post

Lean менаџмент како филозофија

Lean менаџментот своите историски корени ги влече од Јапонија, поточно во Toyota Motor Corp и е познат уште и како Toyota Production System (Производен систем на Toyota).

Повеќето автори сметаат дека оваа филозофија се јавува помеѓу 60-тите и 70-тите години на минатиот век токму во периодот кога почнале да се забележуваат успесите на Toyota. Но сепак сметаме дека темелите на оваа филозофија се некаде во 1937 година на минатиот век и се започнати од човекот кој е основач на Toyota, Kiichiro Toyoda. Toyota во самиот почеток на своето функционирање имала конкуренти како што се Ford и GM – General Motors. Kiichiro Toyoda си поставил за цел да понуди ватомобил за иста или пак пониска цена од конкурентите, но со подобар квалитет. Затоа тргнал од тоа колку е спремен потрошувачот да плати и спрема тоа вршел пресметки за развојните и производствените процеси.

Уште тогаш, поради тоа што Toyota немала доволно ресурси кои би можела да ги вложува во поголем обем на производство, Kiichiro Toyoda барал да се штедат реурсите и во нивниот производствен систем да се произведат само толку автомобили колку што може да се продадат.  Тој често го користел поимот just-in-time (точно навреме).

По Втората светска војна новиот претседател на Toyota, Eiji Toyoda му дал задача на Taiichi Ohno кој бил шеф на одделението за машинска обработка,  повторно да ги разработи принципите на Kiichiro Toyoda. Во период од 15 години Ohno, со помош од производствено-техничкиот консултант Shigeo Shingo воведува програма за рационализација на производството која производствениот систем на Toyota го направил да биде еден од најефикасните системи во светот. Заради тоа, честопати оваа филозофија се нарекува и “ohnoizam” или “toyodizam” поради двајцата најзаслужни за нејзино развивање и примена.

Најпрвин оваа филозофија се користела само во производството, додека подоцна нашла примена и во менаџментот и целото работење на компаниите. Lean менаџментот спаѓа во групата на филозофии за континуирано подобрување бидејќи со неа се подобруваат сите аспекти на еден бизнис и особено на производствените бизниси.

Како што веќе кажавме за разлика од конкурентите како Ford и GM, Toyota не поседувала доволно ресурси кои ќе ги вложува во технолошки инвестиции и производство во големи серии туку морала да се прилагоди на таков начин што ќе ги произведува производите со пониска цена, подобар квалитет и побрза испорака од своите конкуренти. Оваа своја цел Toyota ја исполнила со производство само на онолку автомобили колку што можеле да продадат и со елиминирање на сите расфрлања во производствените текови.

На ваков начин тие го намалиле времето од нарачка до испорака на готовиот производ така да побргу ги добивале парите од купувачите пред да мораат да им платат на снабдувачите за суровината и полуфабрикатите. На ваков начин успеале да стекнат повеќе капитал за нови инвестиции. Од оваа практика на Toyota може да се види целта на Lean менаџментот:

  • Поврзување на нивото на производство со вистинските барања на потрошувачите
  • Континуирано подобрување на сите процеси во компанијата
  • Елиминирање на сите непотребни расфрлања (време кое не додава вредност на готовиот производ)

Со помош на оваа кратко објаснување би можеле да кажеме дека:

Lean менаџментот претставува коктел на концепти, техники, алатки и идеи кои содржат континуирано подобрување на сите процеси во организацијата со цел да се намали времето од нарачката на купувачите до испорака на готовите производи преку елиминирање на сите расфрлања кои не додаваат вредност во производствените и организациските процеси и произведување на онолку колку што може да се продаде со цена која купувачот е спремен да ја плати.

Но, треба да напоменеме дека концептите на Lean менаџментот не се применливи само на производствените бизниси. Тие можат да се применат на пример и во малопродажба преку:

  • Подобрување на процеси
  • Намалување на време од нарачка до продажба
  • Намалување на нивото на залихи
  • Поставување на вистинската цена
  • Намалување на трошоци.

Ова може да се однесува и на големопродажба и на услужните бизниси. Но, суштината на концептот доаѓа од производствените бизниси.

Основни карактеристики

Lean менаџмент иако своите корени  ги влече од производствен бизнис (TOYOTA) сепак има примена и во услужните дејности. Оваа филозофија обезбедува подобрување на севкупното работење преку насочување кон неколку критични точки.

