post

Што му е потребно на образовниот систем кај нас денес?

Образованието треба да претставува основната движечка сила на една земја.

Образованието не треба да се натпреварува со родителите на едно дете или да ги гледа како конрапартнер на кој ќе се префрла одговорноста. Тоа не е нешто што треба да не научи да ги искажеме напамет оние формули кои ги учевме, да знаеме да покажеме која земја каде е на географска мапа, да знаеме која година била која војна…

Образованието служи да не научи како да се снајдеме и да дојдеме до инфомацијата која ни е потребна тогаш кога навистина ќе ни биде потребна.

Но, се повеќе стравувам дека тоа не е така.

Дали треба да знаеме која година била некоја битка кога живееме во светот на Wikipedia и Google?

Дури и прашањето како да се дојде до информација денес не е важно. Се чини дека се раѓаме со тоа знаење.

Па тогаш што е она најважното за нашите деца?

Најважно што треба да се научи е што потоа откако ќе се дојде до таа инфомација.

Како да се искористи? Што да се направи? Како да се подобри?

Тоа се прашањата на кои еден модерен човек треба да даде одговор.

Доколку пред десет години мораше да се купуваат специјализирани книги, на пример технички механики за да се проучат основните Њутнови закони, денес лесно можат да се најдат и законите, и она што следува во науката и што се базира на нив. Но, сепак креативното е како да се искористат тие закони во нешто ново за да се креира подобар живот за сите нас.

Денес лесно можеме да најдеме информации за патенти, научно-технички достигнувања во определени области на науката или пак филозофии за подобрувања во повеќе индустриски процеси. Но, повторно прашањето е што ќе правиме со тие информации? Како да ги искористиме?

Доколку во минатото тоа не беше случај, денес е возможно. Едно просечно дете е опкружено со Google, Facebook, Twitter, YouTube, Wikipedia, игри од кои може и да се учи, блогови, информативни сајтови… Слушам дека денешните деца не сакале да учат, биле мрзеливи… А, зошто да не се запрашаме дали им е интересно тоа што го учат? Дали препознаваат нешто корисно во тоа или едноставно гледаат да им помине времето за да завршат со она што мора да го завршат.

Пред некој месец интервјуирав повеќе матуранти кои имаат предмет претприемништво. Ги прашав дали им е интересно тоа што го учат. Одговорот беше многу поразителен: многу здодевен предмет преку кој гледаат да “набубаат” напамет за да ја добијат посакуваната оценка.

Како може предмет кој се нарекува претприемништво да биде здодевен предмет кога би требало да биде нешто највозбудливото за младите луѓе?

Тој предмет треба да поттикне започнување на бизниси, нешто што не беше случај во минатото. Доколку веќе се постигна напредокот во однос на воведување на таков предмет, сега треба да се обидеме да го подобриме процесот, да ги постигнеме целите.

Потребни се огромни промени. Колку побргу започнеме толку побргу ќе изградиме подобра иднина за сите нас. Да започнеме со она што треба да учиме: што потоа?

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Comments

  1. Александар says

    Младите луѓе денес се изложени на многу поголемо количество информации од целиот свет, на рана возраст и можеби тоа е една од причините зошто, во директна споредба, нашиот образовен систем, професорите и материјата, изгледаат застарено и нединамично.

    Уште еден проблем, кој не знам до кој степен е поврзан со образованиот систем е самата култура на учење. Нема љубопитност, нема доволно желба, туку учењето на кратки патеки е гледано како пречката што мора да ја поминеш пред да се посветиш на оние забавните работи, фудбал, излегувење итн. На долги патеки, учењето е пречката меѓу нив и дипломата.
    "Мора да се има дипплома, како без диплома? Такви времиња дојдоа…"

    Недостигот на култура на учење и љубопитност можеби е дел и од националниот менталитет, мрза, домашно воспитување. Равенката се чини комплицирана.

  2. Sutevski says

    Точно Александар, со еден збор жед за знаење. Но, повторно некој ја гуши таа љубопитност уште во најраните фази на развојот на едно дете. Сметам дека ја гуши затоа што децата се раѓаат со таа природна особина да разгледуваат, да всисуваат ноцо знаење, да пробуваат, да се обидуваат… Да паѓаат и стануваат… Прво сме ние родителите, потоа се вклучува и образовниот систем, потоа заедницата…

    Сите влијаат да стане она што го забележа во коментарот.

  3. Vladimir says

    Многу ми се допаѓа што пишуваш статија конкретно за нашето поднебје, за нашата реалност, а не превод од статија наменета за американското општество.

    Сега клучното прашање е, како суштински да ги имплементираме овие измени?

    • Sutevski says

      Точно така. Како да се промениме. Но, проблемот е поголем затоа што промените треба да започнат да се спроведуваат во сите сфери на еден модерен живот. А, актерите се многу (децата, родителите, владата, локална самоуправа, севкупното општество…). Сепак со добра стратегија, подршка од сите нивоа и едноставно желба да промениме нешто ќе успееме.

      • Vladimir says

        Според мене, во пристапот кон решението голема улога треба да одигра Министерството за образование на Р. Македонија, како највисока инстанца и со најголема моќ за преземање на крупни измени.

        Нив треба најмногу да ги загрижи коментарот на децата дека предметот за претприемаштво е „досаден“ и е за „бубање на памет“, бидејќи во Македонија повеќе од 99% од претпријатијата се мали бизниси.

        Ова е заштрашувачки бидејќи еден од малкуте предмети со практично применливи вештини неквалитетно се предава на учениците. Треба да се изготви и имплементира стратегија за реформа со која учениците ќе имаат слобода да бидат креативни, да се научат да размислуваат претприемачки, да бараат решенија на проблеми кои ги мачат луѓето и истите да ги преточат во производ/услуга за која некој би платил.

        Се разбира, иницијатива би требало да покренат и родителите и да се активираат сите можни форми на лобирање за подобро претприемачко образование, бидејќи кај нас, независно која професија ќе ја одберете, веројатноста дека ќе ви требаат претприемачки вештини е скоро 100%.

Speak Your Mind

*