post

Тестирање на претпоставки во услови на неизвесност

Тестирање и експериментирање претставува една од главните обврски за вас како еден претприемач. Имате претпоставки, се занимавате со тестирање на тие претпоставки и притоа внимавате на стапиците и едноставно подобрувате бидејќи сепак тоа се само претпоставки, а не факти.

тестирање на претпоставки

Ќе започнам со едно истражување на Стенфорд Универзитет спроведено од Д-р Керол Двек кое покажува како луѓето размислуваат за нивните акции и како тие се поврзуваат со успех и неуспех во еден неизвесен свет на еден од два начини.

Една група е насочена кон активности каде е посигурно дека ќе успеат. Сите тие активности ги базираат на нивната сопствена интелигенција, знаење, вештини… Оваа група едноставно ја бара сигурноста за самите себеси. Втората група е сосема спротивно. Тие се насочени повеќе кон неизвесните ситуации. Тие се отворени за работите кои ќе ги предизвикаат. Тие разбираат дека грешките не се само факт во нивниот живот туку и можност за да го зголемат нивното знаење, вештини и вредност. Едноставно тие функционираат без страв дека ќе направат грешки на нивниот пат.

Првата група, Д-р Двек ја нарекува “фиксиран” мајндсет, додека втората група ја нарекува мајндсет за “раст”. Претприемачите со “фиксиран” мајндсет се обидуваат да направат планови кои ќе им го нацртаат патот однапред во вид на конечна насока за да стигнат таму каде што сакаат да стигнат и тоа едноставно и брзо.  За разлика од нив, претприемачите со мајндсет на “раст” креираат планови само за да добијат една појасна слика и веднаш штом разберат што сакаат да постигнат, ги користат плановите само како еден вид на водич. Во секој момент можат да го отфрлат, тие не се цврсто врзани за планот. Едноставно дозволуваат нивниот пат кон успешноста да дојде поблиску до нив. Затоа и го постигнуваат успехот.

Напомена: Овој наслов претставува извадок од епизодата 25 од подкастот “претприемачки пат“, за целосна содржина можете да го симнете транскриптот или пак да ја слушате епизодата преку следниов линк: “тестирање на претпоставки и стапици кои треба да ги одбегнете“.

Стивен Пресфилд во неговата револуционерна книга насловена како Do the work има напишано:

„Тројца најглупави типови на кои можам да помислам се: Чарлс Линдберг, Стив Џобс и Винстон Черчил. Зошто? Затоа што секој умен човек кој разбира колку се неверојатно напорни задачите што тие себеси си ги поставиле би се откажал и пред да започне. Игнорантноста и арогантноста се најголемите сојузници на уметниците и на претприемачите. Тие мора воопшто да не се свесни колку тешко ќе биде со нивното претпријатие – и доволно самоуверени да веруваат дека ќе успеат. Како можеме да ја постигнеме оваа состојба на умот? Едноставно да останеме глупави. Да не си дозволиме себеси да размислуваме. Децата немаат проблем да веруваат во неверојатното, ниту пак генијалецот, ниту пак лудиот човек. Тоа сме само јас и вие, со нашите големи умови и мали срца кои се двоумат и премногу размислуваат.”

Забележувате што е онаа што го карактеризира успехот и преку истражувањето и преку зборовите на Стивен Пресфилд. Успехот нема јасен и сигурен пат кој може да се помине.

Ајде да поставиме некои прашања на кои можете да одговорите во овој момент, а кои имаат за цел да ви кажат каков вид на претприемач сте вие дали со “фиксиран” мајндсет или со мајндсет за “раст”.

  • Кога налетувате на можност каде успехот или неуспехот се неизвесни, што правите?
  • Како ги третирате плановите во вашиот бизнис? Дали се статични или динамични?
  • Дали едноставно запирате со акции и започнувате со анализи, истражувања и разгледување на секој можен агол за секој предизвик на кој налетувате?
  • Дали поминувате денови или недели во размислување дали да се фатите со предизвикот пред вас?

Ајде уште еднаш да го разгледаме ова.

