти и квалитетни работници, кои ќе поседуваат и развиваат знаења и вештини потребни за изведување и развивање на голем спектар на потребни активности. Во една средина не може да се развива високо технолошка индустрија, доколку не е развиено образованието, кое би било способно да го следи таквиот развој.

Уште еден од позначајните социолошки фактори претставува општата и поединечната култура. Тука мислиме на културата на живеење и културата на работење. Односите кон други единки, односите кон вработените, односите кон надредените, односите кон екологијата и ред други културолошки прашања, кои учествуваат во создавање на предуслови за подобро работење на компаниите и подобро функционирање на општеството.

Демографските движења претставуваат силен социолошки фактор. Тука анализираме повеќе фактори како наталитет, морталитет, старосна структура на население и слично. Доколку компанијата или пошироко државата не ги анализира овие параметри, ќе се соочи со големи проблеми. Младите и школувани луѓе претставуваат извозен „артикал“ на помалку развиените земји. Подоцна тие испраќат финансиски средства на семејствто, но и отвараат свои компании, носејки ги новите технологии во матичната држава, што придонесува за развојот на целокупната држава. Тоа пак му оди во прилог на уште поголемиот развој на западните економии. Како прво се користи интелектуалната и физичката сила на млади луѓе. Понатаму се пренесува знаење во неразвиените земји, бидејќи доколку тие не би имале доволно знаења за користење на технологиите кои ги произведува запад, тогаш запад би имал помал број на купувачи, па и профитната стапка би им била помала. Најчесто луѓе што емигрираат не се во состојба да купат најсовремени технолошки решенија, бидејќи се скапи или постојат забрани, од страна на западните држави, за извоз на високи технологии на одредени странски пазари. Заради тоа, најчесто се купуваат веќе користени, алати, машини, автомобили. Со така заостанати технологии, тие никогаш не можат рамноправно да им конкурираат на новите технолошки решенија од западните земји, а на западните земји им ги собираат старите машини и уште им плаќат за тоа.

Старосната структура на населението диктира и пласман на одредени производи. Не може да се пласираат производи наменети за помлада генерација, доколку населението е со постара старосна структура, оваа важи и обратно.

Етничката-расната-верската-политичката и другата поделеност на заедниците имаат исто големо влијание врз вработување. Иако законите во голем број на земји не ги толерираат овие поделби, сепак во пракса се сретнуваат големи проблеми и нетрпение, па конфронтираните страни (по било која основа), директно или индиректно, спречуват вработување на спротивната групација, што е погрешно и никогаш не треба да се толерира, бидејќи тие конфронтации подоцна можат да се зголемуваат до ниво на нереди или вооружени пресметки.

Внатрешните фактори кои го определуваат бројот на вработени, се: слободни работни места за кои компанијата пројавила интерес, потребните специјални вештини: сегашни или идни, редукција или проширување на некои оддели, воведување на нови технологии и слично.

About Илија Чубровиќ

Speak Your Mind

*