Оваа недела на ред е 31-то маркетинг средство од овој турбо серијал на маркетинг средства кој го започнавме пред неколку месеци. Досега како 18-то маркетинг средство го опфативме Вашиот продажен тим и како 21-во маркетинг средство го опфативме Вашиот бизнис преку ставови на Вашиот бизнис.
Но, во овие две маркетинг средства фали централната фигура и тоа Вие како еден претприемач. Овие три маркетинг средства (бизнис, вработени и претприемачот) се севкупните внатрешни живи елементи на еден бизнис. Овој термин живи ми дојде на ум сега кога го пишувам овој напис бидејќи сите овие елементи дишат, а претприемачот и вработените се потсистеми на бизнисот. Дишат бидејќи претприемачот и вработените се биолошки системи, додека бизнисот како еден поголем систем ги содржи тие два биолошки подсистеми. Од друга страна оние неживи елементи се производот, услугата, технологијата итн.
Втора работа што сакам да ја напоменам е што овие три елементи (претприемач, бизнис и вработени) го градат кредибилитетот и репутацијата на еден бизнис како посебни маркетинг средства.
Како што постојано ќе бидат следени однесувањето и ставовите на Вашиот бизнис од Вашата околина така и Вие како претприемач ќе бидете постојано следени.
Од кого Вие како претприемач ќе бидете следени?
Како што веќе пишував во ставовите на Вашиот бизнис така и тука ќе бидат идентификувани истите следачи:
- Потрошувачи. Во оваа група спаѓаат и сегашните и потенцијалните, односно идни потрошувачи. Оваа категорија е една од најважните Ваши аудиенции. Потребно е посебно внимание да се обрне кон истите.
- Конкуренти. Во оваа категорија спаѓаат Вашите конкуренти кои имаат за цел или да ве стигнат или да се заштитат од Вас и Вашиот бизнис доколку им се приближувате премногу. Оваа категорија како маркетинг средство воопшто не е важна, но сепак има големо влијание врз Вашиот бизнис.
- Медиуми. Оваа категорија на Ваши следачи може да одигра голема улога за Вашиот бизнис. Еден краток прилог во вестите на некој медиум може да ви донесе огромен публицитет. Но, вниманието на оваа категорија тешко се свртува особено на малите бизниси. Посебно е важно да забележиме дека оваа категорија може и непријателски да се однесува кон Вас па затоа е потребно особено внимание.
- Вработени. Во категорија на следачи спаѓаат и вработените. Од една страна како потенцијални вработени за да привлечете квалитетна работна сила и од друга страна како веќе вработени кои можат директно да се вклучат во Вашите маркетинг активности и тоа неформални маркетинг активности. Ставовите навашата компанија можат бргу да бидат проширени преку Вашите вработени при нивни секојдневни контакти со надворешниот свет. Треба да се искористат на вистинскиот начин.
- Добавувачи. Ова е уште една категорија на Ваша аудиенција која постојано ве следи, а може да има огромна улога во Вашите маркетинг кампањи.
- Влада. Моќта на владата е толку голема што може да има огромни последици за секој бизнис, како позитивни така и негативни. Сведоци сме како со една одлука може да се унишатат империи од бизниси. Но, сведоци сме како со помош на Владата може да се изгради брзо бизнис империја. Потребно е особено внимание.
На оваа група на ентитети кои ќе ве следат би додал уште две групи:
- Вашето семејство. Каде се движите, како се однесувате, колку време поминувате на состноци и на работа. Оваа е нормална појава кога станува збор за Вас како една личност – претприемач.
- Вашите роднини и пријатели. Колку можат да ви помогнат, толку можат да бидат и љубоморни на Вашиот успех како претприемач. Затоа сметам дека и оваа група на ентитети од Вашата непосредна близина треба да биде добро избалансирана во Ваша корист и во користа на Вашиот бизнис.
Што е тоа што ќе го следат кај Вас како еден претприемач?
Ќе бидете следени на различни начини и во однос на различни Ваши лични елементи. Како што во Бизнис копија – Моќта на имитација наведов еден начин или пак еден процес како да следите некој успешен идол кој ќе го копирате и вметнете во Ваш сопствен бизнис модел така и некој друг ќе се обиде да ве следи и копира нормално. Освен тоа доколку има можност ќе се обиде да му наштети на Вашиот бизнис и на Вас лично.
- Ваши општи и бизнис ставови. Вашите општи и бизнис ставови во голем дел може да влијаат на градење на солиден кредибилитет и репутација.
- Начин на однесување. Вашето лично однесување ќе дава одредена слика на вашиот бизнис воопшто и може да биде едно од клучните маркетинг средства за луѓето со кои доаѓате во контакт.
- Начин на трошење. Имам еден пријател претприемач кој навистина започнува со сопствен бизнис веднаш по завршување на средното училиште. Бизнисот го води и развива и во текот на неговото високо образование. Може да се каже слободно дека за негови години има квалитетен успех како еден претприемач во однос на она што го има како материјални средства. Но, секогаш кога седиме и разговараме ми вели дека мора да внимава каква кола ќе вози и како ќе се облекува за да не се случи премногу да биде над другите – обичните луѓе бидејќи смета дека ќе му наштетат. И навистина има право. Љубомората е една лоша работа која може навистина да наштети на еден бизнис. Можеби во САД оваа не е проблем, но кај нас мислам дека сеуште постои.
- Начин на менаџирање на бизнисот. Ако сте успешен претприемач кој успешно го менаџира сопствениот бизнис ќе имате добар кредибилитет и репутација. Вашите вработени ќе бидат задоволни и ќе се обидат на секој начин да го промовираат Вашиот бизнис.
- Ваша појава воопшто како една фигура. Многу луѓе ќе ве гледаат како една фигура која се појавува и исчезнува. Сликата која ќе им остане во однос на Вас и вашиот бизнис ќе има големо влијание за понатамошната можна соработка со тие луѓе. Секогаш некаков детал кој човекот ќе го запази на Вас ќе остане по што ќе Ве памети. Така да внимавајте оваа Ваша фигура да биде усогласена со типот на бизнисот и кругот во кој се движите.




Speak Your Mind