post

За започнување на бизнис во 2012 ти треба…

Задачи пред започнување на бизнис Не, започнување на бизнис не е тешко. За да започнеш бизнис ти требаат малку пари, име на бизнис и човек кој ќе ја истрча работата со документацијата. Но, сепак секој сака, особено идните претприемачи, сакаат и сонуваат да изградат успешен бизнис.

Па што е она што му треба на еден претприемач?

Во овој пост ќе опфатам еден традиционален пристап, односно традиционални чекори за започнување на бизнис кои не дека не се ОК, но сепак можеби, потенцирам повторно можеби нема да бидат во согласност со 2012 година и пазарите кои се обликувани или ќе се обликуваат во 2012 година. Затоа и ќе се обидам традиционалното да го преведам во нетрадиционалното, модерното.

Сепак ова е само почеток на годината, допрва ќе работиме на теми од започнување на бизнис и секако посебен акцент ќе биде ставен на темаата бизнис план и процес на бизнис планирање.

Да видиме што е она што му треба на еден “сака да биде претприемач” за да започне бизнис изземајќи ги документациите потребни за ставање на бизнисот во правниот поредок на државата. Ќе започнеме со три основни столбови на секое започнување на бизнис.

#1 Бизнис идеја

Не треба да се повторуваме, но сосема е јасно за да се започне еден бизнис основата е бизнис идеја. Но, она што сакам да го потенцирам е дека таа бизнис идеја не мора да значи дека ќе биде истата и кога ќе се започне бизнис.

Може да имаш повеќе идеи кои низ процесот на започнување и кристализација на истите ќе се избере една. Но, и таа една не значи дека треба да се земе “здраво за готово” и да биде единствената уникатна опција за бизнисот и секако тебе како еден претприемач.

Запомни едно нешто. Ти како еден претприемач не си тој кој одлучува за една бизнис идеја да биде успешна. Пазарот ја има диригентската палка, пазарот и потрошувачите ќе кажат дали тој бизнис со таа бизнис идеја ќе успее или не.

СОВЕТ: Не се врзувај емотивно за било која бизнис идеја. Понуди нешто и собирај информации. Врз основа на тие информации прилагодувај ја таа идеја или тој производ или услуга.

#2 Бизнис модел

Ова е веќе вистинската алатка која ќе го дефинира и обликува бизнисот врз основа на почетната бизнис идеја. Бизнис моделот ќе ги опише основните активности кои бизнисот ќе ги спроведува за да ја испорача вредноста на потрошувачите.

Бизнис моделот ќе ги дефинира потрошувачите на кои ќе се насочи бизнисот, односно вистинските сегменти на кои ќе се испорачува вредноста дефинирана со бизнис идејата.

Бизнис моделот ќе ги дефинира сите потребни ресурси за спроведување на активностите на бизнисот заради испорака на вредноста кон дефинираните сегменти на потрошувачи.

Бизнис моделот ќе ги дефинира сите партнери на бизнисот како снабдувачи, соработници, инвеститори, помагатели…

Бизнис моделот ќе покаже како бизнисот ќе “прави пари” и дали ќе биде профитабилен.

Сепак, и бизнис моделот како и бизнис идејата не е нешто статично, нешто што ќе се изработи еднаш и ќе се држиме за тоа како “глуви на тапан”. Повторно, потрошувачите ќе си кажат дали тој бизнис модел е прифатлив или не од страна на пазарот и дали треба да се смени делумно или пак да се промени во целосно нов бизнис модел со сосема нова вредност или бизнис идеја.

#3 Бизнис план

Имаш бизнис идеја, имаш бизнис модел. Ајде сега да се испланираат сите чекори кои ќе треба да ги направиш за да се започне бизнисот.

Jас не сакам да користам терминологија бизнис план за започнување на бизнисот, бидејќи сметам дека таа терминологија не ја отсликува реалноста. Зошто? Затоа што еден претприемач во оваа фаза сеуште ја тестира идејата и бизнис моделот. Промена на бизнис идеја и промена на бизнис моделот, а 99% е веројатноста дека ќе бидат потребни такви промени, ќе бараат и промена на планот, односно запирање со спроведување на тој план.

На пример, вашата идеја е еден производ со 3 основни карактеристики кој решава три вида на проблеми. И нормално е во оваа фаза таа идеја да се базира на претпоставка дека такво нешто е потребно, бидејќи е познато дека постои проблем. Но, не е познато дали постои доволно силна желба за решавање на тој проблем. Не е познато дали постои можност од страна на пазарот да платат токму за тие три карактеристики и токму за тие три проблеми. Можеби еден дел сакаат 2 карактеристики и решение за еден проблем, друг дел нешто сосема друго, трет дел од пазарот пак и воопшто да не е заинтересиран или пак воопшто да не е свесен дека има таков проблем… За точните потреби нема никогаш да се знае со 100% сигурност без да се понуди решението, да се проба од страна на пазарот и добијат повратни информации за понатамошно прилагодување на бизнисот

Затоа можеби е подобро да се каже дека се работи за бизнис план за тестирање на бизнис моделот и бизнис идејата на која е базиран тој бизнис модел.

About Илија Чубровиќ

Speak Your Mind

*