Имате, поточно мислите дека имате одлична идеја која сакате да ја претворите во бизнис. Идејата е нешто во што верувате дека ќе успее, ќе заработите пари, ќе биде голема уживанција работејќи, поточно градејќи еден таков бизнис, ќе биде забавно, ќе биде интересно, ќе го подобри вашиот живот но и животот на вашите потенцијални купувачи….

Па, што правите по таа првична еуфорија околу вашата идеја?

Ако сте како повеќето претприемачи, започнувате со истражувања, купувате книги или барате на интернет сакате едноставно да го зголемите вашето знаење околу идејата. Со зголемување на знаењето и идејата ќе се менува, ќе добива поинаков изглед, облик, форма…

Но, и како што се повеќе проучувате, ќе доаѓате до се повеќе прашања бидејќи како што повеќе учите чувствувате дека ви треба уште знаење. Затоа и продолжувате со вашето истражување, па во одредена ситуација доаѓате до сосема различни, дури и конфликтни информации. Таквите конфликтни информации ве прават несигурен за онаа што треба да следува што доведува до збунетост како една од основните опасности со кои се соочува секој претприемач.

Збунетоста и несигурноста за онаа што треба да направите ве води до одолговлекување на преземање на првите чекори.

Мора да напоменам дека оваа што го опишувам тука не се однесува само за нови, стартап претприемачи. Сето оваа е точно за сите претприемачи, па дури и за искусни, оние кои веќе имаат бизнис, но имаат и идеи да го прошират бизнисот со нови, свежи идеи.

На ваков начин губите два вида на драгоцени ресурси за вашиот бизнис, а тоа се време и пари. Губите драгоцено време кое што на секој претприемач му е малку и еден од најзначајните и најограничените ресурси. Временските ресурси не можете да ги зголемите. Имате само 24 часа во текот на денот, седум дена во неделата, 12 месеци во годината. Но, пазарот не чека, тој едноставно притиска, сака нешто ново, сака нешто корисно, сака нешто што ќе му го подобри животот…

Парите се вториот значаен реусрс што со ваков пристап го расфрлате. Иако можеби ќе ви се чини дека не е така, но времето лесно се претвора во пари. Едноставно пресметајте колку заработувате дневно и помножете го со денови изгубено време на истражувања, анализи, планирања…

Од друга страна ќе купувате книги, ќе се обидувате да дознаете повеќе, ќе одите на семинари и курсеви за претприемништво, ќе најмувате агенции за истражување на пазарот кои едноставно се експерти за “предвидување” на минатото.

Ваквите претприемачи сметаат дека успешните се попаметни од нив, имаат поголемо знаење, имаат поголемо искуство… Сметаат дека тие имаат некоја тајна информација на која го базираат сопствениот успех.

Но, сето тоа е далеку од вистина.

Успешните претприемачи се луѓе исто како и вас. Без разлика на неизвесноста со која се соочувате, без разлика на знаењето кое го поседувате тие се исти како вас, или барем сите започнуваме да се развиваме, растеме и созреваме на ист начин.

Претприемачкиот пат е да се прави нешто, нешто што не било направено досега. Нешто што иако се правело досега сега ќе се прави подобро. Претприемништвото претставува акт на креирање, тоа мора да го запомните и секогаш да го имате во вашиот ум во текот на вашиот претприемачки пат. И така кога се наоѓате во позиција на креирање и кога знаете дека никој не бил во подрачјата кои вие сакете да ги креирате, мора да бидете свесни дека никогаш нема да дојдете до информацијата која сметате дека ќе ви треба. Грешките се неизбежни, мора да ги поминете.

Доволно е да ги погледнете успешните претприемачи. Ретко ќе најдете некој кој успеал од прва. Зад повеќето успеси стојат не еден туку десетици и стотици неуспеси.

Хенри Форд својата визија успеал да ја реализира дури во својата четириесетата година од животот кога веќе имал голем број на неуспеси. Повеќето негови претходни обиди да се произведе и продава автомобил на широките маси биле неуспешни. Што доколку Хенри Форд се откажал од својата визија?

Денес едноставно вие ништо не знаете или вашето знаење не е сигурно. Зошто?