Lean менаџмент Накратко ќе се обидеме да ги објасниме и опишеме следните карактеристики на Lean менаџментот (слика):

  1. Намалување на времето од нарачка до испорака на готовите производи
  2. Безскладишно работење
  3. Целен трошок
  4. Сплосната организациска структура и
  5. Принципи на Lean размислување.

Од погоре издвоените поважни карактеристики на оваа филозофија може да се забележи дека првите три ја отсликуваат дефиницијата која ја наведовме погоре. Четвртата карактеристика – сплосната организациска структура претставува последица од оваа филозофија, додека последната карактеристика Lean – размислување се однесува на принципите на кои се темели Lean менаџментот.

Да навлеземе во овие подрачја.

Намалување на времето од нарачка до испорака.

Времето од нарачка до испорака може да се претстави како на сликата подолу.

Lean Management време

 

Како што може да се види од сликата оваа време е составено од 4 елементи:

  • Време во кое се додава вредност. Ова е време во кое навистина бизнисот додава вредност во вид на нов производ или услуга, промена, подобрување, внесување на креативност, маркетинг итн. Активностите во оваа време го прават бизнисот ефективен и ефикасен.
  • Време на промена на серијата. Оваа време е извлечено од производствените бизниси и се однесува на промена на серија што значи и промена на типот на алатите кои ќе се користи при производството. Но, може да се користи и во малопродажбата, на пример време на промена на смена кога не се продава ништо. Значи оваа време не додава вредност за бизнисот, иако кај некои бизниси (особено производствените) може да се мери во денови, недели па дури и месеци.
  • Време на чекање. Оваа е време во кое производот и/или услугата кои ги продава бизнисот стојат, чекаат да бидат продадени. Затоа и не додава вредност. На пример, во производствен бизнис по завршување на производство производот се складира во магацин. Набавената стока од големопродажба во малопродажба стои на сталажите во малопродажниот објект. Создадената услуга чека да биде купена.
  • Време на транспорт. Оваа е времето потребно физички да се испорача производот од продавачот до купувачот. Во зависност од локацијата може да биде различно. Но, онаа што е важно е тоа што не додава никаква вредност на бизнисот.

Фокусот на Lean менаџмент е на трите времиња кои не додаваат вредност, со цел да ги елиминира сите расфрлања кои се јавуваат во бизнис процесите со тоа што ќе се подобрат тие процеси кои учествуваат во креирање на тие времиња за да се обезбеди нивно намалување, а со тоа и намалување на вкупното време од нарачка до испорака. На пример, доколку малопродажен бизнис нарачува производи кои бргу ќе се продадат ќе го намали времето на чекање.

Од сликата се забележува и дека околу 95% од времето од нарачка до испорака го сочинуваат времиња кои не додаваат вредност на бизнисот.

Безскладишно работење

Залихи и брег Втората значајна карактеристика на Lean менаџментот е произведување на онолку парчиња колку што можат да се продадат, односно онолку колку што се барани од потрошувачите. Оваа карактеристика доведува до безскладишно работење. Предуслов за ваквото работење при оваа филозофија е да постои реална проценка на побарувачката. Освен финансиските ефекти кои што ќе се добијат со ваквото работење постои уште една значајна придобивка, а тоа е овозможување на откривање на сите проблеми кои што постојат во бизнисот, а со тоа и нивно решавање со што ќе се изврши промена со која доаѓа и до севкупното работење на бизнисот. Ова може да се претстави како намалување на нивото на водата во езерото (складиштето) при што ќе можат да се видат гребените (проблемите) кои се криеле под нивото на водата, односно складираните производи (слика долу)

Целен трошок

Како трета карактеристика што ја издвојуваме за оваа филозофија е целниот трошок. Ова претставува одредување на цената која што е спремен да ја плати купувачот и потоа врз основа на тој податок се прилагодуваат трошоците на останатите бизнис процеси (дизајн, инженерство, набавка, производство, продажба). Во овој случај најважно е да се изврши реална проценка за тоа колку купувачите се спремни да платат за тој производ (да се определи целната цена). Со пресметаната целна цена (target price) се определува со колкави средства купувачот влегува во горенаведените бизнис процеси. Со вакво размислување оваа филозофија врши промена на основната економска формула од:

ТРОШОЦИ + ДОБИВКА = ЦЕНА НА ПРОИЗВОДОТ

во

ДОБИВКА = ЦЕНА НА ПРОИЗВОДОТ – ТРОШОЦИ

Математички гледано ова се исти равенки, но во суштината на работењето на бизнисите даваат сосема различни ефекти. Втората формула вели дека ништо не треба да се развива или отпочнува доколку купувачот тоа не сака да го плати. Карактеристично за оваа филозофија е тоа што цената на производот ја определува корисникот на тој производ.

