post

Работи на еден проект се до финиш!

Како шеста препорака во написот Како да постигнете се што ќе посакате во 2010 година беше примена на вистински проектен менаџмент. Една честа грешка која ја правиме е што работиме на повеќе проекти одеднаш сакајќи да завршиме повеќе проекти во пократок временски период. Тоа не е точно, дека на таков начин ќе бидеме попродуктивни и ќе завршиме повеќе проекти за пократок временски период. Во тој напис како препорака ја дадов следнава:

Едноставна препорака кога станува збор за проектен менаџмент е да се насочите на завршување на еден проект пред да почнете со друг. Ова се однесува на внатрешни проекти во Вашиот бизнис. Доколку започнете неколку проекти одеднаш ќе го одложите завршувањето на сите започнати проекти што нема да биде корисно за Вас како претприемач и Вашиот бизнис.

Со реална проценка на потребното време и реална имплементација на проектниот менаџмент еден проект ќе го завршиме токму за тоа време кое го имаме определено со истите ресурси.

Значи ако за еден проект ни се потребни 3 месеци за негово завршување со исти ресурси и за вториот проект доколку ни се потребни 3 месеци не можеме да кажеме дека ако одеднаш работиме на двата ќе успееме да ги завршиме побргу. Ова е поради фактот што ресурсите ни се исти и за да работиме на вториот нормално е дека ќе имаме застој во првиот. Па така на ваков начин ќе ги завршиме двата за 6 месеци и во случај на паралелно работење и во случај на финиширање на првиот па започнување на вториот. Графикот за двата начина на работа е даден подолу.

Два начина на работа на два проекти

Проектен менаџмент - Два приода!

Она што се забележува од сликата е дека:

  • Глобално гледано двата проекта ги завршуваме за 6 месеци и во двата случаја.
  • Имаме одложување на првиот проект за 2 месеци во првиот начин во однос на вториот.

На ваков начин во глобала можеме да кажеме дека сме продуктивни, сме завршиле работа, но не е така. Она одложување на првиот проект значи и губење на пари за бизнисот бидејќи се додека еден проект не заврши не започнува и приливот на готовина од истиот во најголем број на случаи (повеќе за готовински тек во Бизнис план – Финансии).

Затоа во графикот подолу на истиот график од погоре додадов уште една категорија – готовина. На пример да кажеме дека едномесечна работа и на првиот и на вториот проект ќе не чини по 10.000 денари. По завршување на проектите и едниот и другиот има потенцијал да ни носи по 20.000 денари месечно. Така да сега графикот би изгледал вака:

Два проекти со категорија готовина

Проектен менаџмент - Влијание на готовина

Може да забележите дека тоа задоцнување на првиот проект од два месеци ќе доведе до 40.000 денари помалку пари во вид на влез во нашиот бизнис. Но, овде само како пример е 40.000 денари, но доколку додадете уште една или две нули за реални ситуации тоа веќе е голем износ кој не е за потценување.

Затоа внимавајте, бидејќи во изминатиов период се изгорев токму заради една ваква грешка и доцнам со неколкуте проекти кои ги подготвувам. Едниот веќе стигна доцнење од 5 месеци, што е недозволиво.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Comments

  1. Анонимен says:

    Одличен напис. Често се фаќам самиот себе како почнувам повеќе работи од еднаш, и за чудо многу од нив остануваат незавршени. Треба повеќе да се фокусираме на по некој проект и да го одработуваме до крај.

    Сепак многу ретко го правам ова поради стравот што еден или два проекти – нема да ми донесат тоа што го сакам, поради стравот од нуспех. Ставаќи ги „јајцата во една кошница“ ми се буди несигурност, иако се што е кажано погоре држи вода. Графикот говори се 🙂

Trackbacks

  1. […] Мултитаскинг е една од најпосакуваните опции на секој корисник на iPhone која што со последната верзија на оперативен систем ќе биде овозможена. Сите бараме мултитаскинг опции бидејќи сметаме дека ќе завршиме повеќе работа. Па така може да ни се случи во исто време да разговараме на телефон и да проверуваме дали имаме добиено e-mail или пак што се случува на Twitter. Сигурно повеќето од вас сте се нашле во состојба на започнување на неколку проекти, задачи, работни активности истовремено барајќи ја Вашата во тој момент најпродуктивна стратегија за остварувања. Повеќе за ова можете да прочитате во работи на еден проект се до финиш. […]

Speak Your Mind

*