post

Идентификација на најверојатните прични на проблемите

Проблеми имало и ќе има во бизнисите. Задачата на претприемачот е да ги открие и да ги отстрани. Но, освен откривање и отстранување на проблемите претприемачот мора да обрне внимание и на нивно превентивно отстранување, што значи веќе никогаш да не се појават.

Една од честите грешки кои што ги забележувам кај претприемачите претставува и површно решавање на проблемот.

Што значи тоа површно решавање на проблемот? Одговорот е во следниве искази:

  • Делумно решавање на проблемот.
  • Решавање на проблемот без отстранување на причините за негово појавување.
  • Препознавање на причини кои не се суштински за појава на тој проблем.
  • Недостаток претприемачот процесот на решавање на проблеми да го гледа како процес на подобрување на бизнисот.

Како да се избегнат ваквите несакани активности во бизнисот?

Одговорот е едноставен, преку соодветна анализа на проблемот, препознавање на суштинските причини за појава и отстранување на тие причини со што ќе се обезбеди таков проблем повторно да не се појави.

Меѓу различните алатки за една ваква анализа претставува и дијаграмот на причини и последици, познат уште и како дијаграм на рибина коска или Ishikawa дијаграм.

Овој пост ќе биде дел од серијал на постови во кои ќе обработуваме различни алатки или техники кои им стојат на располагање на претприемачите во однос на различни активности во нивните бизниси.

Што претставува дијаграм на причини и последици?

Овој дијаграм е развиен од страна на професор Kaoru Ishikawa, пионер од областа на управување со квалитетот од 60-тите години на минатиот век.

Дијаграмот уште се нарекува и како дијаграм на рибина коска бидејќу конечниот изглед на истиот ќе биде во облик на рибина коска.

Иако основата на развојот на дијаграмот била во подобрување на квалитет, сепак оваа техника може да ви помогне во анализа на различни постапки во бизнисот како што се откривање на причини на проблеми, откривање на “тесни грла” во производствениот процес, подобрување на разни процеси…

Техниката е добра затоа што на еден уникатен начин овозможува креативно размислување на проблемите и разглобување на причините до најситни детали како би се дошло до вистинското решение.

Користење на алатката

За да се користи оваа алатка мора да постои проблем. А, во бизнисот кога нема проблеми? Само кога нема да постои тој бизнис.

Да ги опфатиме чекорите за наједноставен начин на примена на оваа алатка.

Чекор 1: Идентификација на проблемот.

Прво што треба да направите е да го идентификувате проблемот кој што сакате да го анализирате. Добро е дескриптивно да се опише проблемот за тоа што предизвикува, кои се последиците од него, каде се појавил и во кој оддел или под чија одговорност се појавил.

Откако ќе го дефинирате проблемот започнувате со конструкција на дијаграмот како на сликата подолу.

Дијаграм на последици и причини

Чекор 2: Идентификација на главните причини за проблемот

Во овој случај проблемот е последица на причините и поради тоа во вториот чекор мора да ги идентификувате сите можни прични за појава на тој проблем.

Кога станува збор за бизнис проблеми, најдобро е да се почне со чинителите кои може да бидат причина за тој проблем. Тие чинители може да бидат луѓе, процедури, материјали, вештини, системи, опрема…

Добро е проблемот да го набљудувате како дел од процесот и при тоа да ги идентификувате сите системи кои го сочинуваат тој процес каде се појавил проблемот. Бидејќи секој процес има влез, елементи (системи) кои го сочинуваат процесот и излез кој заради проблемот не е онаков каков што треба, сите тие составни елементи на процесот може да бидат потенцијални причини за проблемот или субјекти кои влијаат на излезот кој е проблематичен.

Задачата на овој чекор е да се бреинстормираат колку што може повеќе потенцијални причини за проблемот.

Откако ќе ги идентификувате можете да ги нанесете на дијаграмот како на сликата подолу.

Дијаграм рибина коска

Чекор 3: Идентификација на можни причини во секоја главна причина

Бидејќи веќе ги имате главните причини, секоја од тие причини е последица на некоја подпричина. Секогаш на прашањето зошто ќе има повеќе одговори затоа. На пример, доколку една од главните причини за проблем кој е доцна испорака претставува производствениот процес може да  ги имате следниве подпричини:

  • Подготвитело-завршно време
  • Layout во погонот
  • Норми
  • Грешки во производство
  • Планирање…

За секоја од овие причини ќе има сигурно дополнителни причини, кои е добро да ги расчлените во дијаграмот. На пример, доколку земеме грешки во производството може да бидат следниве причини:

  • Обука на вработените
  • Репроматеријал
  • Одржување на техничко-технолошка опрема…

Откако за секоја главна причина ќе ги идентификувате подпричините до најситен детал од расчленувањето внесете ги во дијаграмот кој го конструирате како на сликата подолу.

Ishikawa дијаграм

Чекор 4: Анализа на дијаграмот

Откако ќе завршите со претходниот чекор веќе ќе имате комплетен дијаграм кој ги прикажува сите можни причини за појава на проблемот до најситното расчленување на истиот. Ваквиот начин овозможува да обезбедите различни проблеми кон појава на проблемот преку идентификација на повеќе од само една причини. Во бизнисот само една причина за некој проблем не е вообичаен случај. Проблемите се комплексни и бараат покомплексни решенија.

Затоа во овој чекор ќе вршите анализа на дијаграмот. Анализата ќе бара подетално разгледување на секоја причина преку снимање на состојбата на терен, разговори со одговрните лица, интервјуирања, состаноци…

Целта на анализата е да се подготви проект со конкретни чекори за решавање на проблемот и отстранување на сите можни причини за појава на таков проблем во блиска иднина.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*