post

Tеорија на менаџментот – Неколку дискусии за развојот

Теорија на менаџментот - неколку дискусии

Теорија на менаџментот - неколку дискусии

Значењето на менаџментот за развојот на едно општество е докажано низ голем број на примери. Развојот на САД, Германија и Јапонија, кои се примери за најуспешни економски општества, се должи на успешниот менаџмент. Како пример може да се набљудува и Русија, во која со доаѓање на власт на квалитетна и некорумпирана менаџмент структура, на чело со Владимир Путин, премина од земја со огромни економско-политички проблеми, во земја со добри економски перформанси.

Доколку се отиде подлабоко, менаџментот низ своите различни облици се јавува низ сите етапи на човековиот развој некаде повеќе, а некаде помалку успешно имплементиран. Почетни менаџмент активности сретнуваме во армијата, земјоделието, градежништвото. За успешно управување, односно менаџмент, може да се прочита во Библијата, да се видат пирамидите, да се анализира организирањето и функционирањето на Римските легии. Со примена на квалитетниот менаџмент се создаваа грандиозни дела и се забрзуваше остварувањето на новиот техничко-технолошки, културен и економски развој. Поради сите овие постигнати резултати, како и поради желбата за нови достигнувања, се јавува потреба за пообемно проучување на оваа проблематика, како и за имплементација на менаџментот во праксата. Во овој дел се обидовме да дадеме еден историски осврт на менаџментот, преку докажано реализираните историски потфати, кои нема да можеа да се реализираат доколку немаше квалитетен менаџмент. Сите детали за методите и начините на управување не ни се познати, но завршените и сочуваните проекти се главен сведок дека постоел квалитетен менаџмент.

Англискиот збор menagement се толкува како управување, водење на работите. Доколку го набљудуваме менаџментот во поновата историја, тој прво почнува да се применува во производството, а потоа се согледува дека истите менаџмент принципи може успешно да се применуваат и во другите подрачја, како: управување со болници, спортски објекти, универзитети, односно при стопанска и нестопанска активност. Менаџмент принципите можат да се применуваат и за подобрување на квалитетот на приватниот живот. Истите менаџмент принципи можат да се применуваат во различни држави, кои можат да бидат и со различен општествено економски развој, па дури и со различни законски и општествени уредувања. Сите менаџмент теории и принципи важат за сите држави во светот, бидејќи менаџерите работат со луѓе, а луѓето со своите мани и способности се исти низ целиот свет. Со глобализацијата (без оглед на нејзините приврзаници или противници) видливоста на тие ефекти станува уште појасни, а доколку и постојат разлики, тие се побргу исчезнуваат и се постигнува една универзалност во работењето (Процесот на глобализацијата, големата мобилност кај луѓето, како и другите средства за брза комуникација овозможи меѓу друго и брго ширење на знаењата, па на светско ниво може да се најдат голем број на типизирани менаџерски однесувања).

Со развој на менаџмент мислата, периодично ќе се објават нови теории или методи кои ќе бидат промовирани најчесто врз база на тоа од која земја се пласирани, дали Американска, Јапонска или Германска (бидејќи тие земји континуирано го истражуваат менаџментот и пласираат најголем број на нови методи во работењето), но теориите можат да се пласираат и од други земји. Благодарение на интернетот, како и на другите брзи начини на комуникација, знаењето бргу се шири, па штом во еден дел на светот ќе се пласира одредена менаџмент метода, за кратко време истата станува општо прифатлива и непречено се користи во целиот свет.

Некои автори менаџментот го набљудуват како уметност. Како дарба дадена од „виша сила“, односно сметаат дека менаџерите поседуваат некои дополнителни таленти што им овозможува да се занимаваат со менаџмент. Уметничкиот дел би се карактеризирал со голема креативност, индивидуалност, талентираност, моќ на расудување, искуство. Ние сметаме дека менаџерот мора да поседува доза на талентираност и надареност, за да се постигнат врвни резултати во работењето. Сметаме дека и помалку надарени личности, кои се квалитетно едуцирани, истрајни, вредни, можат да постигнат големи резултати во работењето. Но, талентираноста нема да биде од голема полза доколку менаџерот не се стекне со знаење и доколку вредно работејќи тоа знаење не го примени во пракса.

