Дали сте си го поставиле прашањето од насловот на овој пост? Доколку сте претприемач со висок потенцијал за успех сигурно веќе барем еднаш сте си го поставиле оваа прашања.
Понекогаш сметам дека главната улога на претприемачот е да постави вистински мерки кои ќе ги следи и врз основа на кои ќе донесува квалитетни одлуки кои пак ќе го туркаат бизнисот нанапред.
Во денешен деловен свет лесно можеме да наброиме не десетици, не стотици, не илјадници туку милиони различни мерки кои на овој или оној начин може да имаат влијание на вашиот бизнис. Некои од нив се директни мерки кои покажуваат износ од нешто на пример мерката профит покажува дали работите во добивка или загуба. Но, од оваа една мерка може да произлезат илјадници други мерки кои не се директни туку едноставно служат за подобро да го разберете работењето на вашиот бизнис. На пример, профит по број на вработени, или профит по број на купувачи, или пак профит по вложени средства… Сите овие мерки имаат за цел да ја видите пореално состојбата во која се наоѓа вашиот бизнис.
Постојат развиени многу клучни индикатори за перформансите кои навистина даваат огромен придонес кога станува збор за мерки и нивно следење, но сепак и оваа подрачје не е нешто што еднаш ќе се развие и работата е завршена. Се бараат различни прилагодувања, воведување на нови мерки, нови индикатори… И сето тоа на крајот води до збунетост од страна на претприемачите за тоа што е важно да се следи, а што не мора да биде приоритет број еден за нив.
Дали можете да следите милион мерки? Секако дека не.
Од друга страна, мерките кои традиционално се користат од претприемачите се оние како што ги нарекувам внатрешни мерки, нешто што се креира како мерка во самата организација и како таква се влијае на однесувањето на самата мерка. Но, денес не можеме да се базираме само на таквите мерки. Влијанието на околината е многу поголемо, и ќе биде уште поголемо. Денес се повеќе треба да се базираме на надворешни мерки (мерки кои се креираат надвор од организациските граници на вашиот бизнис) и врз кои немаме директно влијание да ги менуваме, туку едноставно да ги користиме и да се менуваме самите себеси и нашата организација доколку сакаме да успееме.
Можеби некој од вас очекува дека сега ќе обезбедам една листа со мерки кои треба да ги следите кои ќе изгледаат како едно волшебно стапче во решавање на сите ваши проблеми. Но, за жал не е така. Само ќе дадам подрачја на кои ќе треба да се насочите.
- Човечки ресурси.
- Купувачи.
- Технолошки развој.
- Конкуренција.
Овие се резултат од моето петгодишно практично и теоретско истражување на извори на организациски промени и ги ставив во приоритет број еден за следење што значи секојдневно и постојано. Тука недостасува уште едно подрачје или фактор како што го нарекувам, но во некоја друга прилика ќе пишувам подеталено за оваа.
Speak Your Mind