post

SWOT Анализа во 4 Чекори

SWOT анализа е алатка за планирање, особено за стратешко планирање. Се користи за проценка на Јачините (Strengths) и Слабостите (Weakness) како внатрешни елементи на бизнисот, Можностите (Opportunities) и Заканите (Threats) како надворешни елементи на бизнисот. SWOT анализата има голем спектар на корисност како за претприемачите така и за бизнисот воопшто особено доколку навистина се искористат информациите добиени од самата анализа. Но, честопати SWOT анализата започнува и завршува со SWOT матрицата (квадрант во чии полиња се излистани SWOT елементите).

Досега во неколку наврати на претприемач пишувавме за оваа анализа. Едноставно започнавме со основите на SWOT анализа, па изработивме еден дијаграм на тек за SWOT анализа па мојот колега и партнер м-р Илија Чубровиќ од започнување на претприемач претстави еден вид на прашалник за SWOT анализа кој тој го користеше при спроведување на оваа анализа во компании во македонија и накратко ја прикажавме SWOT анализата како дел од бизнис планот. По сето тоа изработив 10 различни бизнис темплејти кои можете да ги симнете на претприемач, а во кое еден темплејт е токму за SWOT анализата. Значи доста е експлоатирана темата за SWOT анализа.

Но, сепак не бев задоволен. Се некако ми фалеше нешто. Тоа што ми фалеше е едноставноста. Некако премногу научен пристап. Некако јазикот ми беше премногу сложен. Па затоа се одлучив да ја разработам SWOT анализата во 4 едноставни чекори и во вид на одговор на одредени прашања. Но да тргнеме.

SWOT Анализа

Чекор 1: Скенирање на Надворешна и Внатрешна Бизнис Околина

Една очигледна работа за секој бизнис е дека тој е опкружен со надворешна и внатрешна околина. SWOT анализата започнува со евалуирање на тековната состојба на надворешната и внатрешната околина. Оваа евалуација треба да ни овозможи да ги идентификуваме надворешните и внатрешните фактори кои влијаат на бизнисот. Внатрешните фактори може да бидат јачини, но може да бидат и наши слабости. Додека надворешните фактори може да бидат можности или пак закани.

Во овој чекор потребно е да ги идентификуваме сите фактори кои имаат некакво влијание врз нашиот бизнис.

Прашањата кои треба да ги одговориме се следниве:

  1. Кои се законските фактори кои влијаат на нашиот бизнис?
  2. Кои се еколошките фактори кои влијаат на нашиот бизнис?
  3. Кои се политичките фактори кои влијаат на нашиот бизнис?
  4. Кои се економските фактори кои влијаат на нашиот бизнис?
  5. Кои се социјалните фактори кои влијаат на нашиот бизнис?
  6. Кои се технолошките фактори кои влијаат на нашиот бизнис?
  7. Кои се конкурентските фактори кои влијаат на нашиот бизнис?
  8. Кои се менаџерските фактори на нашиот бизнис?
  9. Кои се стратешките фактори на нашиот бизнис?
  10. Кои се структурните фактори на нашиот бизнис?
  11. Кои се целите на нашиот бизнис?
  12. Кои се оперативните фактори на нашиот бизнис?
  13. Кои се технолошките фактори на нашиот бизнис?
  14. Кои се културните фактори на нашиот бизнис?
  15. Какви политики се имплементирани во нашиот бизнис?
  16. Кои се лидерските фактори во нашиот бизнис?

Како што можете да забележите со одговор на овие 16 прашања ќе ги идентификуваме најважните фактори од интерната и екстерната околина на нашиот бизнис. Првите 7 прашања се однесуваат на надворешната околина користејќи го акронимот LE PEST C (Legal, Ecological, Political, Economic, Social, Technology and Competition), додека следните 9 се однесуваат на внатрешната околина (формални и неформални подсистеми на бизнисот). Прашањата од 8-13 се однесуваат на формалниот подсистем, додека прашањата од 14-16 на неформалниот подсистем во бизнисот.