Сплосната организациска структура

Како една од карактеристиките на Lean менџментот претставува и тоа што оваа филозофија доведува до сплосната организациска структура. Ова е поради фактот што ваквите организациски структури го забрзуваат процесот на донесување на одлуки, а со тоа и побрзо решавање на проблемите што пак доведува до побрзо подобрување на организациските процеси. Со ваквата структура ќе се овозможи искористување на нови можности, изведување побрз развој на производи и побрз одговор на желбите на купувачите. Во овој случај ќе постојат само тимови и лидери и се ќе се разгледува во вид на проекти кои ќе бидат изведувани од тие тимови.

Принципи на Lean размислување

Се смета дека Lean размислување претставува филозофија, додека Lean менаџментот претставува алатка за развивање и распространување на оваа филозофија. Lean размислувањето е составено од 5 принципи врз база на кои се темели Lean менаџментот. Овие 5 принципи се разработени од James P. Womack и Daniel T. Jones во нивното дело Lean Thinking. Тука Womack и неговите колеги ги воспоставиле принципите на Lean менаџментот и на Lean организација. Петте принципи на Lean размислување според Womack се:

  • Вредност. Вредноста како принцип на Lean размислување се однесува на вредноста што ја даваме на купувачите со нашите производи и/или услуги. Оваа вредност претставува се она што го нудиме на купувачите без разлика дали сакаме да го задржиме учеството на пазарот или да го зголемиме, но од гледната точка на купувачите. Принципот вредност на Lean размислување се претвора во целната цена, односно цената која купувачот е спремен да ја плати за таа вредност. Lean менаџментот има за цел да ја постигне таа цена со што ќе се задоволат купувачите и стејкхолдерите (интересентите).
  • Движење на вредноста. Движењето на вредноста како принцип на Lean размислување претставува процеси низ кои поминува вредноста се додека не стигне до купувачите. Lean менаџментот има за цел да ги управува овие процеси во функција на зголемување на вредноста. Во производствените бизниси според Womack постојат три нивоа на движење на вредноста:
    • Движење на вредноста низ производството на процесите
    • Движење на вредноста низ дизајнот и решавање на проблемите и
    • Движење на вредноста низ компаниското работење и управување.
  • Тек. Овој принцип на Lean размислувањето се однесува на расфрлањето (се она што го попречува текот на процесите во однос на движењето на вредноста се нарекува расфрлање). Lean менаџментот има за цел да обезбеди непрекинат тек на процесите во движење на вредност кон купувачите со елиминирање на сите расфрлања од преземање на суровината до испорака на готовиот производ.
  • Влечење. Се што е непотребно не смее да се пушти во процесот на производство, односно да се произведува онолку колку што е потребно. Со помош на Lean менаџментот во процесот се се изведува преку влечење врз база на барања на купувачите. Ова се обезбедува со помош на Kanban. Применувајќи го овој принцип на Lean менаџментот се овозможува безскладишно работење (работење без залихи).
  • Совршенство. Овој принцип упатува на тоа дека оваа филозофија со помош на континуирани подобрувања во мали чекори и радикални подобрувања во поголеми временски периоди на бизнис процесите, при што ќе се елиминираат сите расфрлања во тие процеси, ќе се достигне такво СОВРШЕНСТВО КОЕ ТЕШКО ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ КОПИРА ОД КОНКУРЕНЦИЈАТА. Совршенството се однесува како на краткорочни така и на долгорочни подобрувања и резултати од тие подобрувања.

Методи и техники кои се користат во Lean менаџмент

За да ги исполни задачите поради кои се применува оваа филозофија се користат различни методи и техники. Повеќето од овие методи и техники ги опфативме во KAIZEN филозофијата.

