post

6 стилови на менаџмент кои треба да ги знаете

Од стилови на менаџмент кои се користат во еден организациски систем зависат многу работи во еден бизнис. Да разгледаме 6 различни стилови на менаџмент кои може да постојат во една компанија.

стилови на менаџмент

Во зависност од конкретната деловна состојба, фазата на развојот на бизнисот или условите кои владеат во опкружувањето, менаџерот треба да го дефинира најефикасниот стил кој е прифатлив за вработените и кој добро функционира во дадената ситуација. Не постои менаџерски стил кој е универзално прифатлив и применлив во сите ситуации.

Стилови на менаџмент најчесто зависат од карактерот на менаџерот, видот на работа, едукацијата на луѓето со кои се соработува, како и од условите кои владеат на пазарот. Во праксата се издвоени шест менаџерски стила, но одделни менаџери знаат истовремено да комбинираат неколку стилови на менаџмент, согласно потреба или согласно личната проценка. Тие стилови на менаџмент се:

1. Автократски стил

– Јас ќе кажам што и како ќе се работи, бидејќи јас сум газда, јас сум „големиот“ водач.

Менаџерите со автократски стил на раководење ја користат најмногу власта што им ја дава нивната позиција. Тие наредуваат и барат послушност. Секоја критична ситуација која бара брза и одлучна акција, најчесто може да биде добро решена од менаџерот со автократскиот стил.

Овој менаџерски стил најчесто се применува за работење во турболентни средини, кага има голема инфлација, владее хаос на пазарот, егзистира променлива и несигурна влада, постои интервентна состојба (војна, земјотрес, поплави). Одговара и за работење со групи кои се недоволно обучени или недисциплинирани, но и за вработените кои имат изразени одредени психолошки профили.

Агресивните и непријателски расположените личности, под раководство на автократен менаџер ги извршуваат подобро зададените задачи. Нивните непријателски ставови се пренасочуваат кон обврските околу извршувањето на работната задача, па нивниот карактер поради презафатеноста не доаѓа во преден план. Несигурната личност, која чувствува зависност кон надредениот, се чувствува посигурно и работи подобро под влијание на автокраскиот лидер.

Автократскиот тип на управување не треба да биде применуван во соврамениот менаџмент, ниту треба менаџментот да биде граден врз база на апсолутното владеење врз луѓето. Туку менаџментот треба да биде дефиниран врз база на знаење, разбирање и човечки однос. Со тоа ќе се создаде добра работна атмосфера и продуктивно ќе бидат реализирани работните задачи.

2. Беневолентен стил

– Јас ќе кажам што и како ќе се работи, бидејќи тоа ќе биде најдобро за сите нас.

Ова е помека варијанта на автократскиот стил на работење, каде што менаџерот чувствува потреба, поради можниот отпор од страна на вработените, да го ублажи своето однесување, искажувајќи им благо почитување на вработените.

3. Консултативен стил

– Јас ќе одлучам, но со Вас ќе продискутирам за се, бидејќи сакам да го имам Вашето мислење.

Овој менаџерски стил се наоѓа помеѓу автократскиот и демократскиот стил. Помалку се користи, но секако егзистира во пракса.

4. Партиципативен стил

– Одлучуваме заедно, но сите гласови не се подеднако важни.

Овој менаџерски стил е најблизок на демократскиот стил, но покажува одредени негативности, бидејќи има доза на непочитување на подредените, па и мотивацијата која треба да ја создаде менаџерот кај вработените е помала.

5. Консензус или демократски стил

– За проблемот треба да се продискутира, се додека не се согласиме за одлуката.

Ваков менаџерски стил најмногу одговара за стабилно опкружување и за стабилна деловна политика. Менаџерите со демократски стил на раководење се консултираат со подредените за акциите кои треба да се превземат. Полесно ги решаваат проблемите, бидејќи се консултирани подредените и се дискутира со остатокот на тимот, се додека не се изнајде конструктивно решение. Стабилните групи добро работат заедно со демократскиот стил на управување, а добри резултати во работењето под демократското раководство ќе покажат и кооперативниот тип на личности.

6. Laissez-faire или либерален стил

– Правите што сакате.

Либералниот менаџер ја употребува власта многу малку, но овој стил не е осмислен да работи кој што сака, тоа би било неодговорно однесување. Овие менаџери им дозволуваат на подредените сами да постават задачи и да ги решаваат самостојно, при што им овозможуваат голема слобода во работењето и одлучувањето. Овој менаџерски стил е применлив кога се работи со високообучен и професионален состав. Се применува во компаниите каде свесноста и одговорноста е на високо ниво, а врвниот менаџер има доверба во подредените, дека беспрекорно ќе ја завршат секоја задача. Менаџерската улога се состои во пружање на подршка, информации и обезбедување на предуслови за реализација на задолженијата.

Автократскиот и демократскиот стил доста се користат во пракса и во зависност од условите и опкружувањето, како и од карактерот на менаџерите и на вработените, можат да дадат позитивни резултати. Притоа, можно е да се комбинираат и други менаџерски стилови. Кога се анализира ефикасноста во извршувањето на зацртаните цели, се гледа дека поуспешни се менаџерите со автократски стил. Меѓутоа, бидејќи е изоставена демократијата во одлучувањето и донесените одлуки се послаби во однос на демократскиот стил. Заради тоа демократскиот стил е поуспешен во донесувањето на одлуки, но понекогаш покажува слабост при реализирањето на зацртаните задачи. Од тие причини се препорачува стил на раководење кој се нарекува демократура (овој термин прв го применува Д-р Исак Адижес). Тоа значи да се биде демократ при одлучување, а автократ при спроведувањето.

Одреден менаџерски стил може да предизвика незадоволство кај вработените. Заради тоа се препорачува да се замени со друг менаџерски стил. Со тоа резултатите од работењето би се поправиле. Не препорачуваме крутост и едностраност во работењето. Менаџерот не треба да биде само оперативна машина која ќе ги спроведува наредбите и задолжувањата, туку треба да поседува одредени емотивни и човечки карактеристики.

Најдобар менаџмент стил е оној каде менаџерите соработуваат со вработените, развиваат кооперативен и колегијален однос, ги почитуваат нивните права и го наградуваат соодветно трудот, бидејќи луѓето се разликуваат многу еден од друг и затоа не можат да бидат третирани исто. Секоја личност мора да се набљудува со почит, да се испита нивното однесување во разни ситуации, па дури тогаш да се третираат соодветно.

About Илија Чубровиќ

Speak Your Mind

*