Чекор 2: Анализа на Надворешна и Внатрешна Околина

Во овој чекор ги анализираме факторите кои ги определивме во претходниот чекор. Целта е да определиме кои внатрешни фактори се наша јака страна, а кои слаба страна и кои надворешни фактори се можности, а кои се закани за нашиот бизнис.

Прашањата кои треба да се одговорат тука се следниве:

  1. Кои законските фактори се наши можности а кои се закани?
  2. Кои еколошките фактори се наши можности а кои се закани?
  3. Кои политичките фактори се наши можности а кои се закани?
  4. Кои економските фактори се наши можности а кои се закани?
  5. Кои социјалните фактори се наши можности а кои се закани?
  6. Кои технолошките фактори се наши можности а кои се закани?
  7. Кои конкурентските фактори се наши можности а кои се закани?
  8. Кои менаџерските фактори се наши јачини а кои се слабости?
  9. Кои стратешките фактори се наши јачини а кои се слабости?
  10. Кои структурните фактори се наши јачини а кои се слабости?
  11. Кои цели се наши јачини а кои се слабости?
  12. Кои оперативните фактори се наши јачини а кои се слабости?
  13. Кои технолошките фактори се наши јачини а кои се слабости?
  14. Кои културните фактори се наши јачини а кои се слабости?
  15. Кои политики се наши јачини а кои се слабости?
  16. Кои лидерски фактори се наши јачини а кои се слабости?

Чекор 3: Конструирање на SWOT матрица

До сега веќе ги излиставме сите фактори кои имаат некакво влијание на нашиот бизнис и ги класифициравме како јачини, слабости, можности и закани. Сега ќе можеме да ја направиме SWOT матрицата. SWOT матрицата е едноставен квадрант конструиран од елементите на SWOT акронимот и во секој квадрант се забележува факторот кој претставува јачина, слабост, можност или пак закана. Оваа е една одлична графичка презентација на она што е добро и што е лошо во бизнисот и што можеме да очекуваме како можност или пак како закана за нашиот бизнис.

Чекор 4: Дефинирање на Стратегиите

Дали она што досега го направивме е доволно за една SWOT анализа? Секоја анализа мора да ниги даде идните насоки на нашите бизнис активности. Доколку запреме тука не можеме да кажеме дека сме извеле успешна анализа. Затоа за секоја комбинација на квадранти во матрицата мраме да определиме стратегии. Од SWOT матрицата можеме да извлечеме 4 стратегии:

  • S-O Стратегии (Јачини-Можности стратегии). Овие стратегии треба да овозможат искористување на јачините и можностите за бизнисот.
  • W-O Стратегии (Слабости-Можности стратегии). Овие стратегии треба да овозможат надминување на слабостите и искористување на можностите.
  • S-T Стратегии (Јачини-Закани Стратегии). Овие стратегии треба да обезбедат искористување на јачините додека ги избегнуваме заканите од надворешноста.
  • W-T Стратегии (Слабости-Закани Стратегии). Овие стратегии треба да обезбедат елиминирање и на слабостите и на заканите за бизнисот.

Прашањата кои мора да ги одговориме во овој чекор се:

  • Кои се нашите S-O Стратегии?
  • Кои се нашите W-O Стратегии?
  • Кои се нашите S-T Стратегии?
  • Кои се нашите W-T Стратегии?

SWOT анализата која ни дава резултати во форма на стратегии за справување со тековната состојба и подготовка за идната состојба и која ги опфаќа и внатрешните и надворешните фактори е одличен одбранбен механизам за секој бизнис.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Trackbacks

  1. […] Како најдобро решение сеуште сметам дека ќе биде спроведување на SWOT анализа преку 4 чекори: […]

  2. […] Анкетен прашалник претставува практична примена на SWOT-анализа при истражување на работењето на производствените […]

  3. […] SWOT анализа во 4 чекори наведовме дека: SWOT анализа е алатка за планирање, […]

Speak Your Mind

*