Lean методи и техники Согласно горенаведените основни цели на Lean менаџментот, методите и техниките користени од истиот би би можеле да ги поделиме на следниов начин:

  1. Методи и техники кои овозможуваат производство на онолку парчиња колку што се потребни, односно изведување на JIT (JIT – Just In Time – Точно на време) производство. Оваа се овозможува со Kanban. Оваа техника претставува одреден систем за дополнување, односно дополнување на потребните делови во вистински потребната количина и во вистинско време. Во процесот се користат т.н Kanban картици во движењето на производите (од репроматеријал до готов производ). Оваа метода не мора да значи дека е применлива само во производството. Дури и како идеја е добиена од големите супермаркети. Значи може да најде примена и кај малопродажба и кај големопродажба, како и во услужниот сектор.
  2. Методи и техники за елиминирање на расфрлањата кои се појавуваат во изведување на процесите. Се она што не допринесува во зголемување на употребната вредност на производот или услугата се смета како расфрлање. Оваа техника се однесува на откривање на расфрлањата во сите подрачја на организацијата, а не само во производствениот погон. Самото име на оваа техника вели дека има 7 расфрлања кои настануваат преку:
    • Претерано производство
    • Чекање
    • Транспорт
    • Процесот на обработка
    • Складирање
    • Непотребни движења
    • Производство со грешки
  3. Методи и техники кои овозможуваат брзи реакции на променетите барања на купувачите. Ова се овозможува со воведување на флексибилни производствени системи со кои брзо може да се промени начинот и типот на производот кој се произведува. Може да се однесува и на флексибилен систем за набавка и продажба кај малопродажбата и големопродажбата, како и на флексибилен услужен систем во услужните бизниси.
  4. Методи за намалување на времето на промена на серијата на производството односно алатот. Ова се методите SMED (Single Minute Exchange of Die), OTED (One Touch Exchange of Die). Овие техники се изведуваат последователно една по друга, односно после SMED следува OTED. И двете се алтаки со кои се намалува времето на промена на алатот. SMED како што кажува самото име има за цел да го намали времето на промената на алатот на помалку од 10 минути, а втората OTED оди дури до тој степен да алатот се промени само со еден допир, односно притискање на едно копче. Слободно може технологијата на овие техники да се примени во било кој бизнис процес.
  5. Методи за брзо откривање на проблемите, односно воведување на визуелни контролни системи за стопирање на целиот процес при појава на некој проблем. Ова се нарекува автоматизација. На пример, за малопродажба или големопродажба може да биде некој тип на Business Intelligence софтвер кој лесно ќе ги открива тесните грла и проблемите во бизнис процесите.
  6. Методи и техники за стандардизирање на операциите. Оваа техника служи за стндардизирање, односно предвремено определување на група на активности на операторот за да ја заврши задачата во соодветно време и на најдобар можен начин. Стандард претставува документиран најдобар начин на кој се извршува работата. Со ова се постигнува избегнување на некои грешки во работата кои веќе се откриени и поправени. Визуелна фабрика (може и визуелен бизнис) се однесува на тоа да сите елементи кои обезбедуваат нормални работни услови во бизнисот бидат на видно место поставени. На ваков начин се креираат стандарди на работното место со кои брзо се открива доколку нешто е надвор од планирано. За секој бизнис за оние секојдневни задачи и активности е потребна стандардизација.
  7. Методи и техники за континуирано подобрување од мали групи и системи за предлози. Со овие техники ќе може да се реши проблемот на преголема стандардизација и ќе се отвори креативноста и и претприемничкиот дух на малиот бизнис. Тука влегува Brainstorming како техника за генерирање на идеи.
  8. Методи и техники за подобрување на Layout-от на машините со кои се овозможува пократок процес на производство или било кој деловен процес. Тука може да се искористат 7W, Ќелиски layout, производство со тек на едно парче, мапирање на процеси, вредносно мапирање на процеси… И овие техники може да се искористат во непроизводствен бизнис со одредени модификации.
  9. Методи и техники за подобрување на квалитетот. Тука може да се искористат кружоци на квалитет (Quality Circles).
  10. 6 сигма. Оваа техника овозможува со помош на користење на статистички методи и техники во мерење на резултатите во процесите да се откријат проблемите или можностите за подобрување и на крај да се добијат 3,4 грешки на милион можности во процесот.

Можете да забележите голем дел од овие методи и техники веќе ги опишавме кога зборувавме за KAIZEN филозофијата.

Се што ќе придонесе до промена која води кон подобро или ќе предизвика ефект на пеперутка ќе биде добредојдено за секој бизнис. Бизнисите имаат свои процеси и секој процес може да се подобри доколку се сака и нормално се знае како.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*