Менаџментот може да се набљудува и од научен аспект. Научниот дел претставува знаење што менаџерот го поседува и подразбира почитување на основните научни принципи и методи на менаџментот, што произлегуваат од искуството и докажаните експерименти. Можеме да тврдиме дека менаџментот може да се третира и како наука, бидејќи содржи научни принципи и методи. Набљудувањето на менаџментот како исклучива опција или-или (уметност-наука) е погрешно, бидејќи талент без наука или наука без талент, ќе даде многу посиромашни резултати во однос на заедничкото делување на науката и талентот.

Постојано, кај одредени луѓе се јавува мислење дека е најдобро да се има добар производ или услуга и сите други проблеми ќе бидат решени, а за менаџментот сметаат дека е помалку важен. Во праксата се востанови дека нема неограничен број на револуционерни производи или услуги, а доколку и се дојде до такви производи, тие производи ќе бидат бргу нападнати од страна на конкуренцијата. Единствено со патентирање на производот или услугата, компанијата може за некое време да се заштити од напад на конкуренцијата, но не за долго. Конкуренцијата ќе патентира сличен производ со незначителни измени во карактеристиките, па ќе ја искористи можноста да профитира. Постои уште една можност, а тоа е да се поседува монопол и во стартот да се уништи секој обид на конкуренцијата. Во развиените држави монополот не е дозволен и постојат антимонополски закони, кои не го дозволуваат нивното создавање. Доколку антимонополската комисија оцени дека постои обид за создавање на монопол, таквите компании се казнуват ригорозно. Монополот е полезен само за газдите на монополот и луѓето блиски до нивните структури, но за краток период. Доколку компанијата поседува монопол, таа ќе ги експлоатира купувачите преку поставување на високи цени и нудење на слаби услуги (бидејќи од неа се зависи). Нема да вложуваат напори за подобрување на производот или услугата и за одреден период (како што имавме случај со фабриките и компаниите лоцирани во бившите социјалистичките држави) тие ќе ја изгубат својата конкурентска предност и ќе станат неконкурентни на светскиот пазар, ќе пропаднат или ќе бидат превземени од страна на други сопственици. Па монополот, наместо да биде извор на радост, станува извор на проблеми.

Бидејќи на пазарот егзистираат повеќе познати производи и услуги, се поголем број на луѓе согледуваат дека со квалитетен менаџмент можат да се постигнат поголеми резултати во работење. Луѓето насекаде посакуваат менаџментот да им стане професија. Значи, менаџментот може да се набљудува и како професија. Менаџментот, низ целиот свет, на голем број луѓе веќе им стана единствена професија, дури може да се рече и посакувана професија. Се јавуваат луѓе, со различни професионални ориентации, кои се се повеќе заинтересирани за проучување и применување на менаџментот во пракса, бидејќи занимавањето со менаџмент носи поголем углед, привилегии, пари и други поволности.

За да се третира менаџментот како професија, треба да бидат исполнетии следниве критериуми (За ова може повеќе да се прочита во книгата Менаџмент од Тодоров Тодор и Димо Димков, Скопје, 2006, страна 45):

  • Да постои систем на знаења. Бидејќи постојат големи знаења за менаџментот и објавена е обемна литература, сметаме дека овој услов е исполнет.
  • Да постои формално учење на знаењето. Менаџмент се изучува на факултети, посдипломски студии, семинари, курсеви, па сметаме дека и овој услов е исполнет.
  • Да постои асоцијација на членство која зборува за професијата на професионален начин. Ова барање е делумно исполнето.
  • Да постојат етички стандарди на управување. Во потполност не се задоволени третото и четвртото барање, бидејќи менаџментот не е организиран професионално (макар што постојат одредени форми на организирање) во асоцијации, кои го принудуваат членството на одредено однесување и бара почитување на стандардите.
  • Наградите да се делат по fer-play услови. Во пракса менаџерите се платени по разни основи. Некаде имаат фиксна плата, некаде се платени врз база на постигнатите резултати… па овој услов донекаде задоволува.

Од наведеното заклучуваме дека менаџментот може да се набљудува и како професија. Иако не ги исполнува сите предвидени услови, реалноста покажува дека менаџментот е професија на голем број на луѓе.

About Илија Чубровиќ

Speak Your Mind

*