post

Како да ја намалиш точката на рентабилност?

Подолг временски период не се занимаваме со рентабилноста, односно рентабилна точка на еден бизнис која се анализира со графикон на рентабилност.

Филозофијата не е некоја голема работа, целта е да ја најдеме точката во која ќе успееме да ги покриеме трошоците.

Рентабилност наједноставно кажано ни кажува колку единици производ треба да продадеме или колкав приход треба да оствариме за да ги покриеме трошоците, а се над тој износ ќе донесе профит за бизнисот.

Основната формула за пресметка на точката на рентабилност е:

Рентабилност = фиксни трошоци/[(приход-варијабилни трошоци)/број на продадени парчиња]

или доколку се среди математички ќе имаме:

Рентабилност = (фиксни трошоци х број на продадени парчиња)/(приход – варијабилни трошоци).

Целта на еден претприемач е колку што може побргу да дојде во ситуација на покривање на трошоците и започнување со профитабилно работење. За, да биде оваа цел побргу остварлива ќе треба точката на рентабилност да биде помала. Зошто? Затоа што 100.000 парчиња продажба за рентабилно работење е потешко остварливо одколку 70.000 парчиња.

Ајде сега да дефинираме некои можности за намалување на износот на рентабилната точка.

1. За да се намали рентабилноста како износ треба да се намалат фиксните трошоци

Бидејќи во горниот дел од формулата имаме фиксни трошоци кои се независни од елементите во долниот дел од формулата (приход и варијабилни трошоци) и број на продадени парчиња кои пак се зависни од варијабилните трошоци може да се дојде до заклучок дека е најдобро за да се намали износот на рентабилната точка да се започне со фиксни трошоци и нивно намалување.

На пример, доколку имаме:

  • фиксни трошоци: 50.000 денари
  • број на продадени парчиња: 100.000
  • Приход: 100.000 х 100 денари = 10.000.000 денари
  • Варијабилни трошоци се 50% од цената на едно парче или 100 денари х 0,5 = 50 денари, така да вкупните варијабилни трошоци ќе бидат 50 денари х 100.000 парчиња = 5.000.000 денари.

Точката на рентабилност ќе биде: (50.000 х 100.000)/(10.000.000 – 5.000.000) = 1000 парчиња.

Значи ќе треба да продадеме 1000 парчиња за да ги покриеме трошоците.

Доколку успееме да ги намалиме фиксните трошоци за 10% тие ќе изнесуваат 45.000 денари. Рентабилноста ќе биде:

(45.000 х 100.000)-(10.000.000 – 5.000.000) = 900 парчиња. Значи дека доколку продадеме 100 парчиња ние веќе ќе реализираме профит бидејќи 900 парчиња ги покриваат трошоците.

Затоа добро разгледај ги сите фиксни трошоци и обиди се да ги намалиш. Ако тоа е износот на изнајмување на простор, преговарај за некое намалување. Ако тоа е износот на оперативни трошоци, обиди се да елиминираш нешто на пример хартија, сметки за телефон…

2. Намалување на варијабилни трошоци

Втората можност за намалување на границата на рентабилност е преку зголемување на продуктивноста како и ефективноста и ефикасноста на целиот систем во твојот бизнис. Бидејќи варијабилните трошоци директно зависат од број на продадени парчиња потребно е да се бараат можностите во самиот процес дали е тоа производствен или пак продажен, па и маркетинг процес.

На пример, намалување на трошоците за произведување на производи преку соодветна организација на синџирот за набавка и обезбедување на помалку трошоци во однос на набавените производи кои учествуваат во крајниот производ.

Како пример може да биде и маркетинг процесот. Често пати зголемување на буџетот за маркетинг може да донесе до зголемена продажба, но и зголемени варијабилни трошоци. Но, со квалитетна реорганизација на процесот како и подобрување во маркетинг тактиките може да доведе до зголемување на продажбата, а при тоа да се намалт тие трошоци. Доколку трошиш 20.000 денари месечно на маркетинг и обезбедиш продажба од 10.000 парчиња во секое парче како варијабилен трошок на маркетинг ќе влезат по 2 денари. Иако овој закон во пракса не е ист, сепак заради поедноставување можеме да земеме дека доколку инвестираш 30.000 денари во маркетинг ќе продадеш 15.000 парчиња.

Но, ти имаш можност за рационализација на маркетинг активности во твојот бизнис. Доколку се насочиш на идеалните купувачи и доколку ги отстраниш сите активности на кои трошиш пари, а даваат слаби резултати ќе може да успееш во намалување на тој трошок, односно со помалку пари да привлечеш повеќе купувачи.

Да се вратиме на нашиот пример. Дојдовме до 900 парчиња потребни за рентабилно работење. Сега доколку успееме да ги намалиме варијабилните трошоци да бидат 45 денари границата на рентабилност ќе биде:

(45.000 х 100.000)-(10.000.000 – 4.500.000) = 818,18 продадени парчиња

3. Зголемување на цена на производот

Како трет начин за зголемување на прагот на рентабилноста (забележете дека користам различна терминологија како граница, праг, износ бидејќи може да се најде различна терминологија а станува збор за исто нешто) е едноставно зголемување на цената на производот.

На пример, доколку ја зголемиш цената за 10 денари на едно парче ќе ја имаш следнава состојба во однос на примерот погоре:

(45.000 х 100.000)-(11.000.000 – 4.500.000) = 692,3

Значи за да работиме рентабилно ќе треба да продадеме 692,3 парчиња од нашиот производ, секоја поголема продажба ќе носи профит.

4. Поголема продажба

И како последна можност за намалување на прагот на рентабилност е да ја зголемиш продажбата. Но, за да успее намалување со ова мора да се внимава на варијабилните трошоци. Зголемување на продажба но, притоа без пропорционалнио зголемување на варијабилните трошоци ќе доведе до намалување на прагот на рентабилноста.

Овој начин е доста користен во практиката бидејќи се користат групи на производи, пакети, upsale, cross-sale…. На ваков начин се збогатува понудата, се зголемува продажбата без притоа драстично да се зголемат варијабилните трошоци.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*