Затоа што во денешниот свет е невозможно да имаме способност да знаеме се и сешто. Тоа беше во минатото, а сеуште образовните системи во скоро сите земји во светот повеќе се насочуваат на минатото, а не на иднината.

Во променливиот свет во кој што живееме, работите кои што се точни денес, утре се сосема невалидни и неточни. Затоа и не можете да бидете сигурен за онаа што му треба на вашиот бизнис.

Денес едноставно се функционира на основа на претпоставки.

  • Кој ќе ги купува вашите производи или услуги?
  • Кои се нивните потреби?
  • Колку ќе ви платат?
  • Каде ќе ги најдете?
  • Дали производот или услугата ќе го реши нивниот проблем?
  • Имаат ли замена за вашето решение?
  • Дали вреди да се решава проблемот?

Вака доаѓам до клучното нешто, а тоа е учење па преземање на акција денес не е валиден начин! Денеска живееме во свет во кој функционира учење со преземање на акција.

Едноставно денес не можете да користите карти и мапи кога живееме во време на GPS  навигациски системи. Доколку не се адаптирате уште денес, ќе ви се случи да користите мапа во хартиена форма од 1960-та година како што татко ми постојано ми ги бутка во колата во време кога постои GPS. Дали рутите не се променети? Кои патишта веќе не постојат, а кои се новите автопатишта кои веќе се изградени? Но, не е само до имање на GPS навигациски систем. И тој систем доколку не го адаптирате со нови мапи, набргу ќе стане некорисен.

Неизвесноста ви е потребна за да обезбедите невиден успех.

Johnathan Fields во неговата книга насловена како „Неизвесност” вели:

Неизвесноста е патот. Неизвесноста е плодна почва за неверојатни работи. Без неизвесноста, не постои одличност.

Новото време обликувано со неизвесност се повеќе ја поставува креативноста како една особина пред се останато. Креативноста од една страна се постигнува преку поставување на прашања а, претприемачот ќе биде доволно креативен само доколку ги постави вистинските прашања.

Зошто малите деца се креативни? Затоа што постојано поставуваат прашања во стилот на зошто оваа, зошто така…

Верувам дека повеќето од вас се сеќаваат на незаборавната едукативна серија за деца Бранко коцкица. Во серијата се поставуваа многу прашања, и на сите тие прашања сите деца сакаат да одговорат. Доколку проверите повторно во денешните градинки и поставите тешки прашања секое дете ќе ви даде одговор без разлика дали е точен или не. Но, по неколку години кога би поставиле потешко прашање на пример на осмооделенец ќе забележите како сите се кријат еден зад друг без воопшто да се обидат да треснат одговор поради страв да не погрешат. Е, тоа нашиот образовен систем и не само нашиот туку секој образовен систем тоа му го прави на еден индивидуалец и креативноста која е вродена кај него. Тоа е всадување на страв да не се погреши.

Во бизнисот ваков страв едноставно ќе ве убие.

Значи свесни сте дека ви треба знаење кое во основа ќе го поседувате но и за специфични ситуации ќе го креирате во од, сега за да се осигурате дека ќе успеете ќе ви треба процес.

Основата на еден таков процес лежи во постојано претпоставување, но и тестирање на тие претпоставки.

На пример, да купувачите сакаат да имаме 10 мегапиксели камера интегрирано во нашиот производ. Но, сепак тоа е само претпоставка. Вие со тестирање треба да утврдите дали тоа е 10 или пак 9 или пак 8, или пак едноставно воопшто не ја сакаат таа карактеристика.

Но, прашањето е како да ги тестирате претпоставките. Лесно ќе дојдете до нив, но важно во процесот е тие да бидат тестирани и потврдени или прилагодени ако не се потврдат.

Постојат повеќе стапици кога се наоѓаме во модалитет на учење. Мора да бидете свесни за да ги избегнете, затоа што доколку бидете под нивно влијание процесот нема да ви успее.

И како за крај да сублимирам. Прво немате доволно знаење кое ќе ви помогне во овој свет кој се базира на неизвесноста. Тоа значи дека мора да се базирате на претпоставки, но да учите од валидација на тие претпоставки со што ќе влезете во циклус на постојано подобрување. Тоа е единствената формула за успехе денес.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*